ПАНДАС – откриен од неврологот на детската болница
До деветгодишна возраст, Оливер бил дружељубив и популарен во своето училиште. Тој бил претседател на училишниот совет, но сè се променило во јануари 2020 година кога се вратил дома од училиште и делувал потивко од вообичаено. Неговата загрижена мајка Меган го проверувала во текот на ноќта и била шокирана од промената. Според неа, „како да бил вклучен прекинувач“. Оливер се соблекол по гаќи, се нишал среде соба, со вклучен вентилатор среде зима и отворен прозорец. Викал и тврдел дека кожата му е жешка. Преку ноќ станал психотичен. Ова насилно однесување ги збунувало медицинските стручни лица цели 18 месеци.
По долгомесечното барање одговор, Меган ја пронашла веб-страницата на добротворната организација „PANS PANDAS UK“. Нејзиното откритие довело до тоа на Оливер во октомври 2021 г. да му биде дијагностициран ПАНДАС од невролог во детската болница во Бирмингем. На Оливер му препишале комбинација од антибиотици, антиинфламаторни лекови и терапија, но тој не излегува од дома веќе две години, од последниот прием во болницата. Сега, на 14 години, тој не носи ништо освен прекривка, не поднесува човечки допир и комуницира со своите родители од врвот на скалите, пренесува британски Сан.
ПАНС И ПАНДАС - Ретка медицинска состојба која брзо ги погодува децата
ПАНДАС (педијатриско автоимуно невропсихијатриско нарушување поврзано со стрептококни инфекции) е состојба која се јавува ненадејно и може да влијае на физичкото и менталното здравје кај децата и младите. ПАНДАС специфично се активира од стрептококна инфекција од групата А, која може да предизвика погрешен имунолошки одговор и воспаление на мозокот. Децата погодени од оваа состојба може да бидат на возраст од три години, кога ќе се појават првите симптоми, но овој синдром може да се појави до пубертетот.
Според „PANS PANDAS UK“, во моментов не постои начин да се дознае колку точно деца се погодени од оваа состојба во Велика Британија. Проф. Рајат Гупта консултант детски невролог на Детската клиника во Бирминген, кој ја дијагностицирал состојбата на Оливер изјавил дека со ваква состојба се дијагностицирани околу 100-тина деца. Постои мала свест кај медицинските професионалци во Велика Британија за оваа состојба.
- Децата кои се однесуваат вака може да имаат состојба која лесно може да се лекува со кратка двонеделна терапија со антибиотици - изјавил професорот Рајат.
Работната група и истражувањето „PANS PANDAS“
Работната група PANS PANDAS е основана во 2022 година и се состои од невролози, имунолози и педијатри. Целта на групата е да ги подобри стандардите за грижа на луѓето со ваква состојба и да постигне национален консензус за тоа како да се дијагностицираат и третираат овие состојби. Групата исто така е во процес на спроведување на истражување низ Велика Британија со цел да добие појасна слика за тоа колку луѓе се погодени од оваа состојба.
Д-р Минг Лим, консултант педијатриски невролог во Детската болница Евелина во Лондон, кој е дел од работната група, навел дека една од причините поради кои ПАНДАС е контроверзна состојба е тоа што не постои специфичен биомаркер - како што е скенирање на мозокот или тест на крвта – кој би потврдил дека некој ја има таа состојба.
Ели, случај на ПАНДАС со брз одговор на терапијата
Родителите на едно 13-годишно девојче, исто така погодено од ПАНДАС, ги опишале нејзините први суптилни симптоми пред брзото влошување. Ели имала болки во грлото, а нејзините родители ѝ дале лек за оваа нелагодност со надеж дека ќе закрепне. Меѓутоа, откако се вратила од училиште, доживеала напад на паника, била преплашена и изгледала како да ќе земе нож од кујнската фиока и ќе се прободе во градите. Ели имала и други симптоми, но бргу закрепнала со помош на терапијата.