Врачени наградите на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ - Канал 5

Врачени наградите на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

Во време на општото сеедно, треба да сте храбри за да ја остварите вашата визија.

Врачени наградите на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

Со врачувањето на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ на Београдско драмско позориште, синоќа беше спуштена завесата на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Публиката го наполни гледалиштето на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, дојде да им оддаде почит на најдобрите според жири-комисијата, но и да ја проследи една претставите за кои особено се зборува во изминатите три месеци.

Жири-комисијата во состав Снежана Коневски-Руси, претседател Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ ги оценуваа претставите. Руси синоќа ги соопшти наградените, а уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска, им ги врачи.

Според оценките на публиката, со просечна оценка од 4.75, ајдобра претстава беше прогласена „Амадеус“ од Питер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, на Турскиот театар. Тие и минатата година ја добија оваа награда за претставата „Слепци“ на Ќендрим Ријани. Осман Али, директор на Театарот и се заблагодари на прилепската публика.

Наградата за најдобра сценографија ја доби Валентин Светозарев, кој го цитираше Хамлет:

-И да ме затворите во ореова лушпа, ќе останам крал во ореова лушпа. Се надевам дека нареден пат нема да бидам во ореова лушпа.

Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја прими Јеткин Сезаир за улогата на Моцарт во „Амадеус“. Тој им се заблагодари на публиката во Прилеп, на фестивалот и жирито, на режисерот Андреј Цветановски што му ја додели улогата и на целиот Турски ансамбл за поддршката.

Сара Спиркоска по втор пат ја доби наградата за млада актерка.

-Огромна чест ми е што по втор пат ја добивам оваа награда, овојпат не е потврда само за мојот напредок, ама е потврда и дека сум уште млада. Годинава настапив со три претстави, од вкупно пет колку што ги имав во сезоната. Голем е предизвикот за млад актер, којшто и не е вработен да се задржи активен и да напредува, но се радувам дека постојат луѓе што го ценат и вреднуваат тоа. Наградата ја делам со режисерите Дејан Пројковски, Тамара Стојаноска и Шенај Мандак, кои се дел од мојот пат - рече Спиркоска.

Примајќи ја наградата за машка споредна улога за Симoн во „Мачкина глава“ на Драмски театар, Александар Степанулески ги поздрави актерите што оставија голем печат во македонскиот театар - Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски - Џумерко...

Слаѓана Вујошевиќ ја доби наградата за главна женска улога за Констанца во „Амадеус“. Таа не можеше лично да ја подигне наградата, но со порака ја поздрави публиката и посебно истакна дека и нејзината улога немала да биде така успешна да не беше нејзиниот колега Јеткин Сезаир.

Димитар Ѓорѓиевски ја доби наградата за најдобра машка улога за Фезлиев во „Црнила“ на Прилепскиот театар, која од годинава го носи името на Кирил Ристоски. Тој им се заблагодари на своето семејство, на неговиот втор дом Народниот театар „Војдан Чернодрински“, на своите колеги.

-Постои посебна врска меѓу мене и публиката. Имаме магична публика, ова е сон од кој не сакам да се разбудам, ова е бесценето - рече Ѓорѓиевски.

Примајќи ја наградата за најдобра режија, Дејан Пројковски истакна:

-„Црнила“ ја започнавме по неколку месеци од затврањето на театарот и тоа е една од малите вежби дека е важно и во тешки времиња да не заборавиме дека луѓето се најважни во театарот, се надевам дека наскоро ќе можеме да работиме во нова зграда на Прилепскиот театар.

Наградата за уметничко остварување на претстава во целина ја доби „Страв и надеж“ во режија на Татјана Ригонат Мандиќ. Од име на Македонскиот народен театар, наградата ја прими актерот Александар Микиќ. Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е наградена за најдобра споредна женска улога за Марија во „Мачкина глава“, но поради изведба на претстава не можеше да присуствува на церемонијата. Наградата за костимографија ја прими Марија Пупучевска за „Црнила“. Наградата за најдобра музика ја доби Ирена Поповиќ-Драговиќ за „Страв и надеж“. Четири награди годинава не беа доделени - за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и за современ драмски текст.

Фестивалот му ја додели и наградата за најдобар волонтер на Стефан Петрески, кој четири години посветено го помага фестивалот.

Публиката ја поздрави Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот која го водеше фестивалот во изминатите четири години. Таа се наврати на сработеното и на предизвикот да се води најголемиот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија.

-Решив таа моја програма да ја наречам „Враќање дома“, ја поврзав со моето фактичко враќање дома, со Чернодрински и со драмата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал која ќе биде современа, храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи, независно на која возрасна или која и да е групата на која ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана мојата препознатлива слика, местото каде што живее театарот во јуни и театарските уметници и публиката. Дека еден човек не може да направи фестивал, се покажа и со мене. Затоа јас го имам најдобриот тим. Но, истовремено овој фестивал немаше да биде тоа што е и без моите најсакани волонтери, без вас драги мои ова ќе беше само обична манифестација. Поминавме многу патеки, се соочивме со многу предизвици, ги ширевме границите на сопствената комоција. Попатно многу недоразбирања, конфликти, забелешки, критизерства и критики и сè во насока да направиме нешто подобро. Тој што работи и греши, но најважно е да научи од грешките. Наједноставно е да стоиш отстрана, да коментираш заткулисно и да не правиш ништо. Меѓутоа, моето мото и мојот карактер не го дозволуваат тоа. Денес, во времето на општото сеедно, човек треба да е многу, многу храбар за да ја оствари својата визија, па и да плати поголема цена - рече Стојаноска.

Таа се заблагодари на публиката „за довербата, за барањето место повеќе, за аплаузите што ја говореа вистината.“

-Поминав многу тежок период кога го создавав ова издание на фестивалот, ја изгубив мајка ми, жената што ме соочуваше со тоа што правам и дали треба тоа да се прави така, што ме поддржуваше во сè што правев и на која ѝ ветив дека еве, по ова издание, навистина ќе ѝ се посветам на мојата уметност, затоа што и таа и мојот татко веруваа во мене од мали нозе - дека јас сум родена да бидам раскажувачка на приказни. За крај, како што го почнав отворањето на мојата прва мандатна година со цитат на еден од моите најсакани луѓе на овој свет, големиот театарски режисер Игор Вук Торбица, така ќе го затворам и моето организирање на овој фестивал: „Јас сум во мир со моите избори, така што мирно спијам со волкот во мене“ - заврши Стојаноска.

Во чест на наградените настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ. Големи аплаузи и воздишки предизвика претставата која е една од најбараните во последните неколку месеци на Балканот.

Покровители на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп се: Претседател на Македонија, Министерство за култура и туризам на РМ и Општина Прилеп. Спонзори се: Комфи Ангел, Прилепска пиварница, Витаминка, Пакомак, продукциски партнери - Микросам, Кули, поддржувачи: Комерцијална банка, Стопанска банка, МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје - Виена Иншуренс Груп.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Есенско разубавување на нашето Скопје!

И во есенските денови, Скопје го облекуваме во бои што внесуваат свежина и топлина во нашето секојдневие.

Ѓорѓиевски: Есенско разубавување на нашето Скопје!

Денеска, вредните вработени во ЈП „Паркови и зеленило“ засадија есенски цветен расад во цветните леи во Градскиот парк, Парк Македонија, долж булеварите „Партизански одреди“, „Јане Сандански“ и „Александар Македонски“, како и во Реонскиот центар.

Нов цветен изглед добија и фигурите „Штрк“ во општина Аеродром и „Торта“ во општина Чаир, кои ги освеживме и украсивме со сезонско цвеќе, миозотис и хризантема.

Благодарност до сите вредни раце што секојдневно се грижат нашите паркови и јавни површини да бидат поубави и попријатни за секој скопјанец.

Да го чуваме она што го разубавуваме, објави на ФБ градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска Давкова: Со 50 шефови на европски држави и влади, учествував на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин

Денеска, заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествував на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“.

Сиљановска Давкова: Со 50 шефови на европски држави и влади, учествував на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин

На панел-дискусијата „Градење на компетитивна Европа – иновација, поврзаност и достапна енергија“, говорев за поврзаноста меѓу европската конкурентност, иновациите, енергетската безбедност и интеграцијата на Западниот Балкан.

Европа ја црпи својата сила од способноста различноста да ја претвори во соработка, а соработката во заедничко дејствување.

Конкурентноста денес не може да се сведе само на капиталот, големината на пазарите или цената на работната сила, туку сè повеќе зависи од капацитетот да се поврзат знаењето, технологијата, инфраструктурата, енергијата и луѓето и тие врски да се претворат во иновации, продуктивност и одржлив раст.

Западен Балкан не е надвор од Европа, туку е дел од нејзината историја, инфраструктура и безбедносна архитектура, при што Европа и Западниот Балкан ги опишав како „систем на поврзани садови“, во којшто случувањата во еден дел неизбежно влијаат врз другиот.

Прашањето не е само како Западниот Балкан подобро да се поврзе со Европа, туку дали Европа може да си дозволи да остане недоволно поврзана со регион што се наоѓа на пресекот на нејзините стратешки правци, енергетски коридори, пазари и човечки потенцијал, објави на ФБ претседателката Гордана Сиљановска- Давкова.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ќерката на Клаудија Шифер има 22 години и неверојатно личи на својата славна мајка (ФОТО)

Клементин Вон, 22-годишната ќерка на супермоделот Клаудија Шифер и режисерот Метју Вон, ќе го има својот прв настап на престижниот париски бал Le Bal des Débutantes на крајот од месецот.

Ќерката на Клаудија Шифер има 22 години и неверојатно личи на својата славна мајка (ФОТО)

Настанот, кој ги собира младите жени од некои од највлијателните семејства во светот, ќе се одржи на 28 ноември и се смета за еден од најексклузивните социјални настани во годината. Меѓу дебитантките оваа година ќе биде Олимпија Баез-Херера, внука на познатата модна дизајнерка Каролина Херера, пишува Hello!.

Клементин има необична сличност со својата позната мајка, од која ја наследила својата препознатлива руса коса, а е заинтересирана за слични области - студира уметност и мода. Клаудија Шифер претходно откри дека двете нејзини ќерки, Клементин и 15-годишната Космина, обожаваат да ѕиркаат во нејзиниот плакар и да позајмуваат облека.

„Уживам гледајќи ги како составуваат модни комбинации. За генерацијата на моите ќерки, споделувањето облека, размената и носењето парчиња од втора рака е нешто сосема природно“, изјави Шифер за „Гардијан“ во 2023 година.

Што е „Le Bal des Débutantes“?

„Le Bal des Débutantes“ е традиционален париски бал чии почетоци датираат од 1957 година. Првично беше замислен како можност за млади жени од угледни семејства да се претстават во општеството и да се запознаат со потенцијални сопруги. Но, во 1997 година, Офели Ренуар го модернизира концептот и го претвори во гламурозен настан што ги слави младите жени, нивните семејства и нивните достигнувања.

Балот е од затворен тип и ги собира членовите на кралските и аристократските семејства и ќерките на влијателни луѓе од светот на бизнисот, уметноста и модата. Посебна карактеристика на настанот се луксузните фустани создадени од познати светски дизајнери за дебитантките, додека на балот ги придружуваат одбрани кавалиери.

Настанот има и хуманитарна цел. Семејствата учеснички собираат средства за добротворни организации со донации, а оваа година парите се наменети за истражување на срцеви заболувања и за Детската болница „Марија Фарери“.

Овогодинешниот бал ќе се одржи во луксузниот хотел „Шангри-Ла Париз“, поранешната палата на принцот Роланд Бонапарта, од која се нуди поглед на Ајфеловата кула.

Кои се другите дебитантки?

Заедно со Клементина, посебно внимание привлекува 21-годишната Олимпија Баез-Херера, внука на Каролина Херера, која на балот ќе носи фустан со потписот на нејзината баба. Меѓу гостите се австриската надвојвотка Зита, која ќе носи креација од Франк Сорбие, и Викторија де Ноај де Муши де Пуа, потомок на француски благороднички и кралски семејства, која го избра дизајнерот Гуо Пеи.

На листата се наоѓаат и близначките Ешли и Брејси Астон, членка на кувајтското владејачко семејство Шајма Ал Сабах и Џулиет Липман, ќерка на коосновачот на издавачката куќа „Република рекордс“, која ќе носи фустан од Оскар де ла Рента.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер