За пет години кириите во Европа пораснале за 12,5 отсто - Канал 5

За пет години кириите во Европа пораснале за 12,5 отсто

Податоците на Европската статистичка агенција – Евростат покажуваат дека кириите за изнајмување станови и куќи во Европа во периодот јуни 2020 - јуни 2025 просечно пораснале за 12,5 отсто.

За пет години кириите во Европа пораснале за 12,5 отсто

Податоците на Европската статистичка агенција – Евростат покажуваат дека кириите за изнајмување станови и куќи во Европа во периодот јуни 2020 - јуни 2025 просечно пораснале за 12,5 отсто, но според извештај на германската „Дојче Банк“ тој раст во градските центри бил значително поголем од овој просек.

Во извештајот на „Дојче Банк“, во кој се анализирани кириите во 67 градови низ целиот свет, од кои 28 во Европа, се наведува дека во периодот помеѓу 2020 и 2025 година, генерално, најголем процентуален раст на станарините се бележи во градските центри во Јужна и Источна Европа.

Така, кириите најмногу пораснале во Истанбул за 206 отсто, по што следуваат Лисабон со 81 и Прага со 73 проценти. Единствен европски град каде кириите пораснала за над 70 отсто, а кој не се наоѓа во Јужна или Источна Европа, е шкотскиот Единбург каде во последните пет години станарините се зголемиле за 71 процент.

По ова следуваат Барселона со раст на кириите од 65 отсто, Мадрид со 59 проценти и Атина и Варшава со зголемување од нешто над 50 проценти.

Најмал раст на кириите во последниве пет години е регистриран во Хелсинки од само три отсто.

Но, кога станува збор за еднособните станови во Хелсинки зголемувањето на нивните кирии е неколкукратно повисоко од просекот и изнесува 18 проценти, што сепак е најниско меѓу европските градови опфатени со извештајот.

Највисок раст на кириите за еднособните станови е регистриран во Истанбул од 191 отсто, што сепак е под градскиот просек за 15 процентни поени.

Значителни помали зголемувања на кириите за еднособни станови од просекот имаат и Прага за 23 процентни поени и Амстердам за 10 процентни поени, додека нивниот раст е значително поголем од просечниот во Милано и Варшава за 20, односно 10 процентни поени.

Гледано во номинални вредности само во пет европски градови просечните кирии за трособен стан се под 2.000 евра.

Според податоците во извештајот на „Дојче Веле“, во 2025 година просечната месечната кирија за трособен стан во централните подрачја на 28 европски градови се движела од 1.080 евра во Атина до 5.088 евра во Лондон.

По Лондон, кириите за трособен стан се највисоки во Цирих и Женева од над 4.250 евра, по што следува Амстердам со станарини од над 3.800 евра. Во Даблин, Луксембург, Париз, Копенхаген и Минхен кириите изнесуваат над 3.000 евра.

Причините за ваквите високи кирии се објаснуваат со ставот дека овие градови се значајни финансиски, политички или меѓународни центри, што поттикнува зголемена побарувачка на простор за домување.

Во Милано, Единбург и Лисабон кириите за трособен стан се движат нешто под 3.000 евра, во

Мадрид, Стокхолм, Берлин, Франкфурт и Барселона во просек тие изнесуваат околу 2.500 евра, додека во Бирмингем, Брисел, Виена и Прага се околу 2.100 евра.

Дополнително, овие градови имаат и релативно пониски трошоци за живот во споредба со оние каде кириите се над 3.000 евра.

Петте европски градови опфатени со извештајот во кој месечните кириите за трособен стан се под 2.000 се Хелсинки со 1.928 евра, Варшава со 1.881 евро, Истанбул со 1.614 евра, Будимпешта со 1.225 евра и споменатата Атина со просечни 1.080 евра.

Овие бројки покажуваат дека градовите во Западна и Северна Европа имаат највисоки кирии, за што како клучни фактори се сметаат високиот животен стандард и недостигот на станбен простор.

Од друга страна градовите во Јужна и Централна Европа имаат поприфатливи нивоа на кирии, додека тие се најниски во Источна и Југоисточна Европа.

Меѓу неевропските градови опфатени со извештајот, највисоки просечни кирии за трособен стан има во Њујорк од 7.676 евра, а најниски во Каиро од 377 евра. Повисоки просечни кирии од градовите во ЕУ имаат и Дубаи и Сиднеј, каде тие изнесуваат околу 4.000 евра, додека во центрите на Торонто, Сеул, Токио, Москва и Шангај станарините се движат околу 2.500 евра.

Кога станува збор за кириите за еднособен стан во Европа, тие во просек се за околу половина помали отколку станарините за трособен стан.

„Европски шампион“ и кај еднособните станови е Лондон со просечна кирија од 2.732 евра, а „фенерџија“ и во оваа категорија е Атина со 595 евра.

Според податоците на Евростат, со зголемувањето на станбените кирии во Европа, трошоците за домување зафаќаат се поголем удел во буџетите на домаќинствата и тој континуирано расте. Овој раст на кириите во центрите на градовите создава дополнителен притисок врз домаќинствата, особено за лицата со помали приходи и минимални плати.

Оттаму во извештајот на „Дојче Банк“ се прави и анализа на соодносот меѓу просечните кирии и просечните плати, при што во некои европски градови висината на станарите е речиси идентична со просечните плати, а некаде тие не се доволни да се покрие киријата за еднособен стан во центарот на градот.

Во 2025 година највисока просечна месечна нето плата меѓу градовите опфатени со извештајот има Женева од 7.307, по што следува уште еден швајцарски град Цирих со 7.127 евра. Во Луксембург, Амстердам, Копенхаген и Франкфурт просечните плати се над 4.000 евра. Во Берлин просечната плата е 3.565 евра, во Париз 3.630 евра, во Лондон 3.637 евра, во Мадрид 2.193 евра, а во Рим 2.046 евра.

Најниска просечна плата меѓу европските градови има во Истанбул од 855 евра, а пред него е Атина со 1.044 евра.

Кога станува збор за соодносот меѓу просечните кирии и приходи тој е највисок во Лисабон од 116 отсто, што значи дека со една просечна плата во португалскиот главен град не може да се покријат просечните трошоци за домување. Така на еден жител на Лисабон за да ги покрие трошоците за кирија му се потребни дополнителни 202 евра месечно од висината на просечната плата.

Слична е состојбата и во Истанбул, каде соодносот кирија-плата е 101 процент, односно на жител на градот со просечна плата му недостигаат 13 евра за да плати просечна кирија.

Во Лондон тој сооднос е 75 отсто, во Барселона и Мадрид по 74, а во Милано 71 процент. Над половина од просечната плата за покривање на трошоците за станарина е потребна и во Рим каде соодносот е 65 отсто, во Даблин со 62 проценти, Атина со 57, Варшава со 56, Прага со 54 и Будимпешта со 52 отсто.

Натаму следуваат Амстердам со сооднос меѓу кириите и платите од 49 проценти, Стокхолм со 46, Париз со 45, Единбург со 44, Копенхаген со 43, Осло со 42 и Берлин со 40 отсто.

Сооднос кирија-плата под 40 проценти имаат Виена со 38, Цирих и Хелсинки со по 35 и Луксембург и Франкфурт со по 34 отсто.

Единствен меѓу европските градови каде што соодносот меѓу просечната кирија и плата е под 30 проценти е Женева, каде тој изнесува 29 отсто.

На глобално ниво просечните приходи не се доволни за покривање на трошоците за домување во Богота каде соодносот кирија-плата е 120 проценти, во Мексико Сити со 118 и во Сао Паоло со 102 отсто. Во Рио де Жанерио тој сооднос е 100 проценти, односно за покривање на просечните трошоци за кирија е потребна една просечна плата. Нешто понизок сооднос има во Манила од 94 отсто, Буенос Аирес од 88, Мумбај од 84 и Њујорк од 81 процент.

Врз основа на оваа статистика произлегува дека откако би платиле просечна кирија во Женева и Цирих на граѓаните би им останале на располагање 5.174, односно 4.638 евра од просечната плата. На жителите на Луксембург расположливата сума од просечната плата што им преостанува по плаќањето на просечна кирија изнесува 3.725 евра, во Франкфурт 2.726 евра, во Копенхаген 2.421 евра, во Амстердам 2.194 евра, во Осло 2.140 евра и Хелсинки 2.021 евра.

Во сите останати европски градови откако ќе ја подмират просечната кирија на лицата со просечни плати им остануваат под 2.000 евра. Така во Берлин остаток изнесува 1.962 евра, во Виена 1.953 евра, во Париз 1.830 евра, во Брисел 1.802 евра, во Лондон 905 евра, во Прага 891 евро, во Варшава 814 евра, во Будимпешта 624 евра, во Милано 586 евра, во Мадрид 516 евра, во Барселона 490 евра и во Атина 449 евра. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Им сервирале кучешко месо од украдени миленици на гостите- уапсени се четворица газди на виетнамски ресторани

Четворица сопственици на ресторани кад есе служи кучешко месо уапсени се под сомнение дека купиле повеќе од 10 тони месо од банда што краде кучиња во Виетнам!

Им сервирале кучешко месо од украдени миленици на гостите- уапсени се четворица газди на виетнамски ресторани

Апсењата доаѓаат во време кога полицијата на градот Хо Ши Мин ја засилува борбата против кражбите на домашни миленици и оние што профитираат од продажба на украдени животни.

Полицијата на градот Хо Ши Мин соопшти дека истражува банда за кражба на кучиња и мачки, наводно предводена од Нгуен Ба Лонг (29) од градот Донг Наи и неговиот партнер Нгуен Лонг Јен Ван (40), заедно со уште девет соучесници.

Бандата наводно организирала кражба на домашни миленици за профит, ангажирајќи ги своите членови да користат автомобили за кражба на кучиња и мачки во градовите Нгија Тан, Ким Лонг, Нгаи Џао и околните области.

Додека истражителите го следеле движењето на украдените животни низ синџирот на снабдување, тие идентификувале четири сопственици на ресторани за кучешко месо кои редовно купувале големи количини месо од лице по име Ван.

Во овој случај, четири сопственици на ресторани што служат кучешко месо се обвинети и се задржани во притвор до судењето: Луонг Ти Тао (32), од Хаи Фонг; Дин Ван Тин (30), од Хунг Јен; Данг Ти То (38), од Нин Бин; и Нгуен Ти Нгок (41), од Ханој.

Полицијата соопшти дека четворицата продолжиле да го купуваат месото и покрај тоа што знаеле дека нема фактури, доказ за потекло или печати од ветеринарна инспекција.

Месото, исто така, имало сомнителни траги што укажуваат на можна изложеност на електрични шокови и било продавано по цени пониски од пазарните.

Записите за трансакциите покажале дека четворицата купувачи префрлиле повеќе од 860 милиони виетнамски донги (33.300 американски долари) на лице по име Ван за околу 10 тони кучешко месо.

Според истражителите, за време на испрашувањето, сите четворица признале дека знаеле дека месото доаѓа од украдени кучиња, но сепак продолжиле да го купуваат за да го препродаваат и да остварат профит.

Меѓу нив била и жена по име То, која водела ресторан за кучешко месо наречен Луат То во покраината Нин Бин. Таа признала дека потрошила 153 милиони виетнамски донги (5.900 американски долари) за месо за кое знаела дека е украдено.

Таа призна дека нејзините купувања помогнале во одржувањето на криминална мрежа за кражба на кучиња и изрази жалење, повикувајќи ги другите да не тргуваат со кучешко месо од непознато потекло.

Полицијата на градот Хо Ши Мин ја проширува акцијата

Апсењата доаѓаат во време на поширока кампања на полицијата на градот Хо Ши Мин за справување со организираните мрежи за кражба на домашни миленици и бизнисите што купуваат украдени животни.

Според податоците објавени на 20 октомври, полицијата од почетокот на 2026 година обработила 26 случаи на кражба на домашни миленици во кои учествувале 54 осомничени лица, вклучувајќи кражба на кучиња, мачки, украсни птици и желки.

Од нив, 13 случаи во кои учествувале 33 осомничени резултирале со кривични постапки за кражба, објавија виетнамските медиуми.

Властите сè повеќе ги гонат не само оние што директно крадат домашни миленици, туку и организаторите, собирачите и купувачите кои помагаат во одржувањето на нелегалната трговија.

Истрагите открија софистицирани мрежи што работат преку покраинските граници, при што осомничените користат рачно изработени уреди за електрошок, возила со лажни регистарски таблички и одредени оперативни области за кражба на животни.

Полицијата во градот Хо Ши Мин соопшти дека ќе продолжи да ги засилува патролите, да истражува пријави за кражби и да ги гони мрежите што стојат зад украдените домашни миленици, вклучувајќи ги и оние што ги собираат и продаваат животните.

Властите нагласија дека иако домашните миленици може да имаат релативно скромна парична вредност, нивното емоционално значење за сопствениците честопати далеку ја надминува нивната пазарна цена.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мултимилионер и неговите ќерки застрелани, сопругата нападната со чекан- маскирани напаѓачи им влегле дома

Канадски извршен директор за недвижности и неговите две ќерки беа застрелани и ранети, додека неговата сопруга беше удрена со чекан за време на вооружен грабеж на нивниот мултимилионски дом во луксузен кварт во Торонто.

Мултимилионер и неговите ќерки застрелани, сопругата нападната со чекан- маскирани напаѓачи им влегле дома

Дејвид Мортон, извршен директор на MAC Group, и неговото семејство беа нападнати кога тројца маскирани мажи влегоа во нивната затворена заедница во Бридл Пат околу 3:45 часот наутро, објави „Торонто Сан“.

Осомничените, кои беа вооружени со пиштоли и чекан, влегоа во куќата со пет спални соби низ задна врата, изјави за новинарите инспекторот на полицијата во Торонто, Кристи Смит.

Мортон, 75, и неговите ќерки Меги Зохил-Мортон и Кристина Зохил-Мортон беа соочени со неидентификувани натрапници кои носеа скијачки маски и дуксери, објави „Њујорк пост“.

„За време на нападот, се случи физичка пресметка, за време на која осомничените испукаа повеќе истрели, а една жртва беше погодена со чекан“, рече Смит.

Извори за медиумот изјавија дека тројца членови на семејството „се обидоа да се одбранат“ од напаѓачите кога беа застрелани.

Мортон и една од неговите ќерки биле застрелани во ногата, додека другата ќерка претрпела прострелна рана под раката, објави медиумот.

Сопругата на Мортон, Доријана Зохил-Мортон, која е и претседател на MAC Group, била нападната од еден од осомничените кој имал чекан.

Двајца членови на семејството претрпеле „повреди што им го промениле животот“ и се уште се хоспитализирани, додека двајца други претрпеле повреди кои не се опасни по живот, рече Смит.

Членовите на семејството не се идентификувани врз основа на нивните повреди.

Опис на осомничените не е објавен, но официјалните лица изјавија дека избегале од местото на настанот со теренско возило.

Сè уште не е познато дали е украдено нешто од домот за време на провалата.

Мотивот за нападот не е објавен, но се верува дека крадците имале намера да го ограбат луксузниот имот на мултимилионерот.

„Имаше насилен напад. Од жителите беше побарано да ги предадат вредните предмети што биле во домот. Во моментов не е познато дали успеале да земат нешто“, рече Смит.

„Мотивот за овој тип напад би можел да биде фактот дека ова е богата област каде што луѓето поседуваат работи што се барани“, додаде таа.

Куќата со пет спални соби и седум бањи е проценета на 2,1 милион долари. Има тениско игралиште, базен и приватни градини кои, според огласот, „придонесуваат за луксузен животен стил“.

Блиската куќа на парцела од 1.000 квадратни метри исто така неодамна беше објавена за 8,45 милиони долари.

Градоначалничката на Торонто, Оливија Чау, апелираше за информации за нападот и најави зголемено полициско присуство во областа.

„Длабоко сум тажна поради насилниот упад во домот што се случи рано утрово во населбата Бридл Пат. Моите мисли се со семејството и нивните најблиски, кои минуваат низ нешто низ што ниедно семејство не треба да помине. Се молам за нивно целосно закрепнување“, напиша Чау на социјалните медиуми.

MAC Group е семејна компанија со седиште во Торонто, со филијали специјализирани за недвижности, угостителство и корпоративно сместување.

Мортон ги надгледува сите сектори на компанијата, а според нејзината веб-страница, таа има 30 години искуство во угостителството и индустријата за недвижности.

Нивната ќерка, Кристина, е наведена како основач на „Зохил-Мортон Ло“, адвокатска фирма која нуди услуги од областа на канадското имиграциско право.

Меги Зохил-Мортон е исто така вработена во MAC Group, каде што работи во различни сектори.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Турција сериозно ги зголеми капацитетите- дури 62 проценти од струјата се добива од обновливи извори

Климатските промени, предизвикани од високите емисии на CO2, брзо и сè повеќе го влечат светот во хаос, и тоа не само во однос на климата. 

Турција сериозно ги зголеми капацитетите- дури 62 проценти од струјата се добива од обновливи извори

Еден начин да се ублажат и забават овие промени е да се намалат емисиите на CO2 и, што е можно поскоро, да се достигнат нула емисии. Турција вложува сериозни напори во оваа област со зголемување на обновливите извори за производство на електрична енергија.

Во пресрет на COP31, 31-та Конференција на Обединетите нации за климатски промени, која ќе се одржи во Анталија, Турција од 9 до 20 ноември, земјата работи на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, како и на развој на складирање на енергија и воспоставување домашен систем за тргување со емисии на јаглерод. Сето ова додека турската индустрија се подготвува за нови и построги климатски прописи.

Како што објаснија вкупниот инсталиран капацитет (вкупната моќност на сите електрани што се изградени и поврзани со електроенергетскиот систем) за производство на електрична енергија во Турција достигна 127.355 мегавати (MW) на крајот на септември, од кои капацитетот на обновлива енергија беше 80.315 MW, или околу 62 проценти од вкупниот капацитет. Домашните извори на енергија учествуваа со 72,1 процент од инсталираниот капацитет.

Инсталираниот капацитет на сончевите електрани и ветерните фарми достигна 43.762 MW, или 34,4 проценти од вкупниот капацитет за производство на електрична енергија во земјата.

Турција генерираше 31,79 милијарди киловат-часови (kWh) електрична енергија во септември. Хидроенергијата беше најголемиот поединечен извор, со 8,27 милијарди kWh, или 26 проценти од вкупното производство.

Сончевите електрани генерираа 4,32 милијарди kWh, што претставува 13,6 проценти од вкупното производство, додека ветерните фарми генерираа 3,84 милијарди kWh, или 12,1 процент. Заедно, сончевата и ветерната енергија генерираа 8,16 милијарди kWh електрична енергија во текот на месецот.

Вкупното производство од обновливи извори достигна 18,10 милијарди kWh, или 56,9 проценти од вкупното производство. Домашното производство на електрична енергија изнесуваше 22,35 милијарди kWh, или 70,3 проценти од вкупното производство на електрична енергија.

На крајот на септември, хидроенергијата сочинуваше 32.332 MW инсталиран капацитет, сончевата енергија 28.222 MW, природниот гас 25.009 MW, ветерот 15.540 MW, домашниот јаглен 11.565 MW, увезениот јаглен 10.466 MW, биомасата 2.423 MW и геотермалната енергија 1.798 MW.

Но, постојат и проблеми со овој вид производство на електрична енергија. Кај хидроелектраните е дожд, кај сончевите електрани е недостаток на сончеви денови, кај ветерните турбини е недостаток на ветер... Сепак, според нашите домаќини, овие проблеми можат успешно да се решат со изградба на доволно електрани од сите видови за производство на електрична енергија од обновливи извори.

И со таквата енергија сигурно може да се тргува...

Вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија во земјата на 10 октомври изнесувал околу 127,3 гигавати, при што обновливите извори, според овие податоци, сочинуваат околу 62 проценти од вкупниот капацитет.

Таха Мели Арвас, извршен директор на EPİAŞ, рече дека следниот голем чекор е подобрување на можноста за складирање на електрична енергија произведена од обновливи извори.

EPİAŞ, исто така, управува со системот YEK-G, кој издава, тргува и поништува сертификати за гаранција за потекло поврзани со производството на електрична енергија од обновливи извори. Овие сертификати им овозможуваат на компаниите да документираат дека купуваат електрична енергија од обновливи извори.

Ова најдобро се објаснува со следниве зборови: Замислете дека соларна електрана во Турција произведува повеќе електрична енергија напладне отколку што нејзиниот сопственик може да потроши. Таа може да ја продаде оваа електрична енергија на пазарот, на пример на фабрика или добавувач кој потоа ја продава на своите клиенти. Цената, се разбира, зависи од понудата и побарувачката. Кога многу соларни електрани произведуваат електрична енергија во исто време, цената може значително да падне, па дури и да стане негативна. Навечер, кога сончевите електрани престануваат да произведуваат, побарувачката може да биде поголема од понудата и цената може да се зголеми. Затоа Турција работи на складирање на енергија во батерии - електричната енергија се купува или складира кога е евтина, а се користи или продава кога е поскапа, со трошоци за складирање и загуби.

Тука влегуваат во игра сертификатите што потврдуваат дека електричната енергија доаѓа од обновливи извори. Ова е дел што EPİAŞ го разви специјално преку турскиот YEK-G систем. Имено, за секои 1 MWh електрична енергија произведена од регистриран обновлив извор, се издава електронски сертификат што го докажува неговото потекло. Сертификатите може да се купуваат и продаваат независно од самата електрична енергија.

Секако, се поставува логичното прашање зошто фабриката би платила за тој сертификат? Па, затоа што клиентите, инвеститорите и регулаторите сè повеќе бараат доказ за „јаглеродниот отпечаток на производството“ (вкупната количина на стакленички гасови произведени за време на производството на производ или услуга). Компанијата што купува сертификати може да ја документира употребата на електрична енергија од обновливи извори и да ја вклучи во својот извештај за одржливост. Таквата компанија може да постигне разни придобивки, од предности при склучување идни договори (бидејќи покажува колку е „еколошки свесна“), до подобра конкурентност на извозните пазари, до разни други комерцијални и финансиски предности.

Докажливата употреба на обновлива енергија може да помогне и во привлекувањето инвеститори, добивањето зелено финансирање или исполнувањето на барањата на одредени програми.

Турција, исто така, најави воспоставување на национален систем за тргување со емисии, кој ќе им овозможи на компаниите опфатени со системот да тргуваат со единици за емисии поврзани со емисиите на стакленички гасови. Системот ќе биде во пилот-фаза во текот на 2026 и 2027 година. Според сегашните правила, 2026 година е година на следење, во која компаниите ќе мора да ги пријават своите емисии, но нема да бидат обврзани да ги предадат единиците за емисии. Механизмот за одредување цени на емисиите ќе започне да се спроведува во 2027 година.

Мустафа Ајдин, заменик-генерален директор на EPİAŞ за пазари на животната средина и минерали, изјави дека индустриите што учествуваат во системот би можеле да ги користат приходите генерирани од неговата имплементација за финансирање на инвестиции во енергетската транзиција.

Турција го развива системот за тргување со емисии во време кога нејзините извозници се подготвуваат за Механизмот за прекугранично прилагодување на јаглеродот (CBAM) на Европската унија. Овие правила се особено важни за Турција, чии производители извезуваат во голема мера на европските пазари.

Компаниите што не се во можност да обезбедат сигурни податоци за емисиите или да докажат колку јаглерод е содржан во нивните производи би можеле да се соочат со повисоки трошоци за усогласување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер