Во Шангај откажани над 600 летови поради тајфунот Бебинца

Аеродромите во Шангај денеска откажаа стотици летови во очекување на налетот на тајфунот Бебинца.

Повеќе од 600 летови се откажани од аеродромите Хонгкиао и Пудонг. Исто така се затвораат и дел од мостовите и автопатиштата.

Тајфунот Бебинца моментално е на неколку стотици километри од брегот. Се очекува ветровите на тајфунот вечерва да достигнат брзина од 151 километар на час, соопшти Кинеската метеоролошка управа.

Поради тајфунот евакуирани се 9.318 луѓе од една област во Шангај. Во блискиот град Жоушан утрово беа затворени рестораните, супермаркетите и продавниците, а во прекин е и јавниот превоз.

Се очекува невремето да донесе и до 254 милиметри дожд на метар квадратен, во делови од источниот брег кои ќе бидат најтешко погодени./МИА

Во Собранието доделена наградата за животно дело „11 октомври“

Во Собранието денеска бешe доделена државната награда „11 октомври“.

Годинешните добитници се актерот и продуцент Јовица Михајловски, сликарот Владимир Темков, мултимедијалниот уметник, Љупчо-Бубо Каров и фолклористот Марко Китевски. Каров, Темков и Михајловски се наградени за животно дело во областа на културата и уметноста, а проф.-д-р Китевски во областа на науката..

Фернандеш: Во репрезентацијата уживам во мојот фудбал

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, ги опиша двете последователни исклучувања во една недела како неправедни.

Во моментов плејмејкерот е со репрезентацијата на Португалија за натпреварите на „морнарите“ во Лигата на нации против Полска и Шкотска. Фернандез е една од ѕвездите на Португалецот, а во последно време е критикуван поради тоа што неговиот настап во репрезентацијата често е на повисоко ниво од она за „црвените ѓаволи“.

-Кога зборуваме за лош момент, тоа се двете исклучувања во една недела што ги сметам за нефер. Едното е веќе поништено, а второто, бидејќи е жолт картон нема да биде, но сето тоа е дел од фудбалот и не можам да размислувам за тоа. Ја презедов одговорноста за овие ситуации затоа што, особено против Тотенхем, ги оставив соиграчите во тешка ситуација да бараат пресврт откако заостанувавме во резултатот. На клупско ниво работите треба да се подобрат. Во последно време поставив високи стандарди со количината на голови што ги постигнувам и сакам да ги задржам тие стандарди. Се надевам дека ќе постигнам гол штом ќе се вратам. Се чувствувам многу добро во репрезентацијата, уживам во мојот фудбал, во динамиката благодарение на многуте квалитетни играчи со кои сум опкружен, изјави Фернандеш. /МИА

Квалификации за ЕП 2025: Македонија до 21 ја победи Молдавија

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година оствари победа со 2:1 против своите врсници од Молдавија во рамките на претпоследниот натпревар од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП кое ќе се одржи во Словачка 2025 година.

Ова беше четвртата победа во овие квалификации за нашите момци.

Избраниците на селекторот Драги Канатларовски денеска ја оправдаа фаворитската улога и сосема заслужено славеа триумф над Молдавија.

Бехар Фета отвори во 11. минута, додека Беким Камбери во 90. минута ја зголеми предноста на Македонија.

Противникот во следниот напад успеа само да постигне почесен погодок за намалување на нашата предност.

Во последното коло од квалификациите, нашата млада репрезентација на 15. октомври ќе игра против Грузија на гостински терен./МИА

притисни ентер