Во Собранието ќе заседаваат четири комисии

Во Собранието денеска седници ќе одржат четири комисии.

Во Собранието денеска седници ќе одржат четири комисии - Комисијата за образование, наука и спорт, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за финансирање и буџет.

Членовите на Комисијата за образование, наука и спорт ќе дискутираат по Предлог на закоотн за изменување на Законот за иновациската дејност, Предлог на законот за изменување на Законот за научно-истражувачката дејност, Предлог на законот за изменување на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, Предлог на законот за изменување на Законот за ученичкиот стандард, Предлог на законот за изменување на Законот за студентскиот стандард, Предлог на законот за изменување на Законот за Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, сите по скратена постапка.

На дневен ред на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање е Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште, по скратена постапка, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за комуналните дејности, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за гробишта и погребални услуги, сите во прво читање и Финансискиот план на Јавно радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2025 година.

Членовите на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе расправаат по Предлог на законот за изменување на Законот за земјоделското земјиште, по скратена постапка.

На Комисијата за финансирање и буџет е една точка на дневен ред - Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите, во прво читање.

Археолозите тврдат дека го откриле саркофагот на Свети Никола (ФОТО)

Археолошките истражувања во турскиот град Демре доведоа до откривање на варовнички саркофаг, во кој можеби бил погребан ранохристијанскиот епископ Свети Никола.

Саркофагот е долг околу два метри, а бил закопан на длабочина од 1,5 метри. Има подигнат капак со закосени рабови, во согласност со погребните обичаи во областа.

Саркофагот е откриен во анексот на црквата Свети Никола, која била изградена во VII век, а од 1989 година е „под лупа“ на археолозите, пренесува The Sun.

Се верува дека овде некогаш почивал епископ, познат во христијанството како Никола Мирлиски и Николај Чудотворец. Светецот кој бил инспирација за создавање на ликот на Дедо Мраз, починал во 343 година.

Големото откритие е дел од проектот „Наследство за иднината“, предводен од професорката Ебру Фатма Финдик, а инициран од турското Министерство за култура и туризам.

„Нашата најголема надеж е да го најдеме натписот на саркофагот. Ова би помогнало да се разјасни кој е закопан во него и точниот период од кој потекнува. Очекуваме во наредните недели да најдеме повеќе индиции“, изјави Финдик.

Локацијата на гробот на Свети Никола долго се шпекулира, а откривањето на саркофагот им даде нова надеж на истражувачите. Истовремено, привлече големо внимание од локалните и светските медиуми, но и верниците.

„Откривањето на саркофагот може да укаже дека ова е навистина светата област што ја бараме. Ова е значајна археолошка потврда на историските извори за последното почивалиште на Свети Никола“, додаде Финдик.

Врз основа на древните животи, во кои се зборува за дарот на Свети Никола на трите ќерки на сиромашен човек, настанал обичајот да се даваат подароци за Божиќ. Во портата на црквата Свети Никола во градот Мири, каде некогаш почивале неговите мошти, е поставена статуа на светецот во ликот на Дедо Мраз, а до неа и вреќа со подароци со детски фигури.

Во 1087 година моштите биле пренесени и складирани во базиликата Свети Никола во Бари. Подоцна, дел бил преземен од морнари и пренесен во Венеција, за време на Првата крстоносна војна. Тие се погребани во црквата на манастирот Свети Никола на островот Лидо.

Со испитување на коскените фрагменти од двете локации, истражувачите утврдиле дека припаѓаат на иста личност, но дали се работи за Свети Никола, се дебатира и денес.

Притвор за осомничен за разбојништва и тешки кражби во Скопје- ограбувал жени и деца

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишник осомничен дека сторил повеќе кривични дела против имотот – разбојништва и тешки кражби.

Жртвите биле жени или малолетни девојчиња, кои осомничениот ги напаѓал на различни локации во Центар и Аеродром и притоа им одземал чанти, ранци, паричници, накит, телефони и други вредни предмети.

Обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека тој е извршител на најмалку пет вакви кривични дела, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 100.000 денари.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и особено веројатност да повторува вакви и слични кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Свечената академија „Св. Климент Охридски“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на Свечената академија, што по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитуван Aрхиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан,

Почитуван претседател на Собранието, г. Африм Гаши,

Почитувани претставници на Владата, пратеници, претставници на судската власт, академици и црковни великодостојници,

Ваши екселенции,

Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Драги пријатели,

„Ако животот на човекот го вреднуваме по она што ќе остане по него и преку трајноста на неговото дело – тогаш, навистина, големо е делото на светиот Климент. Зашто, еве, и по 11 столетија сѐ уште трае... неговото дело кое е од сеопшт, универзален карактер – и од религиозен, христијански аспект, и од културен и научен поглед.“ Со овие зборови, неодамна упокоениот митрополит дебарско-кичевски, господин Тимотеј ни го приближи најголемиот ученик на Св. Кирил и Методиј.

Знаеме дека по Моравската мисија, Св. Климент се вратил на Балканот, и бил испратен во нашите краишта, во областа Кутмичевица, најпрво како мисионер и учител, а потоа и како прв словенски епископ. Тука Св. Климент затекнал народ којшто тонел во незнаење и во сиромаштија, и којшто се раководел според законот на посилниот наместо според златното правило.

Соочен со ваквата состојба, Св. Климент, не им дал сон на очите свои, ниту дремка на трепките свои, и грижата за народот ја сметал за своја храна и наслада. И секогаш поучувал, и секогаш поставувал ред, исправајќи го незнаењето и за сите станувал сѐ, според потребата на секого.

За само три децении, Св. Климент, заедно со Св. Наум Охридски, успеал да ја трансформира заостанатата периферија во развиен центар на писменоста, духовноста, културата и уметноста. Од Охридската книжевна школа произлегле 3 500 ученици кои станале учители на словенството. Неговите манастири станале чувари на временскиот и просторниот континуитет на македонскиот јазик. Еден век подоцна, самиот Охрид бил издигнат на ранг на архиепископија што се грижела за духовните и за световните потреби на луѓето. Многу од нејзините архиепископи биле врвни мислители, градители, дипломати, миротворци, чијшто глас се слушал и почитувал низ целата православна екумена.

Но, веројатно најголемото дело на Св. Климент е духовното и етичко воздигнување на народот. Со своите слова и поуки, тој настојувал да изгради нов човек, со нови, благородни навики. Речиси и да нема Светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните коишто страдаат. Неговата цел била да им помогне на луѓето да станат свесни не само за своите, туку и за потребите и страдањата на другите.

Еве што вели Св. Климент во едно од неговите слова: „Престанете да правите зло и научете се да правите добро, барајте правда и спасувајте угнетени; право судете и заштитувајте ги сираците и вдовиците“. Оти тоа е вистинското покајание, кога ќе замразиме секаква неправда и ќе ја направиме одвратна за нас...“

Ова е само еден од многуте библиски цитати што Св. Климент ги користи за да ги соочи слушателите со библиската осуда на социјалната неправда кон ранливите категории, нешто што им е заедничко на сите Абрахамски религии. И ние денес, независно дали сме христијани, муслимани, Евреи, атеисти, независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и други, треба да сме подеднакво сплотени околу овие Светиклиментови заложби и да им помогнеме на современите ранливи категории, на социјалните случаи, на бездомниците, на бегалците, на жртвите на семејно насилство, на непријавените работници.

Св. Климент го практикувал она што го проповедал. Не случајно охридскиот архиепископ Теофилакт пишува дека Св. Климент бил „татко на сираците и помошник на вдовиците“, држејќи ги портите на неговиот дом „отворени за секој сиромав и ниеден туѓинец не ноќеваше надвор од нив“. Благодарение на неговите заложби се отворале народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, односно, она што денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита.

Со своите слова, поуки, житија, но пред сѐ, со својот личен пример, Св. Климент кај народот го кастрел себичното ЈАС и МОЕ, и го калемел благонаклонетото НИЕ и НАШЕ. Кај луѓето ја развивал свеста дека се упатени едни на други да си помагаат, да бидат праведни и солидарни. Со тоа, Св. Климент на народот му дал духовен и етички компас за да може полесно да се ориентира низ столетијата во кои се менувале царства, власти и системи, и да опстане низ годините на пропаганди, конфликти и поделби.

Со овие универзални, хумани вредности може да се поистоветат не само христијаните, туку и припадниците на другите религии.

Не случајно, Св. Климент Охридски станал најголемиот духовен авторитет не само за нашата помесна православна црква, туку и за македонската секуларна држава и за македонското мултиетничко и мултирелигиско општество.

Не случајно токму од Македонија потекнуваат најголем дел од старите фрески и икони со неговиот лик.

Не случајно, Св. Климент бил инспирација за македонските преродбеници и учебникари и опсесија на генерации историчари, лингвисти, слависти и македонисти коишто му посветиле илјадници книжевни и научни дела.

Не случајно, тој е патрон на повеќе основни и средни училишта, на факултети, библиотеки и на еден државен универзитет.

Повеќе од други соседни народи, токму македонскиот народ му го должи своето постоење и опстојување на Св. Климент Охридски.

Сепак, 11 века подоцна, не можеме, а да не забележиме дека вредностите и навиките всадени од Св. Климент исчезнуваат пред нашите очи. Живееме во време на нарушени меѓучовечки односи. Наместо хуманост и дарежливост, сè пораширена е опседнатоста со парите, статусот и себељубието како цели што ги оправдуваат сите средства. Ова е време во кое чесните се игнорирани додека аздисаните се имитирани. Во Европа сме меѓу последните според нивото на волонтерство и на граѓански активизам. Како што корупцијата го загрозува владеењето на правото, така експлоатацијата ги загадува почвите, водите и воздухот. Сведоци сме на повеќедецениска трка за узурпирање на јавниот простор и присвојување на општото добро. И сето тоа на штета на иднината на младите генерации. Доволно е да се сетиме на загрозеното природно и културно наследство на охридскиот регион на УНЕСКО, кој беше центар на Светиклиментовата духовна и просветителска дејност.

Овие состојби не се сегашни, туку нѐ следат со години и со децении. Но, сега добиваат алармантни пропорции. Причините не треба да ги бараме само кај нас. Блокадите и билатерализацијата на европската интеграција нè заглави во оваа европска периферија наречена чудно Западен Балкан, од која масовно се иселуваат нашите млади.

На некој начин, како да се враќаме во предклиментовото време и како забрзано да се претвораме во општество во кое хуманото НИЕ и НАШЕ е потиснато од себичното ЈАС и МОЕ.

Ценети присутни, драги сограѓани,

Пред нас е големата задача оваа наша периферија одново да ја претвориме во центар на образованието, економијата, културата и уметноста, на иновативноста и креативноста. Ние мора напорно и пожртвувано да работиме на секое поле, да ја развиваме економијата, да го обезбедиме владеењето на правото, да изградиме функционални системи и институции. Но, за сите овие напори да фатат корен и да дадат плод, треба одново да се навратиме на вонвременските Светиклиментови пораки.

Иако се напишани со архаичен јазик, неговите слова зборуваат за актуелни теми. За правдата наспроти неправдата и за солидарноста наспроти себичноста.

Првата вредност е правдата. Светиклиментовата правда не е ограничена само на дословно почитување на државните закони. Праведни не се оние што не прекршиле ниту еден државен закон, туку оние што, почитувајќи ги законите, истовремено со своите животи ја изградуваат и ја зацврстуваат заедницата. Светиклиментовата правда е и социјална правда бидејќи е насочена кон заштита на немоќните, помагање на сиромашните и возобновување на достоинството на секој човек. Праведно општество е она во кое поединецот активно придонесува за општото добро и за јавниот интерес, и е вмрежен во заедница на хармонични меѓусебни односи.

Втората вредност е солидарноста, која не е минлива емоција, туку практична доблест и применлива политика. Да бидеме солидарни значи да бидеме човечни, односно, свесни за потребите и за страдањата на другите. Светиклиментовата солидарност не е сведена само на економска редистрибуција, туку вклучува и соодветно споделување на моќта и одговорноста во заедницата и општеството. Успехот на секој поединец е успех и на целата заедница, а неуспехот на макар и еден поединец, на еден ученик, на еден работник, на едно семејство, е неуспех на целото општество. Солидарноста е мултиетничка, мултијазична, мултирелигиска бидејќи го препознава човечкото во различниот од нас. Без меѓуетничка солидарност нема меѓуетнички соживот.

Почитувани присутни,

Драги сограѓани,

Денешниов празник е повод да се сетиме дека не треба да чекаме да дојде некој нов Св. Климент бидејќи тој живее во нас. Но, треба да го разбудиме Светиклиментовото во секој од нас. Ние, учителите, лидерите, треба одново да станеме Светиклиментови ученици за да се потсетиме на неговата животна филозофија и да ја пренесеме на нашите ученици. Со тоа ќе им овозможиме и самите да станат учители и лидери на сегашните и на идните генерации. Да им помогнеме да напредуваат и да успеваат само со своите знаења, вештини и квалитети, а не со врски, книшки и протекции.

Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење, ние мора да се навратиме на вредностите на Св. Климент Охридски. Верувам дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител, Св. Климент Охридски.

притисни ентер