Зајкова од Софија: Ако навистина ја сакате Македонија во ЕУ, покажете го тоа со дела – испорачајте мерлива поддршка - Канал 5

Зајкова од Софија: Ако навистина ја сакате Македонија во ЕУ, покажете го тоа со дела – испорачајте мерлива поддршка

Зајкова порача дека по повеќе од две децении европски ветувања, на Западниот Балкан повеќе не му се потребни нови декларации за европска перспектива, туку конкретни одлуки што ќе покажат дека реформите и исполнетите обврски носат реален напредок.

Зајкова од Софија: Ако навистина ја сакате Македонија во ЕУ, покажете го тоа со дела – испорачајте мерлива поддршка

„Љубовта се покажува со дела. Ако навистина сакате да ја видите Македонија во Европската Унија, се надевам дека тоа ќе го покажеме така што заедно ќе чекориме напред – со поддршка“, порача претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова во Софија, непосредно пред своето обраќање, реагирајќи на излагањето на европратеникот Андреј Ковачев кој рече дека Бугарија гледа на Македонија со љубов навистина сака да ја види Македонија како членка на ЕУ.

Зајкова порача дека по повеќе од две децении европски ветувања, на Западниот Балкан повеќе не му се потребни нови декларации за европска перспектива, туку конкретни одлуки што ќе покажат дека реформите и исполнетите обврски носат реален напредок.

„Во Солун во 2003 година Западниот Балкан доби јасна европска перспектива. Детето родено тогаш денес има 23 години. Цела една генерација порасна слушајќи: Европа е вашата иднина. Не сакам повеќе да зборуваме за тоа што Европа ќе направи еден ден во иднина. Сакам да зборуваме за тоа што можеме да направиме денес“, истакна Зајкова.

Таа нагласи дека граѓаните на Македонија бараат процес во кој по секоја исполнета обврска доаѓања заслуженото придвижување воопшто ќе се случи, и додаде: „Нашите граѓани не се уморни од реформите. Уморни се од реформи без резултати. Ако од нив бараме тешки одлуки, реформи и компромиси, тогаш имаме обврска да покажеме дека исполнувањето на условите носи видлив напредок.”

“Во спротивно, страда довербата“, рече Зајкова.

Според неа, Балканот мора конечно да ја напушти политичката логика „кој кого може да блокира“ и да почне да размислува како успехот на една држава може да придонесе за успехот и безбедноста на соседите и на цела Европа.

„Наместо постојано да прашуваме кој кого може да блокира, да почнеме да прашуваме: како можеме да си помогнеме едни на други да станеме посилни? Како успехот на Бугарија може да ѝ помогне на Македонија и како успехот на Македонија може да ги направи Бугарија, Балканот и Европа посилни? Просперитетна, демократска и европска Македонија е во интерес на Бугарија, исто како што просперитетна и успешна Бугарија е во наш интерес“, порача Зајкова.

Таа посочи дека најголемата стратешка грешка за регионот би била државите да продолжат да го доживуваат напредокот на соседот како сопствен пораз.

„Можеме да бидеме емотивни. Можеме различно да гледаме на делови од минатото. Но не смееме разликите за минатото да ни ја одземат можноста заедно да изградиме подобра сегашност.“ нагласи Зајкова.

Во своето обраќање таа предложи и три конкретни чекори со кои европската интеграција би станала видлива уште пред формалното членство: структурирано итно учество без право на глас на пратеници од земјите кандидатки во релевантните комисии на Европскиот парламент во преодна фаза, посилен парламентарен надзор врз исполнувањето на обврските од постепената интеграција и принцип на автоматизам според кој исполнувањето на однапред јасно утврдени критериуми ќе носи однапред јасно утврдени придобивки.

„Ако критериумите се јасни и се исполнети, мора да следува резултат. Не реформа денес, а пет години подоцна повторно политичка дебата дали ќе ја добиеме придобивката што ни била ветена. Европа мора повторно да ја воспостави врската меѓу заслугата и напредокот“, рече Зајкова.

Како претседателка на либералното движење на Југоисточна Европа, Зајкова истакна дека регионалната соработка ѝ покажала дека успехот на соседот не е закана, туку можност.

„Кога некој од моите колеги како Илхан, Влад, Дан Барна и други во регионот успеваат, јас во нив не гледам конкурент. Гледам партнер. Замислете само ако тоа стане политички инстинкт на целиот Балкан – наместо да инвестираме енергија во тоа како да се сопреме едни со други, да инвестираме во тоа како заедно да напредуваме“, додава Зајкова.

„Балканот има енергија, талент и амбиција да биде еден од најдинамичните региони во Европа. Да ја споиме таа балканска енергија со европски правила, функционални институции и кредибилно исполнување на преземените обврски. Тогаш на нашите граѓани нема да мораме уште еднаш да им кажуваме дека Европа е нивната иднина – тие конечно ќе можат да ја видат Европа во својата сегашност“, заклучи Зајкова.

Со почит,

Либерално-демократска партија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лишени од слобода 14 возачи и со двајца малолетници е извршен службен разговор за „безобѕирно управување возило“

Еден возел под дејство на алкохол, а останатите без возачка дозвола.

Лишени од слобода 14 возачи и со двајца малолетници е извршен службен разговор за „безобѕирно управување возило“

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода 14 возачи и со двајца малолетници е извршен службен разговор поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Од нив, 13 управувале возило без положен возачки испит и тоа: З.Т.(39), М.Л.(22), Х.В.(23), Б.Ф.(24), сите од Скопје, Х.Д.(19) од с.Морани, скопско, М.Т.(29) од Прилеп, В.И.(18) од Битола, Р.Н.(47) од с.Брезница, општина Македонски Брод, И.Ѓ.(42) од Кочани, Г.Н. (46) од Кавадарци, Ш.Р.(34) од Тетово, Б.А.(26) од Гостивар и Л.Ф.(22) од с.Чегране, гостиварско, кој удрил во паркирано возило. Исто така, со двајцата малолетници од Велес, во присуство на родител е извршен службен разговор затоа што управувале мопеди без возачка дозвола. Додека пак, под дејство на алкохол управувал Д.Ј.(39) од Делчево. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија заедно со Словенија и Србија се кандидира за домаќин на ЕП во ракомет во 2034.

Српската ракометна федерација објави дека, заедно со федерациите на Словенија и Македонија, официјално поднела кандидатура за организација и домаќинство на Европското првенство во ракомет во 2034 година.

Македонија заедно со Словенија и Србија се кандидира за домаќин на ЕП во ракомет во 2034.

Како што е наведено, кандидатура за домаќин поднеле и Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Шведска и Турција, а Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе донесе одлука следната година на својот редовен Конгрес.

- Заедничката кандидатура ќе претставува проект кој, покрај спортскиот сегмент, ќе вклучува и институционална поддршка од владите на Србија, Словенија и Македонија, а во текот на следниот период, трите федерации и надлежните институции ќе работат на подготовка на комплетна кандидатура, која ќе ги вклучува сите потребни организациски, инфраструктурни, логистички и други аспекти важни за организацијата на еден од најголемите европски спортски настани - соопшти Српската ракометна федерација.

Се додава дека за Србија, Словенија и Македонија, заедничката кандидатура претставува и потврда за намерата трите земји дополнително да го поврзат својот спортски потенцијал и да настапат заедно на европската спортска сцена.

- Српската ракометна федерација, како и федерациите на Словенија и Македонија, ќе продолжат интензивна соработка во подготовката на кандидатурата во наредниот период, со цел заедничкиот проект да се претстави пред ЕХФ како сериозна и сеопфатна кандидатура за домаќинство на Европското првенство во 2034 година - соопшти Српската ракометна федерација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Серафимовски потпиша девет договори за промоција на домашното производство и развој на руралните средини

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес потпиша девет договори за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој. 

Министерот Серафимовски потпиша девет договори за промоција на домашното производство и развој на руралните средини

Вкупната вредност на договорите изнесува 1.283.889 денари.

Поддржаните манифестации се посветени на промоцијата на домашните земјоделски производи, подобрувањето на нивната препознатливост, непосредното поврзување на производителите со потрошувачите, како и афирмацијата на локалната традиција, гастрономијата и руралниот туризам.

„Најкраткиот пат од нивата до пазарот понекогаш започнува на локалниот плоштад, место каде што производителот може лично да застане зад својот производ, да го понуди и да му овозможи на потрошувачот да ја препознае неговата вредност. Со оваа поддршка отвораме простор локалните заедници да го претстават најдоброто што го создаваат, а манифестациите да донесат конкретна придобивка за изложувачите и локалните производители“, истакна министерот Серафимовски.

Поддршка за организирање манифестации добија:

-„Еко кам мед“ од Македонска Каменица за „Денови на медот во Македонска Каменица“;

- „Ума Сто“ од село Умин Дол за „Есенско пазарче“;

- „Слоу фуд Лихнидос“ од Охрид за „Вкусови на ферментацијата – органско производство на храна“;

- Општина Босилово за „Ајверијада во Општина Босилово 2026“;

- Општина Василево за „Ден на празот“;

- Општина Ново Село за „Костенијада“;

- Општина Чучер-Сандево за „Традиција на Скопска Црна Гора“;

- Општина Ресен за „Преспански јаболкобер“;

- Општина Кочани за „Денови на кочанскиот ориз“.

Избраните манифестации ќе се реализираат во периодот од 10 септември до 31 декември 2026 година. Преку нив ќе се промовираат производство на мед и органска храна, локални земјоделски производи и традиционална гастрономија.

Со реализацијата на оваа мерка, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја продолжува поддршката за здруженија и единици на локалната самоуправа во организирањето манифестации што ја зголемуваат видливоста на домашните производители, ја поттикнуваат локалната економска активност и придонесуваат за развој на руралните средини.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер