За утре закажана седница на Комисијата за надворешна политика, се очекува присуство на Османи

За утре во 11:30 е закажана седница на собраниската Комисија за надворешна политика, на која се очекува и присуство на министерот за надворешни работи Бујар Османи, информира денеска претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски.

– Од Османи е побарано да ги презентира во писмена форма одговорите коишто Македонија во декември минатата година ги дала до официјална Софија на нивниот т.н. план „5+1", за да бидеме запознаени како пратеници за што се работи и дали таквите одговори се совпаѓаат и се во рамките на усвоената Декларација од македонското Собрание каде утврдивме заеднички национални позиции, изјави Милошоски, кој е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој се надева дека присуството на министерот ќе биде потврдено на утрешната собраниска Комисија.

– Очекувам да имаме интересна, занимлива, расправа на којашто очекувам да добиеме посериозни одговори околу процесот кој досега е обвиен со една доза на сомнеж за тоа колку транспарентно се преговара на релација Скопје – Софија, додаде Милошоски.

Министерството за надворешни работи во вторникот потврди дека Османи в петок ќе присуствува на седница на собраниската Комисија за надворешна политика.

Во однос на прашање за вклучувањето на Бугарите во Уставот, според Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ не смета дека „Уставот треба да биде монета за поткусурување во секое политичко недоразбирање".

-ВМРО-ДПМНЕ не смета дека Уставот треба да биде монета за поткусурување во секое политичко недоразбирање со кој било од соседите и сметаме дека по тоа прашање треба да бидеме поконвенционални, да размислиме посериозно и да не брзаме со какви било ветувања коишто гледаме дека премиерот Ковачевски многу прелесно ги дава, а со тоа можеби свесно или несвесно не разбира дека ги нарушува преговарачките позиции на Македонија, додаде Милошоски.

Репортери без граници: Македонија со најголема медиумска слобода во регионот

Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, се наведува во извештајот на организацијата „Репортери без граници“.

Медиумски пејзаж

Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои вршат плагијат и копираат содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост.

Политички контекст

Целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност.

Правна рамка

Додека уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да и се придружи. Процедурите на SLAPP служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудата за клевета, во 2023 година, на медиумот IRL за нејзината истрага од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание.

Економски контекст

Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг агенциите.

Социокултурен контекст

Иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за намалување на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка припадност или религија.

Безбедност

Новинарите често се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја.

ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК да покрене постапка против Битиќи

ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче.

По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката.

Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.

ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.

Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност.

Време е да ја вратиме државата на народот. Македонија повторно твоја,се наведува во партиското соопштение.

Пендаровски со порака по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака:

„Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество.

Квалитетните, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста и тежината на креирање на јавното мислење, можат да претставуваат силен глас на јавноста.

Затоа мора да продолжиме да вложуваме во воспоставувањето стандарди со кои медиумите ќе можат слободно и независно да работат и да се развиваат. Да градиме атмосфера во која медиумските работници ќе се чувствуваат безбедно и заштитено. Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето. Само така ќе имаме моќни и силни медиуми и новинари коишто ќе бидат објективни во известувањето и ќе ѝ служат на јавноста, а не на политичките елити и на изворите на финансирање.

На сите медиумски работници им го честитам Светскиот ден на слобода на медиумите.“, соопштуваат од неговиот кабинет.

притисни ентер