Зајкова: ЛДП во Собранието повторно ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги

Либерално-демократската партија повикува на итно усвојување на измените на Законот за платежни услуги и платни системи по скратена постапка, со цел заштита на граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на банките. 

Зајкова: ЛДП во Собранието повторно ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги

ЛДП втор пат по ред ги поднесува овие измени, откако веќе еднаш минатата година поднесе иницијатива за истото прашање.

Според последните анализи, добивката на банките во вториот квартал од оваа година е зголемена за 35,3% во споредба со истиот период минатата година. Истовремено, граѓаните се соочуваат со високи банкарски трошоци и провизии за услуги од секојдневието, како што се одобрување кредити, тековно одржување на сметки, проверка на состојба на трансакциска сметка, па дури и повлекување готовина од друга банка.

Иако овие прашања делумно се предмет на интерната политика на банките, потребна е законска регулатива која ќе ги заштити граѓаните и ќе воведе поголема транспарентност и праведност во работењето.

„Со измените на Законот, кои веќе еднаш ги поднесовме минатата година, предвидуваме конкретни мерки за регулирање на банкарските провизии, како и воспоставување на правна рамка за ограничување на трошоците кои банките ќе можат да им ги наметнуваат на граѓаните. Доколку ова успееме да го оствариме, очекуваме видливо подобрување на општествената финансиската стабилност и правичност“, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.

Измените на законот предвидуваат укинување на плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување на пари од други банкомати, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите на банкарското работење.

Претседателката Зајкова повторно упати апел до сите пратеници од партиите во македонското собрание да гласаат и да го поддржат овој предлог-закон, со единствена цел - обезбедување праведен банкарски систем и заштита на интересите на граѓаните.

Овој предлог-закон е дел од заложбите на ЛДП за создавање на правична финансиска иднина, намалување на секојдневниот економски притисок и конечно, престанување на грабежот на граѓаните.

Либерално-демократска партија

Видео: Еден загинат, и 50 повредени во уривање на зграда во Бангкок по земјотресот

Најмалку едно лице загина, а 50 други се повредени откако висококатница во изградба се урна во Бангкок по силниот земјотрес што во петокот го погоди соседен Мјанмар, соопштија тајландските власти.

Видео: Еден загинат, и 50 повредени во уривање на зграда во Бангкок по земјотресот

Службите за итни случаи претходно соопштија дека 50 лица се наоѓале во зградата што се урна во паркот Чатучак по земјотресот што го погоди Мјанмар, Тајланд, а бил почувствуван и во југозападна Кина.

Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди центарот на Мјанмар, соопшти Американскиот геолошки институт. Епицентарот бил на 16 километри северозападно од градот Сагаинг, на длабочина од 10 километри, соопшти USGS.

Силни потреси биле почувствувани стотици километри подалеку во Тајланд и југозападна Кина.

Зградите во Бангкок обично не се дизајнирани да издржат земјотреси, па штетата може да биде значителна, пренесе Би-Б-Си.

Тајландската влада одржува итен состанок.

Приведени двајца возачи кои удриле пешаци во Скопје

 Двајца возачи кои вчера со возила удриле пешаци во Скопје се лишени од слобода, а возилата им се одземени.

Приведени двајца возачи кои удриле пешаци во Скопје

Како што соопшти денеска МВР, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода скопјанецот И.С.(45), затоа што вчера околу 21:50 часот во Скопје, на крстосницата од ул.„Адем Демачи“ со ул.„Методија Митевски“, со патничко возило „фиат“ со скопски регистарски таблички удрил во пешакот А.А.(57) од Скопје.

-Пешакот е пренесен за укажување на лекарска помош во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде му се констатирани тешки телесни повреди. Известен е јавен обвинител, а увид извршила екипа од СВР Скопје И.С. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка, велат од МВР.

Оттаму соопштуваат дека полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Х.(52) од Република Турција, со живеалиште во Скопје, затоа што вчера околу 17:30 часот во Скопје, на крстосницата од ул.„Филип Втори Македонски“ со ул.„Мирче Ацев“, со патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски таблички удрил во Л.М.(48) од Скопје.

-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Л.М., констатирани во ГОБ „Св.Наум Охридски“. Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави, се наведува во соопштението.

Белата куќа му одговори на Путин: Украинците одредуваат кој ќе управува со Украина

Управувањето на Украина го одредува нејзиниот Устав и народот на земјата, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа коментирајќи ги изјавите на рускиот претседател Владимир Путин.

Белата куќа му одговори на Путин: Украинците одредуваат кој ќе управува со Украина

Управувањето на Украина го одредува нејзиниот Устав и народот на земјата, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа коментирајќи ги изјавите на рускиот претседател Владимир Путин, кој предложи воспоставување привремена администрација во Украина.

Засега нема коментар од Украина во врска со изјавата на Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа рече дека треба да се смета како опција ставањето на Украина, која тој ја нападна во 2022 година, под администрација на Обединетите нации за да се овозможи одржување нови избори во земјата.

- Таква практика постои и во принцип, се разбира, може да се разговара за можноста за привремена администрација на ОН со САД, европските земји и, се разбира, и со нашите партнери и пријатели, рече Путин за време на состанокот со војниците на нуклеарна подморница во базата во Архангелск.

Како што пренесе ДПА, целта е да се одржат демократски избори на кои на власт ќе дојде влада способна да дејствува за мировен договор.

- Потоа ќе почнеме преговори за мировен договор, ќе потпишеме легитимни документи кои се признати во светот и се безбедни и стабилни, рече Путин.

Руската влада постојано се обидуваше да го дискредитира легитимитетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Редовниот мандат на Зеленски заврши во мај 2024 година, но не може да се закажат избори поради воената состојба која е во сила веќе три години. Путин, исто така, постојано се повикуваше на нацистички слики и реторика од Втората светска војна за да ја оправда инвазијата на Украина, и покрај фактот што Зеленски е Евреин.

Украинскиот парламент во февруари усвои резолуција со која се потврдува легитимноста на Зеленски со јасно мнозинство. Многумина во Украина веруваат дека одржувањето на избори во услови на тековниот конфликт би било непрактично и нефер, бидејќи би било тешко да се обезбеди учество на војници и раселени цивили.

На меѓународно ниво, Зеленски и понатаму е признат како претседател.

Путин, исто така, повтори дека Русија претпочита мирно решение на конфликтот со Украина, „но не на нејзина сметка“.

Тој рече дека е подготвен да преговара – вклучително и со Европејците, но истакна дека Русија нема да биде измамена.

Во воена смисла, рускиот претседател еднаш рече дека е сигурен дека Москва ќе победи. Руските сили веќе зазедоа 99 проценти од Луганската област и повеќе од 70 отсто од областите Доњецк, Херсон и Запорожје, кои Москва исто така ги анектираше.

притисни ентер