Заев и Ципрас бараат решение, без поддршка од опозицијата

За преговорите и договорот околу името меѓу Македонија и Грција има одредени технички проблеми кои треба да се решат меѓу двете страни. 

Штом тие ќе се остранат ќе се случи телефонскиот разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

- Знаете јас уште на самиот почеток сум оптимист, не би сакал да давам детали. Верувам дека ќе го најдеме решението, но штом се отстранат овие технички прашања веднаш ќе се случи телефонскиот разговор и верувам дека во најбрз можен рок можеме да објавиме дека сето тоа што е договорено, како би го процесуирале понатаму самите постапки, за да пристигнеме навремено пред Европскиот совет заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање датум за отпочнување на преговорите за Македонија. Така што, следните денови сме максимално фокусирани и посветени, се работи за договарање за членови од договорот, за детали коишто се важни, заради тоа што сега е време тие да бидат прецизно договорени, рече Заев, кој беше во Штип.

Потврди дека и двете страни кога ќе го постигнат договорот околу името неговото потпишување меѓу Макеоднија и Грција ќе се случи во Преспа, а, како што вели, тоа е желба уште од Давос.

- Јас сум подготвен за тој разговор, знам дека е и тој подготвен, секако важно ни е како тоа ќе го објасниме на нашата македонска опозиција за да има причина за да ја повикаме за да биде заедно со нас, наведе Заев. Многу и најважно е, дополни, да им објасниме на граѓаните на РМ, но исто така паралелно и важно е да им објасниме на опозицијата во Грција, како и на граѓаните на Република Грција.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, пак, синоќа од митингот во Скопје повтори дека неговата партија нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име.

- Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право. Ова е историски период за сите нас, крстосница на која се наоѓаме во нашето битисување и во нашата историја, се решава прашањето за името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем и јас овде пред вас немам друга опција освен да бидам искрен и отворен, рече Мицковски.

Тој обвини дека разговорите за името се водат тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми.

- Некој кој е власт во земјата си игра со достоинството и го распродава евтино иако е бесценето. Заев кажуваше дека нема промена на Уставот и дека ќе го заштитат идентитетот. Како поминува времето, сега вели дека промената на Уставот не е промена на идентитетот. Се договора промена на името и сите ќе не именуваат со новото име. Ќе се направи непоправлива штета за која ќе нема назад, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Скопје.

И најголемата опозициска партија во Грција, Нова демократија изразува несогласување со начинот на кој се водат преговорите за името и го обвинува Ципрас за нетранспарентност и за отстапување од националните интереси. Лидерот на партијата Киријакос Мицотакис смета дека Грција не треба да брза со решавање на спорот. Бара од Ципрас да не се согласи однапред за било каков договор што ќе му дава на Скопје датум за почеток на преговорите за интеграција во Европската унија и зелено светло за членство во НАТО.

За прашањето за името вчера се огласи и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, порачувајќи оти тоа не е работа на црквата туку на Парламентот.

- Црквата зазеде став. Рече јасно дека не го даваме нашето име, но тоа не е работа на црквата. Црквата не прави протести, граѓаните одбраа Парламент и Парламентот е одговорен за тоа. Грците се одговорни што гласаат, а Парламентот да ја води земјата, рече архиепископот Јеронимос.

Сообраќајот на патиштатa се одвива непречено, по суви коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, соопштија од АМСМ.

На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Мртов кит, најден на брегот на Виетнам, е погребан со традиционална церемонија

На брегот на крајбрежниот град Диен Хунг во Виетнам денеска бил пронајден труп на кит во фаза на распаѓање, долг девет метри, тежок повеќе од 10 тони.

Локалните власти и рибарите истиот ден го извадиле и закопале мртвото животно во согласност со обичаите и традициите на виетнамското крајбрежје, пренесе виетнамската агенција ВНА.

Крајбрежните Виетнамци веруваат дека китот е свето животно кое им помага на рибарите на море.

Поради ова, тие често ги спасуваат овие животни и ги погребуваат мртвите со традиционална, свечена церемонија.

Почина човекот, кој прв во светот доби генетски модификуван бубрег од свиња

Првиот примател на генетски конструиран свински бубрег почина речиси два месеци по операцијата, соопштија неговото семејство и болницата што ја изврши операцијата.

Ричард Слејман (62) беше подложен на трансплантација на бубрег во Општата болница во Масачусетс во март оваа година, а хирургот предвиде дека свинскиот бубрег ќе функционира најмалку две години, пренесува АП.

Тимот од Општата болница во Масачусетс, вклучен во трансплантацијата, рече дека е „длабоко тажен“ поради смртта на Слејман и му изрази сочувство на неговото семејство, велејќи дека немаат индикации дека пациентот починал како резултат на трансплантацијата.

Рик Слејман од Вејмут, Масачусетс, бил првиот жив човек кој бил подложен на ваква хируршка процедура.

Претходно, свински бубрези биле привремено трансплантирани на донатори на органи со мозочна смрт, а двајца мажи добиле трансплантација на свински срца, но и двајцата умреле за неколку месеци.

Слејман имаше трансплантација на бубрег во 2018 година, но од минатата година повторно бил на дијализа кога трансплантираниот орган почнал да откажува. Поради ова, лекарите му предложиле да направи трансплантација со бубрег од свиња.

притисни ентер