Повтори дека ВМРО-ДПМНе и коалицијата се подготвени во секое време за изборно соочување, но останува на ставот дека предвремени избори со локалните се непотребен трошок, кој според него не го сакаат ниту граѓаните, а на оваа влада вели треба да и се остави простор да го покаже сработеното.
-Разбирам дека некои од опозициските ќе привлечат внимание. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена секогаш, еве и денеска е подговена за избори. Имаме локални избори и граѓаните ќе кажат дали се потребни парламентарни или не. А ако загубиме и ако речат дека се потребни, можеме да организираме парламентарни. Ако граѓаните гласаат за градоначалниците на СДСМ и на ДУИ, јасна е пораката, и ние нема да ја игнорираме пораката како што тоа го правеа тие во минатото, рече Мицкоски.
Децидно против вонредни избори се и од коалицискиот партнер „Вреди“. За барањето од опозицијата, министерот Таравари кажа дека идната година ќе само локални избори, но ако има консензус, како што рече, би зборувале и за двојни избори. Му порача на Ахмети првио да се адаптира и реформира, па потоа да зборува за избори.
-Но, пред пет – шест месеци завршија изборите. Така што, јас би му препорачал на господинот Ахмети повеќе да се фокусира во реформи во партијата и во адаптација во опозиција, отколку еднаш да бара избори. Оти ако се одржат повторно идната година, потоа повторно 2026 година пак ќе бара избори. Ахмети нека се адаптира и нека се реформира, изјави Таравари.
Коментирајќи ја вчерашната средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот бугарски колега Радев, во Баку, и неговите пораки, Мицкоски изјави дека не знае каков бил речникот на средбата, но оти таа поминала во пријателска, добра атмосфера. Радев на средбата ги слушнал истите аргументи, вели Мицкоски кои биле презентирани и пред стратешките партнери. Слично како и Таравари пред неколку денови, и Мицкоски денеска изрази надеж дека до крајот на годинава Македонија ќе може да го продолжи евроинтегративниот пат, без да прецизира дали ќе има решение за уставните измени.