Во Скопје се одржува Национален натпревар на вештини - наменет за ученици од средните стручни училишта - Канал 5

Во Скопје се одржува Национален натпревар на вештини - наменет за ученици од средните стручни училишта

Во АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје денес и утре се одржува Национален натпревар на вештини, во организација на Занаетчиска комора Скопје со поддршка од Европската унија. 

Во Скопје се одржува Национален натпревар на вештини - наменет за ученици од средните стручни училишта

На натпреварот учествуваат ученици од средни стручни училишта, а успешен настап им посакаа министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, директорот на Центарот за развој на стручно образование и обука, Бесник Зендели и претседателот на Занаетчиска комора Скопје, Горан Ристовски.

Во своето обраќање, министерката Јаневска нагласи дека во време кога економиите ширум светот се справуваат со недостиг на вештини, автоматизација и потреба од одржлив раст, општествената определба за јакнење на стручното образование се потврдува како стратешки оправдана и продуктивна.

„Министерството за образование и наука со реформата на средното и високото образование, зацрта образовни патеки кои водат до вработување. Со озаконувањето на дуалното образование ги регулиравме односите меѓу средните училишта и бизнис секторот. Достигнавме бројка од 800 работодавачи кои им овозможуваат на учениците да учат на вистински работни места. Оваа бројка ќе расте, бидејќи секоја нова компанија ја гледа конкретната добивка преку подобро обучени кадри и намалени трошоци“, рече Јаневска.

Посочи дека средношколците кои се определиле за изучување на одреден занает, ќе можат да продолжат со образованието во високо дуално образование, што се овозможува со новиот Закон за високото образование, кој наскоро ќе се најде пред пратениците. Целта е, како што рече, да создадеме високообразовани професионалци, подготвени за современиот пазар на труд, кои ќе ги комбинираат стекнатите вештини со академско знаење.

Во моментов во 76 јавни средни училишта се реализира стручно образование. Секој ученик реализира практично образование, односно учење преку работа. Во тековната учебна година речиси 70% од деветтооделенците се запишани во стручни училишта. За да се обезбеди подобар квалитет на образованието, од учебната 2025/2026 година во училиштата се вклучени кариерни советници и координатори за практично образование.

Јаневска информираше дека за новата учебна 2026/2027 година се обезбедени над 25 илјади ученички места за упис во прва година, од кои 17 илјади во стручно образование, а од нив, скоро 7 илјади во дуални паралелки. Се воведуваат и неколку нови образовни профили, како - Техничар за мултимедиски технологии, Компјутерски техничар за развој на видео игри и виртуелна реалност и Техничар за енергетски ефикасно греење и климатизација.

„Ценам дека учениците и родителите препознаваат дека средното стручно образование е навистина успешен модел на образование во Македонија. Тоа значи и дека занаетите имаат иднина, или како што популарно меѓу граѓаните се кажува – занаетите злато вредат“, додаде министерката.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија отвора нова амбасада во Литванија

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска престојува во работна посета на Литванија, каде што свечено ќе ја отвори новата амбасада на Македонија во главниот град Вилнус.

Македонија отвора нова амбасада во Литванија

Отворањето на амбасадата е чекор кон зајакнување на дипломатското присуство на Македонија во Балтичкиот регион и продлабочување на билатералната соработка со Литванија.

Во рамки на посетата, Муцунски ќе оствари средба со литванскиот министер за надворешни работи Кештудис Будрис.

На средбата ќе се разговара за политичките односи, економската соработка, евроинтеграциите и актуелните безбедносни предизвици.Посетата се реализира во пресрет на литванското преземање на претседавањето со Советот на Европската унија во првата половина на 2027 година, период кој се очекува да биде значаен и за политиката на проширување на унијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шасивари и Рокас разговараа за напредокот во правосудството и приоритетите на европските реформи

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на која се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството.

Шасивари и Рокас разговараа за напредокот во правосудството и приоритетите на европските реформи

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на која се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството и понатамошните приоритети во процесот на европската интеграција.

За време на средбата, амбасадорот Рокас му го презентираше на министерот Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со посебен акцент на оценките и препораките што се однесуваат на надлежностите на Министерството за правда.

На средбата беше поздравен досегашниот напредок во спроведувањето на реформите во правосудството, како и подобрувањето на оценките во актуелниот извештај во споредба со минатата година. Истовремено, беше нагласена важноста од одржување на реформската динамика и продолжување на институционалните заложби за исполнување на препораките на Европската комисија и обврските што произлегуваат од Реформската агенда.

Министерот Шасивари изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија, истакнувајќи дека позитивните оценки претставуваат потврда за досегашната работа, но и дополнителна одговорност за продолжување на реформите насочени кон зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.

На крајот од средбата беше потврдена заедничката посветеност за продолжување на тесната соработка меѓу Министерството за правда и Делегацијата на Европската Унија, со цел евидентираниот напредок да се преточи во конкретни и одржливи резултати за граѓаните.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мировни преговори во Абу Даби, по 8 месеци првпат на иста маса Руси и Украинци

САД, Русија и Украина денес и утре во Абу Даби ќе продолжат со преговорите за ставање крај на војната во Украина, по пауза од повеќе од осум месеци.

Мировни преговори во Абу Даби, по 8 месеци првпат на иста маса Руси и Украинци

Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна ги зголеми очекувањата за скоро склучување мировен договор, спомнувајќи претстоен „голем, прекрасен договор“.

Сепак, набљудувачите не очекуваат голем напредок од оваа рунда преговори. САД ќе бидат претставени од специјалниот пратеник – пријателот на Трамп и милијардер Стив Виткоф, кој неодамна го нарече Владимир Путин „хуманитарец“ – како и од зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Последната трилатерална средба се одржа во февруари во Женева, по две претходни средби во Абу Даби.

Европската комисија соопшти дека претставници на Европската унија, исто така, ќе бидат присутни во Абу Даби, иако не беше прецизирано во какво својство ќе учествуваат.

„Секоја суштинска дискусија за европската безбедносна архитектура може да започне дури откако ќе се постигне прекин на огнот во Украина“, изјави вчера претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

„И таа мора да се одвива во соодветен формат, кој конкретно ќе ги вклучува сојузниците од НАТО и земјите-членки на ЕУ“, додаде таа.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во Москва изјави дека разговорите продолжуваат во „трилатерален“ формат, со посредство на САД, и дека ЕУ нема да биде на преговарачката маса во Абу Даби.

Украинската делегација ја предводи шефот на Службата за надворешно разузнавање, Рустем Умеров, додека руската делегација ја предводи поранешниот министер за култура Владимир Медински, советник на рускиот претседател Владимир Путин.

Неименуван американски функционер вчера изјави дека Русија и Украина, во неофицијални разговори, покажуваат одредена подготвеност за компромис во однос на можна размена на територии. Функционерот, кој ги информираше новинарите пред почетокот на разговорите во вторник, наведе дека едно од клучните прашања ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Ова ја вклучува можноста за обезбедување заштита за Киев, по моделот на Членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува колективна одбрана од страна на земјите-членки на НАТО. Досега, Украина и Русија цврсто остануваат на своите територијални барања. Украина бара повлекување на руските сили до меѓународно признатите граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Сепак, американскиот функционер изјави дека, во разговорите зад затворени врати, двете страни покажуваат знаци на подготвеност за компромис. Тој додаде дека постои можност американските претставници, по завршувањето на преговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер