Загрижувачки тренд во Холивуд: Ова „оземпик тело“ станува сè попопуларно - Канал 5

Загрижувачки тренд во Холивуд: Ова „оземпик тело“ станува сè попопуларно

Феноменот „Оземпик тело“ во светот на познатите личности стана нова верзија на поранешниот тренд „хероин чик“, а фактот што таквиот идеал за нездрава виткост се шири надвор

Загрижувачки тренд во Холивуд: Ова „оземпик тело“ станува сè попопуларно

„Листајќи по социјалните медиуми и гледајќи ги сè потенките силуети на познатите личности, се чувствувам непријатно“, напиша новинарката на „Њујорк пост“, Алисон Лакс. Најдрастичен пример за „Оземпик тело“ можеа да се видат кај Аријана Гранде и Синтија Ериво за време на промотивната турнеја за филмот Wicked: For Good.

„Да, зборуваме за убави, талентирани и влијателни жени. И да, коментирањето на изгледот на познатите личности често е непријатен терен. Гранде дури предупреди дека е „опасно“ да се критикуваат телата на другите луѓе. Но, изразувањето загриженост за опасниот тренд не е срамотење, туку неопходна реакција на проблем што станува сè повидлив“, додава новинарката.

Холивуд буквално се „топи“ пред нашите очи

Ѕвездите како Гранде и Ериво на новите фотографии изгледаат послаби од кога било. Ла Тоја Џексон, сестрата на Мајкл Џексон, гордо ја покажува својата „болно“ витка фигура на социјалните мрежи, додека бројни познати личности - од Ејми Шумер до Меган Трејнор - јавно зборуваат за големо губење килограми, често со нагласени клучни коски и пропаднати образи.

„Време е да се каже она што долго време се шепотеше: Овој тренд на слабеење е алармантен и може да има сериозни последици врз младите луѓе кои ја обликуваат сликата за своето тело и здравје“, напиша Алисон.

Аријана Гранде е пример за многу девојки

„Овој бран на масовно губење на тежината кај познатите личности буди во мене мешавина од гнев и разочарување - особено кога станува збор за Аријана Гранде, која, додека бев тинејџерка бев опседната со серијата „Викториус“, а неа ја доживував како пример. Страшно е да се помисли дека постојаното изложување на овие слики може да поттикне незадоволство од сопствениот изглед, што потоа лесно се претвора во сериозно нарушување во исхраната. Јас самата знам колку малку е потребно: прескокнат оброк овде, споредба онде - и така сè во круг.“

Влијанието врз младите

Младите луѓе денес се чувствуваат исто. Ноел, 17-годишна матурантка од средно училиште од Пенсилванија, признава дека фотографиите со екстремно слаби познати личности на Инстаграм и ТикТок ја тераат да се запраша: „Дали сум доволно убава? Дали моето тело е она што е општествено прифатливо? Дали се вклопувам?“

Таа додава дека во нејзиното друштво сè повеќе слуша коментари како: „Не изгледам како оваа... Не изгледам како неа...“ затоа што познатите личности наметнуваат нови, сè построги стандарди.

Експертите стануваат сè погласни

Диететичарите и експертите за нарушувања во исхраната предупредуваат дека ненадејното враќање на екстремната слабост е загрижувачко.

Дебoра Малкоф-Коен, диететичарка со повеќе од две децении искуство, вели дека препишува лекови GLP-1 само на пациенти на кои им се потребни, и само кога диетата и вежбањето не даваат резултати. Таа истакнува дека лековите кои го потиснуваат гладот, можат да бидат опасни за луѓе со историја на нарушувања во исхраната.

Кристина Грасо, коосновач на „The Chain“, вели дека веќе ги видела ефектите: „Многу жени ми велат дека оваа култура им дава премолчена дозвола да се вратат во нарушувањето во исхраната. Ме потсетува на почетокот на 2000-тите, период кога мене и на многу други им беа влошени прехранбените навики.“

Постојат сè повеќе нереални идеали

Пластичните хирурзи забележуваат загрижувачки тренд кај сè помлади пациенти. „Тие доаѓаат кај нас и бараат отстранување на ребра, зафати за издолжување и слабеење на лицето, како отстранување на букалните масни перничиња“, вели Валтер Џозеф, пластичен хирург во Беверли Хилс.

Иако верува, како Гранде, дека е „опасно“ да се коментира тежината на познатите личности без целосен увид во нивното здравје, Џозеф предупредува дека младите луѓе сè повеќе го следат овој изглед како идеал: „Јавните личности имаат огромно влијание врз младите луѓе, тие ги формираат стандардите за убавина, честопати недостижни и нереални.“

„Не стигнавме толку далеку колку што мислевме“

„Како личност која со години се бореше со перцепцијата за сопственото тело, чувствувам дека денешната поплава од познати личности со извајани клучни коски, тесни струкови и вдлабнати образи нè враќа чекор назад. И покрај мантрата за „телесна позитивност“, сè уште имаме долг пат пред нас“, заклучува новинарката.

Британската актерка и активистка Џамила Џамил најдобро го сумираше тоа: „Многу сум загрижена за моите колеги. На секој настан кога прегрнувам некого, се плашам дека ќе ми се скрши во раце. Ова е сериозно и стана целосно нормализирано. Испраќа ужасен сигнал до девојките кои мислат дека не се нормални ако имаат малку месо на коските.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Засилени сообраќајни контроли во Скопје: Осум возачи под дејство на алкохол

Четири лица лишени од слобода за безобѕирно управување со моторно возило.

Засилени сообраќајни контроли во Скопје: Осум возачи под дејство на алкохол

Во текот на ноќта на 17/18.10.2026 година, во периодот од 21:00 до 03:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи спроведе засилена акциска контрола на подрачјата на општините Илинден, Гази Баба и Кисела Вода, со посебен акцент на откривање и санкционирање возачи кои управуваат моторни возила под дејство на алкохол.

При контролата откриени се осум возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол, од кои тројца се лишени од слобода поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик, бидејќи кај нив било утврдено присуство на алкохол над 1,50 ‰.

Дополнително, од слобода е лишено уште едно лице поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик, затоа што управувало моторно возило без возачка дозвола.

Против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави.

Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените акциски контроли и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.

Апелираме до сите возачи и учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило под дејство на алкохол и со своето одговорно однесување да придонесат за побезбедни патишта

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лишени од слобода 25 возачи за „безобѕирно управување возило“

12 возеле без положен возачки испит, 11 под дејство на алкохол, а двајца возеле со активна забрана.

Лишени од слобода 25 возачи за „безобѕирно управување возило“

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода 25 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, 12 лица управувале возило без положен возачки испит и тоа, В.Р.(24), А.Н.(31), М.С.(32), Б.Д.(48), И.М.(22) и М.А.(20) и уште двајца малолетници на возраст од 16 и 17 години сите од Скопје А.Џ.(32) од селото Ново село, Ј.Б. (25) од село Орланци, М.И.(44) од село Бојане, и еден малолетник од Кочани. Под дејство на алкохол патничко возило управувале, К.В.(51) и Ѓ.С.(35) двајцата од Скопје, Р.К.(30) од Радовиш, В.М.(24) од Штип, Д.П.(21) од Штип, К.К.(41) од Прилеп, Д.В.(47) од Прилеп, В.К.(43) од Прилеп, Б.Р.(63) од Неготино, Б.Т.(27) од село Негорци, гевгелиско, М.Б.(42) од Гевгелија, додека В.С.(53) од Делчево и П.Д.(24) од Битола управувале возило за време на изречена забрана за управување со моторно возило.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„BMW“ им нуди на вработените над 650.000 евра за да си заминат, интересот е преголем

Германскиот автомобилски гигант „BMW“ им нуди на дел од вработените отпремнини што надминуваат 650.000 евра, доколку доброволно ја напуштат компанијата.

„BMW“ им нуди на вработените над 650.000 евра за да си заминат, интересот е преголем

Интересот за заминување е толку голем што внатрешниот портал, преку кој вработените можат да ги проверат понудите, привремено престана да функционира. Во меѓувреме, „BMW“ ја стопираше програмата за да може да ги обработи пристигнатите барања.

Според германскиот весник „Handelsblatt“, некои вработени би можеле да добијат повеќе од 650.000 евра за спогодбен раскин на договорот за вработување. Станува збор за исклучително високи отпремнини, дури и според стандардите на германската автомобилска индустрија.

Ваквите износи не се правило, туку се однесуваат на конкретни, поединечни случаи. Од „BMW“ одбија да потврдат конкретни бројки, наведувајќи дека не даваат коментари за поединечни договори за вработување.

Вработените го преплавија порталот, системот падна под товарот

На 8 октомври, „BMW“ започна програма за доброволно заминување. Десетици илјади вработени беа известени дека преку внатрешен портал можат да проверат колкава сума би им исплатила компанијата доколку одлучат да си заминат.

Интересот беше толку голем што порталот не можеше да го издржи товарот и привремено престана да работи.

Од „BMW“ потврдија дека постои исклучително голем интерес кај вработените за понудените услови, иако официјално не потврдија дека токму напливот на корисници е причината за техничките проблеми. Според извештаите во германските медиуми, компанијата привремено ја стопираше програмата, само неколку дена по нејзиното започнување, за да може да ги обработи пристигнатите пријави. Сè уште не е познато кога повторно ќе се прифаќаат нови пријави.

Планови за укинување на 8.000 работни места

До крајот на 2027 година, „BMW“ планира да укине приближно 8.000 работни места на глобално ниво. Програмата за доброволно заминување во Германија опфаќа околу 40.000 вработени, првенствено оние во администрацијата, менаџментот, како и во секторот за истражување и развој.

Вработените кои работат директно во производството не се опфатени со оваа програма.

Висината на отпремнината зависи првенствено од платата на вработениот и од должината на неговиот стаж во компанијата. „BMW“, исто така, нуди дополнителни бонуси за вработените кои ќе се согласат да си заминат порано. Според документите што ги разгледа „Handelsblatt“, предвидените датуми за заминување се 31 март и 31 октомври 2027 година.

Исплатите за отпремнина може да се извршат еднократно или на рати, а под одредени услови, вработените можат да насочат дел од средствата во својата пензиска заштеда.

Некои вработени, исто така, може да задржат одредени бенефиции што им се достапни на пензионираните вработени во „BMW“

За постарите вработени важат посебни услови. Оние што ќе наполнат 55 години до крајот на октомври 2027 година – под услов да исполнуваат дополнителни критериуми – можат да се стекнат со статус што им овозможува пристап до дел од бенефициите наменети за пензионираните вработени во „BMW“. Овие бенефиции вклучуваат поповолни услови за купување нови и половни автомобили.

Пакетите за отпремнина на „BMW“ се издвојуваат, особено во споредба со оние што ги нудат други германски производители. „Handelsblatt“ пренесува дека „Volkswagen“, во претходните програми, нудел отпремнини во износ од околу 405.000 евра, додека „Mercedes-Benz“ на некои вработени со долг стаж на раководни позиции им понудил приближно половина милион евра.

Вработениот може на крајот да добие значително помалку од 650.000 евра

Иако понудените износи се исклучително високи, вработените не ја добиваат целосната сума, бидејќи отпремнините подлежат на оданочување.

Според пресметките на германскиот весник „Münchner Merkur“, вработен што ќе добие отпремнина од 650.000 евра – и нема други приходи што подлежат на оданочување во текот на годината на исплата – по плаќањето на даноците би можел да располага со приближно 420.700 евра.

Доколку вработениот оствари други приходи во текот на истата година, конечниот износ може да биде значително помал. Реалниот износ што ќе се исплати зависи од конкретната даночна ситуација на секој поединечен вработен.

„BMW“ има за цел да оствари годишни заштеди од една милијарда евра

„BMW“ ја започна програмата за намалување на бројот на вработени како одговор на падот на продажбата и профитот – особено на кинескиот пазар – како и поради засилената конкуренција и зголемените оперативни трошоци. Компанијата очекува дека намалувањето на бројот на вработени ќе донесе годишни заштеди од приближно една милијарда евра, почнувајќи од 2028 година. Слични мерки преземаат и други големи германски производители на автомобили, меѓу кои „ Volkswagen “, „Mercedes-Benz“ и „Porsche“, кои се соочуваат со пад на побарувачката, конкуренција од кинески производители и високи трошоци за премин кон електрични возила.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер