За Јужнокореанките златото, за Холанѓанките светски рекорд

Јужнокореанките го освоија златото во штафетата на кратки патеки во брзо лизгање на 3.000 метри на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, а Холандија, иако на истата делница постави нов светски рекорд, мораше да се задоволи само со бронзениот медал.

Штафетата на Јужна Кореја во состав Шим Сук-хи, Чои Мин-џоенг, Ким Је-џин и Ким А-ланг беше најбрза во А-финалето со време 4:07.361 минути и ја одбрани титула освоена пред четири години во Сочи.

Среброто го освои штафетата на Италија, но најинтересна беше борбата за бронзата која во А-финалето не ја добија репрезентациите на Кина и Канада бидејќи беа дисквалификувани.

Поради тоа одлуката за бронзата беше префрлена на Б-финалето во кое триумфираа Холанѓанките во состав Сузан Шутлинг, Јара ван Керкоф, Лара ван Руивјен и Јориен тер Мос, кои со време од 4:03.471 минути поставија нов светски рекорд.

Второто место во Б-финалето го освоија Унгарките, а за парадоксот да биде уште поголем исто така имаа подобар резултат (4:03.603 минути) од Јужна Кореја и Италија, но сепак завршија на четвртото место./MИА
притисни ентер