Заев во ЕП: Прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во ЕП

 Премиерот Зоран Заев штотуку се обрати пред Европскиот Парламент на покана на неговиот претседател, Антонио Тајани.

Ова, како што истакна Заев, е прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во европскиот пратенички дом.

- За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е прв пат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик, рече Заев.

Премиерот Заев на европратениците и членовите на Европската Комисија присутни во салата ја објасни важноста за Македонија на склучувањето на Преспанскиот Договор, заблагодарувајќи му се и на неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.

Референдумот на 30 септември, рече Заев, е референдум за втора независност.

- За Република Македонија, тоа е можност која толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: Да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО, и да го започнеме, да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември, е многу повеќе одколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност, истакна Заев.

Како и премиерот Ципрас пред два дена, Заев посочи дека решавањето на спорот за името може да послужи како пример за решавање на други билатерални спорови.

- Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ, истакна македонскиот премиер.

Тој ги изложи причините зашто “нема силна ЕУ без успешен Балкан“.

- Успешен Балкан е Балкан интегриран во ЕУ. Оваа визија не мотивираше да го направиме историскиот чекор и со тоа да ги поттикнеме процесите на помирување, градење заедништво и сојузништво во регионот, рече премиерот.

Тој потсети на важноста на регионот во справувањето со миграциската криза и истакна дека инвестирањето во Балкан е инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа.

Премиерот ги увери европратеници дека Македонија прави сѐ за да ги постигне стандардите на Европската Унија.

- Ги знаеме препораките, тие се нашите приоритети: независни и демократски институции, владеење на правото и борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните, рече премиерот.

Заев потсети дека Македонија е “еден вид Европа во мало“, “успешна европска приказна, како автентичен модел на функционална мултиетничка демократија. Еден вид Европа во мало - ние секојдневно го живееме Европското мото “Обединети во различностите“, додаде тој.

Заев подвлече паралела помеѓу кризата низ која поминува Европската Унија денеска и политичката криза низ која мина Македонија, борба на отворено општество против авторитарниот национализам.

- Политичката криза низ којашто поминавме беше всушност борба за вредности каква што се одвива и во европски и глобални рамки - борба за либералните вредности на владеење на правото, човековите права и слободи, демократското владеење, отворената економија, наспроти авторитарниот национализам, рече премиерот.

Зоран Заев посочи дека младите луѓе во Македонија сонуваат да бидат дел од европското семејство.

- Да, нашите луѓе сакаат да бидат дел од ова семејство. Се чувствуваме европски и припаѓаме на Европа. Во 1991 година, кога имав 17 години, ова е сè за што сум сонувал: да бидеме дел од европското семејство. Да имаме европска иднина. Нашите млади луѓе сонуваат за ова и денес. Сега, 27 години подоцна, како премиер, во име на граѓаните на мојата земја, зборувам во Европскиот парламент на својот македонски јазик, заклучи Заев пред европратениците.

ЈО: Притворот за Палевски почнува веднаш по неговото испорачување од Турција

Јавното обвинителство тукушто е известено дека Министерството за правда добило официјална информација од Република Турција дека се одобрува екстрадицијата на лице осомничено за две кривични дела грабнување, како и за две убиства на свиреп начин.

Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.

По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување, соопштуваат од Обвинителството.

МОН: Се реконструира студентскиот дом Кузман Јосифовски – Питу во Скопје

Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, започнаа да се реализираат на терен. 

Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје предвидени во договорот кој на почетокот на годината МОН го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“, како најповолен понудувач на меѓународниот тендер, започнаа да се реализираат на терен. За 18 месеци објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди.

Ова е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија. Наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби.

Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Министерство за образование и наука

Турското ГП би можело да се врати во календарот на Формула 1 за две години

Турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој изјави дека земјата повторно може да биде домаќин на трка во Формула 1. Според него, тоа ќе се случи во 2026 година.

Последен пат турско Гран при се одржа како дел од Светскиот шампионат во кружни трки во сезоната 2021 година.

- Тендерот за управување на патеката Формула 1 во Истанбул се одржа на почетокот на април и беше успешно завршен. Сега преминавме на втората фаза. Претходниот закупец мора да го ослободи просторот и да го предаде на победникот. По ова, процесот на склучување договор за одржување на Гран при во Истанбул од 2026 година ќе продолжи брзо, изјави Ерсој за „Milliyet“.

Се истакнува дека тендерот за изнајмување и контрола на објектот „Истанбул Парк“, во кој е вклучена и тркачката патека, се одржал на 2 април. Го освои Кан Билим Егитим Курумлар А.С., чиј партнер е шефот на управниот одбор на турскиот огранок на Пирели, Лале Џандер.

Првата етапа во Турција во рамките на Формула 1 се одржа во 2005 година. Во 2021 година се одржа од 8 до 10 октомври. Победи Валтери Ботас со Мерцедес, Макс Верстапен во Ред Бул беше втор, а Серхио Перез трет. /МИА

притисни ентер