Заев: Со реконструкција на Пластичарската улица граѓаните ќе добијат модерно сообраќајно решение

Премиерот  Зоран Заев, на покана на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, изврши увид во градежните работи за реконструкција на една од најпознатите сообраќајници во Скопје - булеварот „Никола Карев“ познат како „Пластичарска улица“.

Премиерот Заев во изјавата за медиуми истакна дека продолжуваат интензивните градежни работи за реконструкција на голем број булевари, улици и главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини и додаде дека примерот на Град Скопје е поттик и за другите општини во државата целосно да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните за изградба и за одржување на модерни сообраќајни решенија за одржлива урбана мобилност, и за поголема ефикасност на градскиот сообраќај.

„Овој булевар дневно го користат десетици илјади возила, а овој потег особено е значаен заради огромниот број стопански субјекти со огромна фреквенција на граѓани како потрошувачи или како деловни соработници и добавувачи на компаниите што тука имаат продажни и други објекти. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени 1.400 метри, на потегот од клучката кај Бит Пазар до касарната Илинден“, рече премиерот Заев.

Булеварот „Никола Карев“ истовремено е врската на источната и западната порта на Скопје. Тоа ја прави уште позначајна оваа градска сообраќајница од посебен интерес на граѓаните на главниот град, како и на граѓаните од Републиката кои во огромен број го користат овој булевар.

„Кога ќе биде завршена реконструкцијата, булеварот ќе добие 4 коловозни ленти со полна функционалност, велосипедски патеки во двете насоки и тротоари за пешаци. Проектирана е и нова атмосферска канализациона и водоводна инфраструктура, како и ново осветлување и значајното зеленило“, истакна премиерот Заев.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека првата фаза од проширување на Булеварот „Никола Карев“ го опфаќа делот од клучката кај Бит Пазар до касарна Илинден и целосно ќе биде изведена непостоечка атмосферска канализација, реконструкција на подземните инсталации, со што ќе се добие современа сообраќајница и апелираше до граѓаните за трпение додека траат градежните работи, се наведува во соопштението од Владата.

Мерчан нема милост: Трамп е казнет со 9.000 долари за непочитување на судот (ВИДЕО)

Судијата Хуан Мерчан изјави дека поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп е казнет со 9.000 долари поради прекршување на забраната за коментирање на сведоците.

Обвинителите го обвинија поранешниот претседател дека постојано ја прекршувал наредбата да не ги коментира сведоците, барајќи од судијата да го казни со 1.000 долари по коментар, објави Гардијан.

Според судскиот налог, Трамп не може да дава, или да наложува други да даваат, јавни изјави за сведоци поврзани со нивната улога во истрагата и судењето, пред обвинителите, освен окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег и членовите на судскиот персонал или персоналот на окружниот обвинител.

Трамп може слободно да го критикува Мерчан, иако тоа веројатно нема да му се допадне на судијата, кој ќе одлучи за неговата казна доколку поротата го прогласи за виновен.

Пред судењето, Мерчан ја прошири забраната за коментари за да ги „покрие“ неговите и семејствата на Брег, откако Трамп објави објава за неговата ќерка, која работеше за компанија која им помагаше на демократските кандидати во дигиталните кампањи.

Сергеј Трифуновиќ се огласи прв пат по апсењето: Сега сум сосема друга личност

Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ за првпат проговори откако на 18 април околу 20 часот беше уапсен на Вождовац во Белград.

Тој бил ослободен на 20 април, по сослушувањето во Вишото јавно обвинителство во Белград, кога му беше укинат притворот, објави Телеграф.

- Дури денес ми го вратија телефонот. Беше на вештачење кај надлежните, за да ги разоткрие другите членови на мојот нарко картел - почна Сергеј.

- Имам 6.000 пропуштени повици и пораки и би сакал да им се заблагодарам на сите за грижата и поддршката, поединечно тоа би траело со денови. Важно е да знаете дека правда постои во Србија и дека властите си ја вршат својата работа. И сега сум сосема друга личност. Преедуциран. Подобар. Спортист. Сите на избори - порача Трифуновиќ.

Сергеј, да потсетиме, бил приведен поради неколку грама недозволена дрога, што ја имал со себе при претрес.

Битиќи: Патриотски ќе одиме кон повисоки плати и пензии, кон „Едно општество за сите“

„Ова зад мене е Спомен-костурницата, симбол на прогресивното и мултикултурно Куманово, темелот на АСНОМ-ска Македонија.“

„Градот кој во 2015 година го потресе трагедија која беше одраз на еден режим кој сакаше да ја скрши Македонија. Сеќавањата сè уште остро нè потсетуваат и опоменуваат на тие мрачни времиња кога ВМРО-ДПМНЕ ја држеше заробена државата во мрак исполнет со стравови“, вели во видео обраќање од Куманово, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.

Тој нагласува дека СДСМ седум години градеше општество на соживот, меѓусебно разбирање и почитување на различностите, притоа предупредувајќи дека „наследниците на режимот бараат повторно да се издигнат од пепелта, нивната шовинистичка политика повторно надвиснува над Македонија“.

Битиќи предупредува дека со ВМРО-ДПМНЕ и неговиот национализам постои опасност државата да се врати во периодот кога имаше поделби на етничка и религиозна основа.

„Со ВМРО-ДПМНЕ и нивниот национализам може само да се вратиме во времето кога вештачки се обидуваа да креираат поделби и раздори на етничка и религиозна основа. На овие парламентарни избори, секој глас за нив, е глас за времињата налик на тие од 11 години режим. Но наспроти нив, стоиме ние, СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, со кои, патриотски, а не националистички, ќе одиме кон повисоки плати, повисоки пензии и пред сè, кон Едно општество за сите“, вели Битиќи, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер