Зоран Д. – вработениот во НБРМ, кој според Велибор Манев по налог на Љупчо Палевски Палчо ги сокрил пиштолот со кој биле убиени Вања и Панче, како и моторолите со кои комуницирале обвинетите, се сомничи дека сторил кривично дело - Помагање на сторител по извршено кривично дело. По 24 часовниот распит во полиција, судот ги прифатил предлозите на обвинителството и нему му се одредени мерки на претпазливост додека трае истрагата. Во меѓувреме биле извршени и претреси на две локации.
-Според исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој е наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени.. – Велат од ОЈО Скопје
За сега останува мистерија каде е „синиот ранец“, но, според адвокатот Звонко Давидовиќ, доколку евентуално се пронајде, МВР многу лесно ќе може да утврди дали оружјето се користело за убиствата, а од пиштолот и моторолите вели, можат да произлезат други биолошки траги и докази, кои ќе ги поврзат и сторителите со местото на настанот.
-Може да се споредат со материјалните траги кои се најдени на лице место. Ние имаме добра служба во МВР, значи балистичари, материјални траги, вештачење, сето тоа можат да го направат. Ако има такви траги, кои ќе упатат на тоа, со трагите кои се на лице место, многу лесно, ако се совпаднат, ќе се потврди присуство на определени лица или употреба на оружје на лица на лице место. – Звонко Давидовиќ - Адвокат
Адвокатот Јанаки Митровски вели дека и натаму останува дискутабилен мотивот, но и без него пресудата ќе биде законска, бидејќи има време, место и начин на извршеното кривично дело. За барањето на Палевски на ослободителна пресуда, вели дека очекувано, бидејќи не признал вина.
-Палевски сам се заглави со кажување дека има докази и алиби кои не можеше да ги верификува, а тврди дека бил во банка итн. Сега на крајот, баш ги видов завршните зборови, кажува дека останатите тројца се, едниот нарачател, другиот извршител, третиот стражар, па како ги има тие информации ако не е инволвиран. - Јанаки Митровски – Адвокат
Инаку, од обвинителството велат дека истрагата за Зоран Д. е посебен предмет кој нема да влијае врз судењето за убиствата на Вања и Панче, каде остана само да се каже пресудата, бидејќи како што велат од ОЈО, обвинението е поткрепено со огромен број на материјални и вербални докази за сторените дела. Објаваната на пресудата е закжана за в среда.