МакедонијаВо владата потпишани се договорите за финансирање на изградбата на железничката делница Крива Паланка – Деве БаирПремиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски потпишаа договори за финансирање на изградбата на третата фаза, од железничката делница Крива Паланка – Деве Баир.Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски потпишаа договори за финансирање на изградбата на третата фаза, од железничката делница Крива Паланка – Деве Баир од коридорот 8 во свечената сала на владата. Премиерот Мицкоски рече дека коридорот 8 ќе биде додадена вредност на македонската економија. Мицкоски: 30 години чекавме да се заврши железницата кон Бугарија, конечно оваа Влада го затвори ова прашање како проект и финансиска конструкција „Генерално е сè кажано, јас немам што да додадам во делот на техничките карактеристики. Во делот на финансирањето – бидејќи Бен го спомна, а и некои опозициски политичари го спомнаа губењето на грантот од 60 милиони евра – би сакал исто така да појаснам дека тоа е резултат на овие две години напорна работа. Овие две години го искристализираа, го оптимизираа и го направија појасен овој проект. Во која смисла? Онака како што беше пред две години, овој проект подразбираше дека треба да завршиме на половина тунел, без да имаме јасна определба од страна на нашиот источен сосед дека ќе има модернизација на секцијата којашто ја поврзува нивната граница со нас и Софија, вклучително и другата половина на тунелот. Да, требаше време. Требаше да се постигне напредок во разговорите со нашиот источен сосед, тој напредок се постигна, се потпишаа договори, имаме обврска (заложба) од двете страни и имаме тунел којшто е практично трет дел од проектот. Бидејќи, ако третата секција завршува до почетокот на тунелот, од завршувањето на тунелот до поврзувањето со националната железница во Софија имаме заложба од страна на нашиот источен сосед за јасна модернизација на тој дел од Коридорот 8 и имаме заеднички проект – тоа е тунелот којшто очекуваме да биде целосно финансиран како грант од страна на Европската комисија. Тоа не беше така во јуни 2024 година. Требаше да потрошиме повеќе од половина милијарда евра, а можеби и повеќе, а да завршиме на половина тунел во средина на ништо. Сега е сосема појасна состојбата, сега имаме целина којашто ќе ги поврзе двете држави и којашто ќе значи додадена вредност за двете земји. Како што рековте, тоа е дел од приоритетите на НАТО, но и од економските приоритети на двете држави. Јас ќе кажам две работи коишто мислам дека се важни: бев тинејџер кога првпат се спомнуваше источниот дел од Коридорот 8. Денеска сум претседател на Владата и со задоволство можам да кажам дека источниот дел од Коридорот 8 конечно ќе биде завршен. Ако тогаш сум бил тинејџер, а сега имам свои 48 години, тоа значи дека повеќе од 30 години чекавме тоа што некогаш некој ни го најавуваше конечно оваа Влада да го затвори како проект и како финансиска конструкција благодарение на политиките коишто ги води, но и со огромна поддршка од нашите партнери од европските финансиски институции како што се ЕИБ и ЕБОР. И се разбира, тука е Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската комисија, односно грантот којшто ќе биде доделен во вредност од 169 милиони евра, и дополнително на тоа двата дела коишто ќе ги финансираат овие две финансиски институции. Втората работа којашто ја кажав на самиот почеток од ова мое обраќање е тоа што овој проект нема да заврши на половина тунел, во слепа улица. Сега имаме целина и тоа е многу важно. Затоа што кога градите нешто, тоа треба да биде функционално – не е само да направите „тик-бокс“ и да кажете: „Добро е, го почнавме ова, направивме прес-конференција, се обративме, ги потрошивме парите“. Тие пари некој треба да ги враќа, а ќе ги враќаат во најголема мерка граѓаните на земјава. Ако веќе нешто враќаат, треба да имаме јасна целина којашто ќе носи приход. Сега веќе, вака како што е формиран и оптимизиран проектот, можеме да кажеме дека ќе биде додадена вредност за македонската економија. Како Влада продолжуваме да го заокружуваме процесот на Коридорот 8. Во делот од реформската агенда можам да кажам дека делот од Скопје до Гостивар, преку Јегуновце и Тетово, ќе биде опфатен во делот на финансирањето – тука мислам на модернизација и на електрификација. Претставникот од Европската инвестициска банка спомна и за делот од Коридорот 8 којшто треба да ги поврзе Гостивар – Кичево – Струга – границата со Албанија, но тука мораме да бидеме внимателни со препораките коишто ги даде УНЕСКО. Затоа ние обезбедивме 3 + 2 години, за да не се доведеме во ситуација некои идни влади повторно да го имаат тој проблем како што ние го имавме како наследство од претходните влади. Така што, кога повлекуваме линии на хартија, треба многу внимателно да внимаваме како тие линии во пракса ќе имаат влијание врз еко-средината, но и врз животите на граѓаните. Нас ни е значајно Охридско-струшкиот Регион да остане природно и културно светско наследство коешто ќе биде заштитено од страна на УНЕСКО, а мислам дека и на сите овде присутни тоа им е значајно. Така што, да заокружам: исклучително сум среќен и задоволен што денеска присуствуваме на овој посебен настан. Би сакал да им се заблагодарам на колегите од Владата, на потпретседателот и министер за транспорт, на министерката за финансии, на директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, на нашите партнери од европските финансиски институции и на Европската Унија за поддршката. Ова е уште еден доказ дека кога се работи посветено и заедно, нешто што изгледа тешко или невозможно станува реалност и возможно. За волја на вистината, сега следи потешкиот дел. Како што кажаа дел од говорниците денеска, изградбата на овие дваесетина километри од аспект на инженерски потфат е навистина предизвикувачка. Тука веќе не зборувам како претседател на Владата, туку како инженер, но убеден сум во капацитетите коишто ги поседува македонската градежна оператива. Очекувам дека таа ќе даде голем придонес во реализацијата на овој проект, добро ќе се организира и ќе може да учествува на тендерот којшто очекувам да заврши во текот на оваа година, а самата градба да започне уште оваа година. Со тоа ќе имаме и позитивни импликации врз градежништвото, коешто понатаму учествува во БДП на земјата. Толку од мене и ви благодарам. Исто така, им благодарам и на претставниците на медиумите коишто се денес со нас.“ Тагови: Христијан Мицкоски Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
Шоу бизХајди Клум позира топлес покрај базен: Обожавателите ја нарекуваат „кралица“Хајди Клум (53) го искористи сончевиот викенд за релаксација покрај базен. Во неделата, манекенката објави фотографија на Инстаграм на која седи на работ од базенот, со нозете во водата и кренати раце.Таа носеше само долен дел од црно бикини и качкет, додека покрај неа седеше нејзината 22-годишна ќерка, Лени. Лени во скутот држеше кученце по име Фриц – кое Хајди го вдоми во април. „Недела“, напиша таа кратко покрај фотографијата. Хајди не се крие Објавата брзо го привлече вниманието на нејзините следбеници, кои го преплавија делот за коментари со комплименти. Некои ја нарекоа „кралица“ и „божица“, додека други едноставно напишаа „вау“. Хајди со години отворено зборува за својот став кон сопственото тело и голотијата. Во интервју за списанието „People“, таа објасни дека ваквиот пристап за неа е сосема природен. „Отсекогаш сум била многу отворена во однос на своето тело. Кога се сончам во градината, понекогаш не носам горен дел. Јас сум Европејка... моите деца никогаш не ме запознале поинаку, што веројатно е причината зошто тие се поопуштени во однос на сопствените тела“, изјави таа. Манекенката исто така истакна дека никогаш премногу не се грижела за тоа како изгледа пред другите. „Отсекогаш сум имала самодоверба. Немам проблем да шетам наоколу во долна облека. Не се кријам по ќошиња“, појасни Хајди. Таа не сака инјекции за слабеење Клум претходно зборуваше за тоа како се справува со телесните промени што доаѓаат со стареењето. Според неа, во тоа има поддршка од нејзиниот сопруг, Том Каулиц (37), кој ја охрабрува да не биде опседната со стандардите за слабост наметнати од модната индустрија. View this post on Instagram A post shared by Heidi Klum (@heidiklum) Денес, таа смета дека неколкуте килограми вишок воопшто не ѝ пречат и дека таквата фигура одлично ѝ прилега. Истовремено, таа изјави дека нема интерес за лекови за слабеење, како што се „Ozempic“, „Wegovy“ или „Mounjaro“. Наместо тоа, таа се стреми да одржува рамнотежа преку исхраната и редовната физичка активност. Не поминува часови во теретана, бидејќи претпочита поедноставни форми на вежбање. Дома, во Лос Анџелес, таа често скока на трамболина или изведува вежби со сопствена тежина, вклучително и чучњеви.Тагови: Хајди Клум Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
СветЖена со ебола пренесена во Швајцарија, има сомнеж за уште еден случајМаж, за кој постои сомневање дека е заразен со ебола, пристигна во Швајцарија од Нигерија и е примен во Универзитетската болница во Цирих, потврди денеска портпарол на болницата, пренесува Ројтерс.Владата на Нигерија претходно соопшти дека жена заразена со ебола – сопруга на швајцарски дипломат – утрово заминала за Швајцарија со специјален лет за медицинска евакуација. Во авионот бил и нејзиниот сопруг. Според веб-страниците за следење летови, авионот пристигнал во Швајцарија попладнево. Жена пренесена во Женева на лекување Портпаролот на болницата во Цирих не го откри идентитетот на мажот, но потврди дека една жена е пренесена во Женева на лекување. Властите во Женева одбија да го коментираат случајот, наведувајќи дека швајцарската влада наскоро ќе издаде соопштение со дополнителни детали. Извор: Индекс.хрТагови: ебола Швајцарија Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
АвтомобилизамДури ни соработката со „Xpeng“ не помага: „Volkswagen“ во кризаУделот на кинескиот пазар во вкупната добивка на групацијата е намален од речиси 50 отсто на околу 10 отсто, а партнерството со локалниот производител „Xpeng“ сè уште не ги дава очекуваните резултати.Со години, Кина беше еден од најважните пазари за „Volkswagen“, но ситуацијата значително се промени. Уделот на Кина во вкупната добивка на групацијата падна од речиси 50 отсто на околу 10 отсто, а партнерството со кинескиот производител „Xpeng“ сè уште не ги носи очекуваните резултати. „Volkswagen“ инвестираше 700 милиони долари во „Xpeng“, стекнувајќи удел од 4,99 отсто. Двете компании развија заедничка електрична и електронска архитектура за нови електрични возила, вклучувајќи ги моделите „ID. Unyx 08“ и „ID. Unyx 09“. Концептот беше автомобилите да се развиваат и произведуваат во Кина, приспособени за локалните купувачи. Сепак, продажбата на првиот модел е далеку под предвидувањата. Според податоците објавени од Ројтерс, во периодот од април до август, месечно се продавале во просек само 267 примероци од моделот „ID. Unyx 08“. Тоа е помалку од десет отсто од првичната цел од 3.622 возила месечно. Поради овие слаби резултати, „Volkswagen“ ја намали целта за продажба за 2026 година од 32.600 на 12.300 автомобили. Целта за 2027 година исто така е ревидирана, намалувајќи се од 70.400 на 64.000 возила. Технологијата и продажната мрежа како предизвик Моделот „ID. Unyx 08“ се одликува со модерен дизајн и богата дигитална опрема. Сепак, според извештаите, тој заостанува зад одредени кинески конкуренти во поглед на технологијата и брзината на полнење. Продажната мрежа претставува дополнителен предизвик: моделот првенствено се продава преку околу 166 продажни места на „Volkswagen Anhui“, наместо преку значително пошироката мрежа на партнерства со „FAW“ и „SAIC“. Сепак, „Volkswagen“ останува посветен на Кина. Компанијата очекува месечна продажба од најмногу 4.900 примероци од седанот „ID. Unyx 09“, со долгорочна цел до 2034 година да достигне 90.000 возила годишно. Овој модел ќе им конкурира на возила како што се „Tesla Model 3“ и „Xiaomi SU7“. Германскиот производител, исто така, ја разгледува можноста за извоз во Европа на возила произведени во Кина. Сепак, дополнителните царини за автомобилите произведени во Кина би можеле да го отежнат овој план. Поради тоа, како алтернатива се разгледува производство во германските погони, кои моментално работат со капацитет под максимумот. Извор: Б92Тагови: Volkswagen Кина Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook