За само 4 минути од музеј во Шпанија е украдена златна колекција накит, стар 3.000 години - Канал 5

За само 4 минути од музеј во Шпанија е украдена златна колекција накит, стар 3.000 години

Во четириминутен грабеж извршен рано наутро, „Богатството на Вилена“, една од најважните колекции на артефакти од бронзеното време во Европа, беше украдена од музеј во шпанскиот град Вилена. 

За само 4 минути од музеј во Шпанија е украдена златна колекција накит, стар 3.000 години

Службениците потврдија дека се украдени повеќе од 50 предмети, претежно злато, објавува „Гардијан“.

„Алармот во музејот се вклучи околу 5:20 часот наутро“, изјави портпаролот на градот, додавајќи дека крадците веќе ја напуштиле зградата до 5:24 часот наутро. Тој ја опиша операцијата како „исклучително брза и професионална“. Според Мануел Пинеда, заменик-претставник на шпанската влада во Аликанте, крадците пристигнале со неколку возила и веројатно влегле во музејот низ прозорец.

Портпаролот на Вилена изјави дека сите безбедносни системи биле активирани и дека музејот не направил никакви грешки. Властите сега истражуваат дали алармот, кој се вклучил во спортскиот центар на градот непосредно пред грабежот, бил диверзија организирана од крадците.

„Целосно сме уништени, дури и се тресам“

Градоначалникот на Вилена, Фулгенсио Сердан, беше видливо потресен. „Го зедоа поголемиот дел од богатството“, им рече тој на новинарите. „Целосно сме уништени, дури и се тресам. Ова нè уништува во Вилена. Тоа е дел од нашето наследство, нашето богатство“, додаде тој.

Украдената колекција, која се чуваше во градскиот археолошки музеј, се состои од 29 нараквици, 11 чинии, три шишиња и други предмети. Тие се изработени претежно од злато, но колекцијата содржи и парчиња сребро, железо и килибар. Сите предмети датираат од приближно 1000 година п.н.е.

Богатството е пронајдено во 1963 година од археологот Хозе Марија Солер, закопано во сад во исушено речно корито. Иако историската вредност на колекцијата е непроценлива, само златото, според проценката на градоначалникот, вреди околу 1,7 милиони евра.

Кражби на уметнички дела низ Европа

Кражбата во Вилена е најновата во низата грабежи што ги погодија европските културни институции. Минатиот октомври, накит вреден 88 милиони евра беше украден од Лувр во Париз насред бел ден, а крадците избегаа за помалку од осум минути.

Италијанското Министерство за култура минатата недела објави дека четири дела на ренесансниот уметник Антонело да Месина со „исклучителна вредност“ се украдени од музеј на Сицилија. Два дена пред тоа, италијанската полиција објави дека пронашла слики од Реноар, Сезан и Матис, вредни повеќе од 10,4 милиони долари. Сликите беа украдени од музејот на Фондацијата Мањани-Рока во близина на Парма.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Поп-Илиоски: Менторот Филипче и Горан Бетон Герасимовски, ветуваа затворање на Дебар Маало, а го прават животот на жителите уште потежок

Денес сме на улицата „Рузвелтова“, каде што се отвора сериозно прашање за безбедноста на граѓаните. 

Поп-Илиоски: Менторот Филипче и Горан Бетон Герасимовски, ветуваа затворање на Дебар Маало, а го прават животот на жителите уште потежок

Почитувани центарци,

Почитувани претставници на медиумите,

Денес сме на улицата „Рузвелтова“, каде што се отвора сериозно прашање за безбедноста на граѓаните. Влезот во објектот е предвиден од главната улица, наместо од задната страна, со што се отвора прашањето за безбедноста на пешаците и возилата. Во населба каде што паркирањето е огромен проблем, а зеленилото сè помалку, секое вакво решение дополнително го оптоварува просторот.

Господине Горан Бетон Герасимовски, ветувавте дека ќе го затворате Дебар Маало за да го заштитите квалитетот на живот на жителите. А денес, наместо да им го олесните животот, дополнително им ги отежнувате секојдневието и движењето! Каде се ветените решенија за безбедноста, паркирањето и зеленилото?

Герасимовски, граѓаните заслужуваат да знаат кој ги одобрил ваквите решенија и дали е направена соодветна процена на безбедноста. Не може да се ветува уредено и хумано Дебар Маало, а притоа да се носат одлуки што отвораат нови проблеми за луѓето што веќе живеат таму.

Дебар Маало не е простор за експериментирање на сметка на граѓаните! Бараме Општина Центар да ја преиспита безбедноста на влезот од „Рузвелтова“ и јавно да објасни како ќе ги заштити пешаците, ќе го решава паркирањето и ќе го зачува зеленилото. Жителите заслужуваат решенија, а не уште едно неисполнето ветување!

Сашо Поп-Илиоски, претседател на правна комисија на ОК Центар

YouTube video

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хоџа: Пет дигитални модули за поголема транспарентност и поефикасна заштита на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на денешната прес-конференција ги презентираше петте модули на иницијативата „Зелен пресврт низ дигитализација“, насочени кон поголема транспарентност.

Хоџа: Пет дигитални модули за поголема транспарентност и поефикасна заштита на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на денешната прес-конференција ги презентираше петте модули на иницијативата „Зелен пресврт низ дигитализација“, насочени кон поголема транспарентност, поефикасни административни постапки и подобро управување со податоците и процесите поврзани со животната средина.

„Дигитализацијата за нас не е само софтвер. Таа е политичка алатка за правда. Таа е сурова транспарентност. Каде што има дигитален систем, нема простор за криење. Таму завршува неефикасноста на системот“, истакна Хоџа.

Првиот модул, „ТЕМЕЛИ“, ќе овозможи граѓаните, медиумите и граѓанските организации да имаат увид во проектите што ги реализира Министерството, нивната вредност, роковите, локациите и изворите на финансирање.

Модулот „ЈАДРО“ опфаќа дигитализација на архивата и просторно-информативниот систем. Дигиталната архива ќе овозможи електронско следење на предметите, увид во нивниот статус и информација за службеникот задолжен за нивното постапување. Овој процес се реализира во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Дигитализацијата на просторно-информативниот систем е веќе завршена и овозможува подобро управување со геопросторните податоци за заштитените подрачја и поголема транспарентност во постапките поврзани со нив.

Преку модулот „ВРЕМЕ“, Министерството учествува во реформите за поедноставување на административните постапки. Целта е граѓаните да се ослободат од сложени процедури. Од околу 30 чекори за поедноставување на постапките поврзани со Министерството, 15 се предвидени во првата фаза, која треба да заврши до крајот на годината.

Модулот „ЗЕМЈА“ предвидува дигитално мапирање на дивите депонии во општините, со цел полесно планирање на средствата и ресурсите за нивно расчистување, како и подготовка за воспоставување на регионалните центри за управување со отпад. Функционалноста на платформата ќе биде предмет на консултации со граѓанските организации, ЗЕЛС и стручната јавност, а нејзината реализација е предвидена во буџетот за 2027 година. Паралелно, во неколку општини се спроведува пилот-проект за видео-надзор на дивите депонии.

Петтиот модул, „ВОЗДУХ“, предвидува воспоставување дигитален регистар во кој 140 иматели на А-интегрирани еколошки дозволи ќе ги објавуваат податоците за емисиите согласно условите од издадените дозволи. Регистарот е поврзан со Законот за контрола на емисиите во воздухот, кој стапува во сила во септември 2027 година.

Во наредниот период Министерството ќе ги презентира модулите поединечно, со детални информации за нивната функционалност и придобивките за граѓаните.

„Ова не е само дигитализација. Ова е нов вредносен систем. Ова е нашиот зелен пресврт“, порача Хоџа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Вакцинацијата против сезонски грип забрзува – вакцини има доволно за сите

Од почетокот на кампањата на 14 октомври, досега се пријавени вкупно 66.821 граѓанин, со просек од 4.455 пријави дневно. 

Вакцинацијата против сезонски грип забрзува – вакцини има доволно за сите

Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, а следат хроничните болни. Најмногу пријави има во Скопје (19.767), Битола (4.845), Прилеп (3.844), Струмица (3.585) и Тетово (3.581).

Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани – во последните три работни дена по околу илјада дневно. Реализацијата на термините што веќе поминале изнесува 86,7%, а 503 граѓани (13,3%) не се појавиле на закажаниот термин.

Ги повикуваме граѓаните што не можат да дојдат навреме да го откажат терминот, за тој да се додели на друг пријавен. Денес ќе започне нова група закажувања, со што бројот ќе се зголеми на околу 1.700 вакцинации дневно.

Денес е склучен договор за дополнителни 26.000 вакцини, од производителот Санофи, кои ќе пристигнат до 15 ноември, или досега вкупно 56.000 вакцини, а најавени се уште 30.000 вакцини до крајот на ноември. Со тоа ќе бидат обезбедени вкупно 86.000 вакцини – најмногу досега, и околу 20.000 повеќе од бројот на моментално пријавени граѓани.

„Сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита. Словенија и Хрватска ќе започнат со вакцинација во ноември – и тоа не е доцна. Вакцини има доволно за сите пријавени, затоа ги молам граѓаните за трпение – секој ќе биде повикан на термин. Исто така, од неделава тимови на здравствените домови вакцинираат во домови за стари лица, а од следната недела и во центрите за дијализа“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер