Заев: Со Касами се согласивме партнерството во коалицијата да продолжи и на локалните избори

Премиерот Зоран Заев во објава на Фејсубук најави дека партнерството со БЕСА ќе продолжи и на претстојните локални избори, споделувајќи фотографии од средба со лидерот на БЕСА Билал Касами.

-Со претседателот на БЕСА, Билал Касами се согласивме дека партнерството во нашата коалиција ќе продолжи да се развива и на претстојните локални избори, за кои согласно спецификите на различните општини ги бараме и утврдуваме најдобрите кандидати кои ќе го дадат најдобриот резултат за нашиот народ, напиша Заев.

Тој воедно оценува дека коалицијата СДСМ – БЕСА минатата година поставила нови стандарди во современото политичко дејствување во Македонија. Денес, како што наведува, оваа соработка е на уште повисоко ниво и дава одлични резултати низ работата на Владата.

СЗО: Омикрон може да ја влоши ситуацијата во Европа

 „Новиот сој може да ја влоши ситуацијата“.

Зголемувањето на бројот на заразени со Ковид-19 во Европа во изминатите два месеци се должи на сојот Делта, но Омикрон може да ја влоши ситуацијата, рече Марија Ван Керхове, шефица на техничкиот тим во одделот за итни случаи на Светската здравствена организација.

– Во последните два месеци, видовме раст во Европа. И ова се должи на варијантата Делта, а новиот сој може да ја влоши ситуацијата, рече таа за време на онлајн сесијата за прашања и одговори за ситуацијата со коронавирусот.

Затоа, таа смета дека е исклучително важно да се продолжи со поддршката на епидемиолошките мерки насочени кон ограничување на ширењето на варијантата Делта. Посебно, треба да се засилат кампањите за вакцинација.

Во САД во ноември се вработиле 210.000 лица, помалку од предвиденото

Но стапката на невработеност паѓа.

Вработеноста во САД значително се намали во ноември со отпуштања во малопродажбата и во образованието, но стапката на невработеност покажа добри резултати од 4.2 отсто, најмалку во изминатите 21 месец, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Намалената невработеност во ноември до четири отсто е во споредба со октомври, а тоа ја одразува бројката од речиси 600.000 нови вработувања во ноември, објавена претходно од Министерството за труд на САД.

Иако Министерството денеска објави друга бројка – дека во ноември биле вработени 210.000 лица, помалку од половина во октомври и многу помалку од предвидените 500.000 со оглед на празничниот период, според извештајот, двете бројки се разликуваат бидејќи едната е од анкетирани работодавачи, а другата е од домаќинствата.

Американската економија се враќа на ниво пред пандемијата, но мошне споро. Бројките покажуваат дека дел од Американците кои ја изгубиле работата поради пандемијата се враќаат на пазарот на трудот. Од анкетите на домаќинствата се дознава дека речиси 600.000 лица се вратиле на работа во ноември.

Тоа во ноември го зголеми влијанието на работоспособните Американци кои имаат работа или ја бараат до 61.8 отсто, споредбено со 61.6 отсто во октомври. Сепак, во САД во моментот се вработени 2.4 милиони луѓе помалку во споредба со периодот пред пандемијата.

Економистите сметаат дека силниот берзански пазар и високите цени на станбената недвижност ја зголемиле благосостојбата на многу Американци што придонело за тоа предвремено да се пензионираат. Исто така, многу домаќинства имаат огромни заштеди и нивните члеови не се брзаат да најдат работа.

Покрај тоа во САД се забележува и пораст на самовработувања.

Портпаролот на СЗО ги пофали компаниите што подготвуваат нова вакцина

Портпаролот на СЗО истакна дека во светот е доминантна Делта и оти повеќе од 90 отсто од заразените се заразени со оваа варијанта.

Производителите на вакцини против Ковид-19 треба да се пофалат што се подготвуваат за можноста дека ќе мора да ги приспособат своите производи за заштита од варијантата Омикрон, изјави денеска портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО) Кристијан Линдмаер.

На брифинг во Женева тој рече дека СЗО сè уште ја проучува преносливоста и сериозноста на новата варијанта, која беше откриена во јужна Африка.

– Многу е за пофалба што производителите на вакцини веќе почнаа да прават планови согласно кои веројатно ќе треба да ја приспособат постоечката вакцина, рече тој додавајќи дека „е добро да не се чека да заѕвони алармот".

Линдмаер сепак нагласи дека ќе биде потребно уште некое време и оти не треба да се брза со заклучоците. Според него, прелиминарните податоци покажуваат дека има поголема преносливост, но оти во суштина тоа е сè што засега се знае.

Портпаролот на СЗО истакна дека во светот е доминантна Делта и оти повеќе од 90 отсто од заразените се заразени со оваа варијанта.

притисни ентер