Уапсен е Зоран Давитков, член на Десна и вработен во Народна Банка, откако Велибор Манев кој е дел од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски го посочи како лице кое по наредба на Љупчо Палевски требало да се ослободи од ранецот во кој се наоѓал пиштолот со кој било пукано. Манев во завршните зборови кажа дека за Давитков дознал кога Палевски му се јавил од турската граница но сега се одлучил да го открие неговиот идентитет.
-Бев згрозен од уцената, Павлевски нѐ тераше да го слушаме. Откако ги изврши убиствата, ми стана јасно, но многу доцна сфатив дека имал двоен план. Ова е последната коцка од сложувалката. Дека ранецот е кај Зоран Давитков, член на Десна, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. Останува да си ја слушнам изречената казна, оптоварен со срамот, каењето, душевната болка и да размислувам за моите милион неодговорени прашања. Простете ми што излегов ваква будала.- Велибор Манев – Обвинет
Обвинителството ја потврди информацијата за апсењето и најави дека се преземаат и други истражни дејствија во врска со случајот.
Палевски во завршните зборови не се осврна за лицето кое го посочи Манев. За неговиот адвокат пак ова е нечесен начин на завршување на постапката а пред судот побара ослободителна пресуда за Палевски.
Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо пак по речиси два часа во кои даваше завршни зборови за прв пат отворено го посочи Велибор Манев како организатор на Убиствата а Боре Видевски за извршител. Обвинението според него е недокажано и со низа пропусти.
-Обвинетиот Велибор Манев е организатор, Боре Видевски е пукач а Влатко Кешишев е стражар. Нема трага дека сум пристутен на две места на грабнување и убиства и во две возила. ОЈО направило обвинение без ниту еден доказ и вештачен телефон. Нема мои траги во кангуто. Како е можно да има траги од другите обвинети само на не од мене? Намерата на ОЈО уште од 5.12.2023 е да ве убеди да ме осудите, но зошто не ги гледате доказите изведени на рочиштата.- Љупчо Палевски Палчо – Обвинет
Обвинетиот Боре Видевски не даде завршен збор, Влатко Кешишев изрази каење и рече дека се направил под притисок на Палевски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски пак бараше од Палевски да одговори зошто го извршил убиството.
Со денешните завршни зборови и околу 40 одржани рочишта заврши судската постапка за грозоморните убиства на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот велешанец Панче Жежовски кои се случија во ноември 2023. Јавното обвинителство за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев претходно побара доживотен затвор, а за Ѓорчевски соодветна затворска казна. Пресудата ќе биде објавена во среда на 25 јуни.