Во Охрид второ издание на Меморијалниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“

На турнирот ќе учествуваат осум екипи.

Во организација на Градскиот ракометен клуб „Охрид“, а под покровителство на Општина Охрид, во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид од 23 до 26 август ќе се одржи второто издание на Меморијалниот турнир во ракомет „Крсте Андоновски“, со меѓународен карактер.

На турнирот ќе учествуваат осум екипи, меѓу кои учесници во Лигата на шампиони и СЕХА лигата, како и актуелни шампиони на своите држави, распоредени во две групи.

Екипите „Охрид“, „Бешикташ“, „Голден Арт“, „Еурофарм Пелистер“, „Бутел“, „Олимпијакос“, „Металопластика“ и „Татран Прешов“ ќе ги играат во четири термини, од 11, 13:15, 18 и 20:15 часот.

Влезница за еден меч чини сто денари денари, а блок-билети за целиот турнир изнесува 500 денари. Истите од денеска можат да се купат на билетарата при спортската сала „Билјанини извори“.

Снимки од натпреварите ќе се емитуваат секој ден на јавниот сервис (МТВ 3), после 22 часот. /МИА

Во Грција започнува издавањето на новите биометриски лични карти

Со одлуката за издавање на новите лични карти Грција се усогласува со европската регулатива, за која во јули добила уште едно предупредувачко писмо од ЕУ поради неусогласеноста.

Од денеска во Грција започнува издавањето на новите биометриски лични карти, за кои во земјата имаше реакции од помали групи граѓани, кои тврдеа, меѓу другото, дека содржат чипови со кои ќе бидат следени, јави дописничката на МИА од Атина.

Со одлуката за издавање на новите лични карти Грција се усогласува со европската регулатива, за која во јули добила уште едно предупредувачко писмо од ЕУ поради неусогласеноста.

- Грција го прави следниот чекор во безбедноста на граѓаните со издавање нова безбедна лична карта за грчките граѓани, одговарајќи на европската регулатива, но и на барањата на меѓународните тела, соопштија од надлежните министерства.

Процесот на издавање започнува електронски, со закажување термин, а потоа и посета на полициска станица, каде што ќе се врши фотографирањето, но граѓаните имаат опција да достават и нивни фотографии од професионално фото студио.

Старите лични карти во Грција немаат ограничена важност, односно на самиот документ не пишува кога истекува, додека пак замена, најчесто се врши при загуба, оштета, кражба и сл.

Во земјата имаше и реакциите против новите биометриски лични карти, што започнаа во текот на летото, кога голем број граѓани во различни делови на Грција започнаа масовно да поднесуваат барања за обнова на постоечките лични карти, мислејќи дека така ќе избегнат вадење биометриски, а паралелно одржаа и протести во Солун и Атина.

Филипини ќе ја отстранат кинеската бариера во Јужното Кинеско Море

„Го осудуваме поставувањето пловечки бариери од страна на кинеската крајбрежна стража“, рече советникот Ано, додавајќи дека тоа „ги крши традиционалните риболовни права на рибарите“.

Филипини ќе ги преземат сите соодветни активности за отстранување на бариерите во спорната област на Јужното Кинеско Море, изјави денеска советникот за национална безбедност Едуардо Ано, додека Кина возврати дека презела чекори за отстранување на филипински брод.

Филипините вчера објавија фотографии од пловечка бариера што го блокира пристапот до рибарските чамци, а во нејзина близина биле бродови на кинеската крајбрежна стража. Манила најави дека ќе ги заштити правата на своите рибари.

„Го осудуваме поставувањето пловечки бариери од страна на кинеската крајбрежна стража“, рече советникот Ано, додавајќи дека тоа „ги крши традиционалните риболовни права на рибарите“.

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека бариерите се кршење на меѓународното право. „Филипините ќе ги преземат сите соодветни мерки за заштита на суверенитетот на нашата земја и егзистенцијата на нашите рибари“, нагласи Министерството.

Кинеската амбасада во Манила не одговори на барањето за коментар.

Министерство за правда: Вонреден надзор во КПД Идризово

Вонреден надзор во КПД Идризово  по наводите на осудените лица Тони Денковски и Јанко Јаневски за закани, рекет, поткуп.

Управата за извршување на санкции на 19.09.2023 година изврши вонреден наздор во КПД Идризово со цел да се проверат наводите на осудените лица Тони Денковски и Јанко Јаневски за закани по живот, рекет и уцени.

Во врска со наводите на Јанко Јаневски кој отслужува 9 годишна затворска казна , дека имал уцени и закани по живот да врати 4000 евра во рок од 24 часа, Управата за извршување на санкции изврши разговор со двајца припадници на затворската полиција кои тврделе дека биле измамени од Јаневски кој им побарал по 2000 евра ветувајќи им дека ќе бидат префрлени со работа во МВР. Вкупната сума од 4000 евра му ги исплатиле на негов пријател во трговскиот центар ,,Сити мол”. Командирите по извесен период сфатиле дека се измамени и настанот го пријавиле во ПС Кавадарци.

Службените лица од Управата разговарааа и со осуденото лице Јанко Јаневски кој појаснил дека никогаш не зел пари од припадници на затворската полиција, туку напротив, дека лично тој му давал пари на Киро Димов, припадник на затворската полиција. Осудениот Јаневски парите ги добивал од спортско обложување кое се организирало во установата и на неколку наврати му позајмувал пари на Димов. Потоа почнал да му се заканува преку осудени лица за враќање на долгот во рок од 24 часа.За наводите дека припадникот на затворската полиција земал пари од Јаневски, потврдиле и две други осудени лица.

Во однос на осуденото лице Тони Денковски за неговата поплака дека му е нарушена безбедноста и дека има закани и уцени од страна на осудени лица и припадници на затворската полиција за што е поднесена и пријава до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, од разговорот со него тој не посочил конкретни имиња на осудени лица или припадници на затворската полиција поради што не можело да се проверат неговите наоди. За Денковски , во дневните билтени не е евидентиран некаков настан или физички напад на ова лице а преземени се и мерки за заштита на неговата безбедност, сместен е сам во соба и сам оди на прошетка.

До денот на извршениот надзор осуденото лице Тони Денковски нема поднесено барање за преместување во друга установа.

притисни ентер