Запленети котури сајла со дијамантски прстени наменети за сечење мермер, лекови, објективи за камери, цигари и маслиново масло - Канал 5

Запленети котури сајла со дијамантски прстени наменети за сечење мермер, лекови, објективи за камери, цигари и маслиново масло

Царинските службеници откриле повеќе обиди за криумчарење разна стока.

Запленети котури сајла со дијамантски прстени наменети за сечење мермер, лекови, објективи за камери, цигари и маслиново масло

Царинските службеници откриле повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани котури со сајла со дијамантски прстени наменети за сечење мермер, лекови, објективи за камери, цигари, маслиново масло и ремени за товар, информираат од Царинската управа.

Вкупно 18 котури од по 10 метри сајла со дијамантски прстени наменети за сечење мермер откриени биле од страна на царинските службеници од ЦИ Богородица, пронајдени по извршен детален преглед во задниот дел во багажниот простор во ПМВ Ауди А8 со косовски регистарски таблички управувано од страна на косовски државјанин пријавен за влез во државата на царинска испостава Богородица.

Непријавената стока била покриена со заштитна навлака за одело, врз која биле ставени три патни торбици со личен багаж. Вредноста на непријавената стока е 664.200,00 денари, истата е привремено одземена од лицето, а против сторителот до надлежното ОЈО е поднесена кривична по чл. 278 (криумчарење) од КЗ.

Царинската управа открила и 63 пакувања со разни лекови и медицински материјали (сирупи, таблети, чепови, спрејови, клизми, ленти за бандажирање и друго), откриени од страна на мобилни царински тимови, пронајдени во автомобил со германски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

-Откриени се и четири објективи за камери, марка ARRI Signature Prime, пронајдени во куфер сместен во багажникот на автомобил со бугарски регистарски таблички управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Вредноста на објективите изнесува 4.808.700 денари, а избегнатите давачки изнесуваат 1.149.279 денари, како и 60 ремени за затегнување на товар, откриени од страна на мобилни царински тимови пронајдени во багажникот на автомобил со австриски регистарски таблички, со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, се вели во денешното соопштение од Царинската управа.

Оттаму информираат и оти при проверки биле откриени 30 штеки цигари без акцизни маркички,во три одвоени случаи, при контрола на три возила управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Дојран.

-Во првиот случај, во две најлонски кеси сместени под креветот во кабината на камион со косовски регистарски таблички, биле пронајдени 18 штеки цигари MARLBORO, со вредност 25.200 денари и избегнати давачки во износ од 35.972 денари. Во вториот случај, во фабричка преграда во кабината на камион со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 6 штеки цигари KARELIA L BLUE, со вредност 5.676 денари и избегнати давачки во износ од 9.317 денари. Во третиот случај, под предните седишта и на задното седиште на автомобил со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 6 штеки цигари PS, со вредност 4.320 денари и избегнати давачки во износ од 9.714 денари. - 17 штеки цигари без акцизни маркички, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два автомобили со македонски регистарски таблички, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Во првиот случај, во багажниот простор на автомобилот биле пронајдени 8 штеки цигари OME и LM. Вредноста на цигарите изнесува 7.200 денари а избегнатите давачки изнесуваат 14.172 денари. Во вториот случај, исто така во багажникот на вториот автомобил, биле пронајдени 9 штеки цигари MALBORO, OME и PS, со вредност 9.077 денари и избегнати давачки во износ од 16.909 денари, велат од Царинската управа.

Исто така, во редовни контроли биле откриени и 472 лименки со вкупно 153 литри маслиново масло, пронајдени во просторот за резервна гума како и во повеќе кутии и торби сместени во внатрешноста и во багажниот простор на автомобил со словенечки регистарски таблички управуван од словенечки државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Вредноста на производите изнесува 60.000 денари а избегнатите давачки изнесуваат 10.800 денари.

Откриени биле и 250 маски за мобилен телефон „IPHONE’“ пронајдени на ЦИ Деве Баир за влез во државата во товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Тврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан.

Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал.

Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред.

Што содржеше објавата

На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат.

Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена.

Обвинителството нареди истрага

Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Фридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс.

Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“.

„Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој.

Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц.

Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно.

Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Срам за нашата земја“

Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија.

„Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Во неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс.

„За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен.

Што ќе се случи со окупираните територии?

Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања.

Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања.

Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата.

Безбедносни гаранции за Украина

Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки.

Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена.

Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер