Втор ден жалост по автобуската несреќа, се утврдуваат причините

 Во земјава денеска е втор ден жалост по сообраќајката во која завчера на патот Скопје-Тетово загинаа 14 лица, а 37 беа повредени откако кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмотурс". 

Во критична состојба, според последните информации, се петмина од повредените од кои двајца се хоспитализирани во ГОБ „8 Септември", а тројца на Скопските клиники.

Надлежните институции го утврдија идентитетот на жртвите, завршен е увидот на местото на несреќата, а автобусот е однесен на вештачење. Како што информираше вчера Јавното обвинителство, интензивно се работи на утврдување на сите детали за причините на несреќата.

Автобусот на компанијата „Дурмо турс" што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е кренат од местото на несреќата и по наредба на јавен обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Од досегашните сознанија е утврдено дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. Вешт наод и мислење треба да достави и Бирото за судски вештачења.

Анализата на примероците на крв и урина на возачот кој беше хоспитализиран поради телесни повреди покажала дека во моментот на несреќата кај него не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Дополнително ќе се утврдува дали во моментот на несреќата користел мобилен телефон.

„Дурмо турс", пак, треба да достави целосна документација за дозволите кои ги поседува за јавен превоз, за одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот, како и податоци за работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.

Обвинителството најави одлука по обезбедување на сите докази, целокупната релевантна документација, обдукциските протоколи, медицинската документација за повредите на другите патници, извештаите за наредените вештачења, испитувањето на возачот, на патниците во автобусот и на очевидци на настанот.

По несреќата Владата на вонредна седница прогласи дводневна жалост во целата држава. Комеморативни седници одржаа општините Гостивар и во Врапчиште, од каде се починатите во несреќата, во присуство на државниот врв и владини и партиски делегации.

Сочувство до семејствата и граѓаните на Македонија упатија и политичари од повеќе држави од соседството и пошироко, како и од Европската унија и од НАТО.

Борел: Шпанија, Ирска и Словенија со план симболично да ја признаат Палестинската држава

Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат палестинската држава на 21 мај, изјави денеска шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.

„Колку што знам да, бидејќи така ми кажа министерот (Хозе Мануел) Албарес“, рече тој мислејќи на министерот за надворешни работи на Шпанија.

Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.

„Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа“, додаде Борел./МИА

Зеленски: Русија започна нова офанзива во регионот Харков

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Русија започнала нова офанзива во регионот Харков.

„Русија започна нов бран на офанзивни акции во насока на Харков. Нашите бранители ги пречекаа со копнени сили, бригади и артилерија“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев, додавајќи дека Русите би можеле да испратат повеќе сили за поддршка на пробивот на североисток.

Руските сили денеска почнаа копнена офанзива со оклопни возила во близина на Харков, вториот по големина град во Украина на североисток, и постигнаа ограничен напредок. Ова отвори нов фронт во долготрајната војна што се води на исток и југ.

Украина испрати засилување додека беснееја борби во пограничните области во областа, соопшти Министерството за одбрана, додавајќи дека Русија го нападнала пограничниот град Вовчанск со наведувани бомби и артилерија.

„Околу 5 часот, непријателот се обиде да ја пробие нашата одбранбена линија под заштита на оклопни возила. Тие напади сега се одбиени, борбите со различен интензитет продолжуваат“, соопшти Министерството.

Украински воен извор, кој одби да биде именуван, рече дека руските сили напреднале еден километар во внатрешноста на украинската граница во близина на Вовчанск. /МИА

Ракети истрелани врз градот Бершеба

Сирените денеска се огласија во израелскиот јужен град Бершеба, а потоа се слушнаа неколку експлозии.

Засега нема информации за евентуални човечки жртви и причинета материјална штета од ракетниот напад.

Последен пат сирените во Бершеба се огласија на 14 април за време на иранскиот ракетен напад. /МИА

притисни ентер