Во Велес одржан концерт на квартетот на маестро Зоран Џорлев

Во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес синоќа беше одржан концертот насловен „Македонска душа“ на квартетот на маестро Зоран Џорлев, а во чест на претстојниот празник Илинден.

Концертот беше дел од манифестација „Топол културен бран“ на Министерството за култура и Општина Велес.

Маестро Зоран Џорлев со својата виолина и својот квартет пред велешани настапи со обработки на македонски изворни стари песни, односно дел изворни и дел обработки.

По концертот Зоран Џорлев изјави дека манифестацијата „Топол културен бран“ е еден нов музички бран низ Македонија и има можност во идните лета да прерасне во уште поголема манифестација.

- Среќен сум што и јас како солист учествувам и сум дел од овој значаен културен бран, потенцира Џорлев.

Интересно е што маестро Зоран Џорлев уште од своите почетоци во кариерата во 1988/89 година настапува на виолина изработена од велешкиот и македонски врвен мајстор за виолини Светозар Богдановски.

Џорлев потенцира дека има две виолини изработени од Богдановски, а од кои втората според него е врвна според светските стандарди и затоа е горд што ја има виолината на која настапи и на синоќешниот концерт во Велес.

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер