Во тек е предистрага за евентуално сторено кривично дело во Судски совет

Во тек е предистрагата во врска со сомнежите за евентуално сторено кривично дело поврзано со мандатот на претседателката на Судски совет, Весна Дамева, која поднесе оставка на 2 декември.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи за МИА, бараните два записници кои треба да се проверат се одземени.

- Одземено е тоа што треба да се земе, предистрага е во моментов, нема што да се каже, кога ќе заврши сѐ ќе информираме, до кога ќе трае и тоа не се знае, велат од МВР.

Како што потврди Јавното обвинителство, полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера влегле во Судскиот совет за да обезбедат два записници кои треба да се проверат поради сомнежи за евентуално сторено кривично дело поврзано со мандатот на претседателката во заминување, Весна Дамева.

- Постапувањето на обвинителството не е поврзано со формираниот предмет за црната листа на САД, туку се однесува на известување од МВР во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Судски совет во врска со мандатот на Дамева, информираа од Јавното обвинителство.

Премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември рече дека добива информации за проблеми во Судскиот совет. Тој спомена дека има групи кои фалсификуваат документи со различни датуми и печати, без потписи. Мицкоски смета дека јавниот обвинител треба да ги истражи овие наводи.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, поднесе оставка на 2 декември. Таа рече дека причината за оставката е недостатокот на поддршка и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери.

Позната е причината за трагичната авионска несреќа на јужнокорејски патнички авион (ВИДЕО)

Инспекторите пронашле птичји пердуви и крв во двата мотори на авионот Боинг 737-800 кој се урна во Јужна Кореја кон крајот на декември, изјави денеска за Ројтерс лице запознаено со истрагата.

Министерството за транспорт на Јужна Кореја се уште не ги коментирало овие наводи, пренесе Ен-Би-Си Њуз.

Во авионската несреќа на патничкиот авион Боинг 737-800 управуван од јужнокорејската компанија Џеџу Ер на линија од Бангкок до Муан, со 181 патник, на 29 декември загинаа 179 лица, а две лица беа спасени, објавија властите во Сеул.

Сите 175 патници и четворица членови на екипажот загинале, а двајца членови на екипажот преживеале, кога авионот принудно слетал, удрил во бетонски ѕид, експлодирал и се запалил.

Медиумските извештаи сугерираат дека можните причини за несреќата може да вклучуваат удар на птица, проблеми со тркалата или ѕидот на крајот од пистата.

Барак Обама со пример докажа дека не се разведува од Мишел поради Џенифер Анистон

Поранешниот американски претседател Барак Обама денеска повеќе од сликовито ги отфрли гласините за развод објавувајќи емотивна посвета на „љубовта на неговиот живот“ – Мишел Обама, по повод нејзиниот 61 роденден!

Шпекулациите дека парот, кој е во брак повеќе од 30 години, има проблеми, почнаа да кружат откако обожавателите забележаа дека Мишел неодамна не е видена во јавноста со нејзиниот сопруг.

Сепак, поранешниот претседател покажа дека нивната врска е сè уште силна, споделувајќи трогателна порака до својата сопруга на нејзиниот денешен роденден.

„Среќен роденден на љубовта на мојот живот, @MichelleObama“, напиша тој покрај фотографијата на која се држат за рака за време на вечерата.

„Ја исполнуваш секоја соба со топлина, мудрост, хумор и грациозност и изгледаш одлично кога го правиш тоа. Многу сум среќен што можам да се впуштам во животните авантури со тебе. Те сакам“, рече тој.

На сликата Барак е насмеан во сива кошула и црни панталони, додека спроти него Мишел е облечена во темен фустан со V-деколте и шарен украс за коса. И двајцата нежно се држат за раце додека гледаат во камерата. Мишел ја сподели објавата на својот профил со едноставен коментар - Те сакам мили!

Мишел, која денес наполни 61 година, не присуствуваше на погребот на поранешниот претседател Џими Картер на 9 јануари поради „конфликт со распоредот“. Беше објавено и дека таа нема да присуствува на инаугурацијата на Доналд Трамп во понеделник.

Од кабинетот на Барак и Мишел Обама за АП изјавија дека „поранешниот претседател Барак Обама ќе биде присутен на инаугурацијата, но поранешната прва дама Мишел Обама нема да присуствува“.

Веднаш по оваа објава, обожавателите на оваа позната и влијателна политичка двојка изразија загриженост дека можеби имаат проблеми во бракот. Се појавија дури и шпекулации дека Барак има афера со холивудската ѕвезда Џенифер Анистон, што ѕвездата од „Пријатели“ претходно остро го демантираше.

Шолц и Маск ја продолжија кавгата: Милијардерот е опасност за европската демократија

„Технолошкиот милијардер Илон Маск претставува опасност за демократијата во Европа поради неговата наклонетост кон крајната десница“, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Маск ја поддржува крајната десница насекаде во Европа, во Велика Британија, во Германија, во многу, многу други земји и тоа е нешто што е целосно неприфатливо“, рече Шолц на прес-конференција во Берлин.

„Ова го загрозува демократскиот развој на Европа, ја загрозува нашата заедница и мора да се критикува“, додаде германскиот лидер, според Политико.

Маск ја даде својата поддршка на десничарските фигури и иницијативи ширум светот, вклучително и поддршката на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) на претстојните предвремени федерални избори во земјата, закажани за 23 февруари.

Могулот на социјалните мрежи е исто така еден од најжестоките поддржувачи на Доналд Трамп, што му обезбеди место во потесниот круг на новоизбраниот претседател на САД и ја поддржа десничарската партија Реформска Британија во Британија, со шпекулации дека наскоро би можел да започне финансирање на партијата.

Шолц рече дека нема ништо против правото на Маск на слободен говор, но:

„Неговата поддршка за екстремната десница, без разлика дали е од бизнис интереси или од негови сопствени политички ставови, е неприфатливо“.

Коментарите на социјалистичкиот канцелар се најнови во серијата кавги со Маск, кој пак го нарече Шолц „будала“ и тврдеше дека ќе ги „изгуби“ германските сојузни избори.

притисни ентер