Во Охрид состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите - Канал 5

Во Охрид состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите

Во Охрид состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите, регионот пред нов предизвик со болеста ППР.

Во Охрид состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите

Активностите за заштита од болестите кај животните како што е африканската чума кај свињите и неодамна појавената маларична чума кај малите преживари во регионот, како и превентивните мерки за спречување на ширењето на болестите преку примена на препораките и позитивните искуства на одредени држави во справувањето со предизвиците, се главни теми на дискусија на дводневниот состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите што се одржува во Охрид.

На работната средба во прусуство на претставници на ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија,Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија, како и на Европската Комисија, Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации и на Светската организација за здравствена заштита на животните, на експертско ниво се разговара за актуелната состојба со прекуграничните болести кај животните, се креираат насоки за справување со предизвиците и се детерминираат механизмите за сузбивање на заболувањата и мерките за спречување на ширењето на заразата.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, истакна дека ситуацијата со заразните болести кај животните во земјата моментално е стабилна, но оти мора да се следи ситуацијата постојано и активно да се работи на спречување на појава на нови жаришта.

- Покрај за болеста африканска чума кај свињите, тука разговараме и за појавата на болеста чума кај малите преживари (ППР) што веќе за жал е присутна во Романија и во соседна Грција. Тоа е нов предизвик за регионот. Секако нејзина појава кај нас ќе се одрази негативно врз стопанството. Таа не е опасна за луѓето, но вакцинацијата на животните носи големи последици како рестрикции на извозот на животни и производи, најмалку две години од вакцинирањето, што значи губење на статусот земја слободна од болеста и ограничување на извозот, рече Миланов.

Тони Киранџиски, тим-лидерот на Регионалниот проект за контрола на заразни болести кај животните во Западен Балкан, по однос болеста ППР кај козите и овците истакна дека преку проектот финансиран од ЕУ се помага на државите од регионот за превенција, надзор и контрола на болестите од А-категорија што брзо се шират.

- За справување со болестите пред се за африканската чума кај свињите, исклучително е важна прекугранината соработка, оттаму што истата се шири најмногу преку дивите животни...За разлика од неа, ППР се шири со директен транспорт на жива стока, што значи граничната контрола е најважен фактор. Сите земји во ЕУ каде ја има болеста предвидуваат строги мерки за контрола и забрана за движење на животните од регионите каде ја има болеста, рече Киранџиски.

Тој истакна дека главниот начин за контрола на двете зарази е преку имплементација на строги мерки, кои вклучуваат уништување на сите животни од заразените стада.

- Она што ни преостанува во овој момент е да бидеме подготвени болеста да се појави и кај нас, за да можеме брзо да реагираме и на тој начин да биде исконтролирана евентуалната ситуација, рече Киранџиски.

Професорот Игор Џаџоски од Ветеринарниот факултет во Скопје, по однос африканската чума кај свињите рече дека кај нас од појавата на првиот случај во 2022 година болеста добро е исконтролирана, со достигнато високо ниво на биосигурносни мерки на поголемите фарми каде се спроведува индустриско производство.

- Но, болеста е присутна кај дивите свињи и тоа е голем проблем што тешко се решава, особено што дивите животни не познаваат граници и слободно мигрираат. Зголемата популација на дивите свињи и големата отпорност на вирусот е предизвикот со кој се соочуваме и ние и регионот. Што се однесува на чумата кај малите преживари, кај нас засега болеста ја нема, но ситуацијата будно се следи. Преземени се доста активности, од подигнување на свеста и запознавање на фармерите и ветеринарите за потребата од навремено пријавување на сите сомнителни случаи. Доколку истата навреме се детектира, таа болест полесно може да се исконтролира споредбено со африканската чума, рече тој.

Будимир Плавшиќ, директорот на Регионалната канцеларија за Европа на Светската организација за здравствена заштита на животните, рече дека предизвикот наметнат со појавата и ширењето на африканската чума кај свињите е навистина голем, националните агенции за заразни болести фокусот да го стават врз ветеринарна контрола, превенција и биосигурност на фармите. Како клучна мерка тој ја посочи потребата од контрола на дивите животни, за што е неопходен координиран пристап со сите субјекти надлежни за контрола на дивечот, како во ловиштата така и надвор од нив.

- Реалноста е таква што болеста е тука, таа се шири полека и континуирано, така што треба да сме свесни дека во отуство на вакцина вирусот не може да се искорени на друг начин осем преку депопулација и преку контрола на дивите животни. Агенциите во сите држави во регионот работат посветено и интензивно на проблематиката и реагираат координирано, фокусирано и кај популацијата на домашните и кај дивите свињи, истакна тој.

Во Македонија состојбата со питомата популација свињи е стабилна, кога се работи за африканската свинска чума, Последниот евидентиран случај годинава е забележан минатиот месец во пехчевското село Панчарево. Годинава се евидентирани три жаришта на болеста, каде на сила се заштитни мерки. Минатата година беа регистрирани 17 случаи.

Кај дивата популација свињи евидентирано е зголемување на бројот позитивни случаи. Само во првото полугодие на оваа година потврдени се 234 случаи на болеста во 72 ловишта.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

По 30 години, нов Кривичен законик

Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење.

По 30 години, нов Кривичен законик

Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење, со што продолжува процесот на сеопфатна реформа на казненото законодавство и негово усогласување со европските стандарди.

Новиот Кривичен законик се подготвува по три децении, а заедно со новиот Закон за кривичната постапка треба да обезбеди поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност за граѓаните.

Суштината на реформата не е само во донесувањето нови закони, туку во нивната примена и резултатите што треба да ги почувствуваат граѓаните. Целта е да се создаде законска рамка што ќе овозможи ефикасни истраги, правични судски постапки, еднаква примена на законот и одговорност без исклучоци.

Подготовката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, а работната група предводена од академик Владо Камбовски во периодот од 2020 до 2026 година спроведе широки консултации со претставници на правосудството, академската заедница, надлежните институции и граѓанските организации.

Во предложениот текст се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а во текот на консултациите беа разгледани повеќе од 50 мислења и предлози.

Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка. Експертската работна група предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ, составена од 25 членови, ја заврши подготовката на текстот во октомври 2026 година. Предлогот предвидува усогласување со 25 релевантни европски директиви и стандарди.

Меѓу клучните решенија се унапредувањето на конфискацијата, финансиските истраги, електронските докази, посебните истражни мерки, заштитата на жртвите, како и можностите за одржување рочишта и изведување докази на далечина.

Во подготовката на двата законски текста значајна поддршка обезбедија меѓународните партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Со доставувањето на предлозите до Европската комисија, Министерството за правда продолжува со исполнувањето на обврските од Реформската агенда и усогласувањето на домашното законодавство со европското право.

Реформата на казненото законодавство треба да донесе конкретни промени во функционирањето на правосудниот систем. Нејзината вистинска вредност ќе се покаже во поефикасните истраги, поправичните судски постапки, посилната заштита на правата и поголемата правна сигурност за секој граѓанин.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Заврши 26. Скопје филм фестивал!

Под динамично ново раководство, Фестивалски совет и тим од домашни и меѓународни професионалци, возобновениот Скопје Филм Фестивал ги додели своите награди. 

Заврши 26. Скопје филм фестивал!

Спојувајќи ја својата воспоставена регионална традиција со свежа креативна енергија, СФФ ја потврди својата позиција како клучна културна платформа за независен филм и меѓународна размена. Фестивалот има стратешка улога во обликувањето на регионалната филмска индустрија и во унапредувањето на културната агенда за „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“. Преку негување на филмската писменост, поддршка на авторскиот филм и отворање динамичен простор за меѓународен дијалог, СФФ директно го збогатува уметничкиот пејзаж на главниот град.

Под раководство на директорот на фестивалот Томи Салковски и кураторот Николај Никитин, 26-тото издание претставува извонреден организациски подвиг, подготвен и реализиран за само неколку месеци. Брзото формирање на меѓународна натпреварувачка програма, доаѓањето на странски делегации и одржувањето на мастерклас-сесии ја потврдуваат посветеноста која ја движи новата ера на фестивалот. За долгорочно стратешко насочување и зајакнување на глобалните партнерства, фестивалот воведе нов Меѓународен фестивалски совет составен од истакнати европски и светски филмски професионалци: Томи Салковски, Николај Никитин, Благоја Куновски, Мирослав Могоровиќ и Филип Бергсон.

Натпреварувачката програма ја оценуваше стручно меѓународно жири составено од водечки имиња од филмската индустрија: Стив Абот (продуцент, ОК), Даниела Вебер (селекторка и фестивалска консултантка, Германија), Павле Вучковиќ (режисер и сценарист, Србија), Лабина Митевска (актерка и продуцентка, Северна Македонија) и Даријан Пејовски (режисер и сценарист, Северна Македонија).

Оваа година беше востановена наградата „Златна Скополија“ за извонреден придонес кон светската кинематографија, престижно ново признание наменето за истакнати автори чии смели уметнички визии оставиле траен белег во филмската уметност. Именувана по реткото ботаничко наследство, автохтоно за овој регион, „Златна Скополија“ ја симболизира креативноста, реткоста и уметничката истрајност. Првата награда им беше врачена на отворањето на фестивалот на реномираното полско филмско дуо, режисерката Малгоржата Шумовска и директорот на фотографија и режисер Михал Енглерт, како признание за нивниот длабок и бескомпромисен уметнички придонес во современиот светски филм.

По свеченото отворање, втората фестивалска вечер беше одбележана со премиерата на филмот „17“ во режија на Косара Митиќ, еден од најнаградуваните и најзабележаните современи македонски филмски проекти.

Во текот на фестивалската недела, публиката уживаше во богата и внимателно курирана програма со меѓународни фестивалски хитови, европски кратки филмови (EFA Shorts) и моќни регионални авторски остварувања, меѓу кои и клучните натпреварувачки наслови: „Нема рај ако те убие жена“ на Халкавт Мустафа, „Чувство на дом“ на Габор Холтаи, „Тивки ноќи“ на Лоренс Фахардо и многу други. Програмата беше надополнета со три значајни мастерклас-сесии во МКЦ Клуб, каде што истакнати филмски дејци, меѓу кои српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ и меѓународниот филмски експерт Ники Никитин, кој сподели искуства за дистрибуцијата на дебитантски филмови и стратегиите на фестивалскиот пазар.

26. Скопје Филм Фестивал (СФФ) официјално заврши вчера, на 9 ноември, во Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ). На свеченото затворање, Меѓународното жири јавно ги соопшти победниците, споделувајќи официјални образложенија:

„Нашата награда за НАЈДОБАР ФИЛМ оди кај чисто кинематографско дело кое носи моќна, автентична перспектива за курдските жени-борци кои го победуваат екстремизмот преку фундаменталниот страв дека 'НЕМА РАЈ АКО ТЕ УБИЕ ЖЕНА', филм на ХАЛКАВТ МУСТАФА. Наградата за НАЈДОБРА РЕЖИЈА се доделува на автор кој на големото платно мајсторски пренесува алегорија за систематската државна репресија, која иронично носи ’ЧУВСТВО НА ДОМ’. Честитки за ГАБОР ХОЛТАИ. Не можеме да ја заокружиме селекцијата ДИЈАЛОЗИ без СПЕЦИЈАЛНО ПРИЗНАНИЕ за филмот 'ТИВКИ НОЌИ' на ЛОРЕНС ФАХАРДО. Сакаме да му оддадеме признание за неговиот живописен приказ на бруталните одреди на смртта за време на режимот на Дутерте на Филипините“.

Фестивалскиот совет додели и СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА за филмот „ОТФРЛЕН“ на ВИНСЕНТ ГАРЕНО, кој со исклучителна сензитивност прикажува вистинска приказна за неодамнешниот трагичен напад врз професор во француско средно училиште. Незаборавно филмско остварување кое во Скопје пристигна директно од Канскиот филмски фестивал 2026.

Следното, 27. издание на Скопје Филм Фестивал е закажано за периодот од 12 до 17 октомври 2027 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

770 стипендии и речиси два милиони долари поддршка: Фондацијата „Атанас Близнакоф“ продолжува да инвестира во иднината на младите во Македонија

Фондацијата „Атанас Близнакоф“ ја пречекува новата генерација стипендисти во рамки на програмата „Атанас Близнакоф“ стипендии за студентска извонредност, која ја спроведува Македонија2025. 

770 стипендии и речиси два милиони долари поддршка: Фондацијата „Атанас Близнакоф“ продолжува да инвестира во иднината на младите во Македонија

Оваа година 52 студенти од прва година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје добиваат финансиска поддршка за своето високо образование. Тие се приклучуваат кон заедницата млади таленти што се издвојуваат со академски успех, посветеност и потенцијал.

Фондацијата е основана во 1977 година од Атанас и Славка Близнакоф, а програмата се темели на нивното филантропско наследство. Од 2021 година Македонија2025 е партнер на Фондацијата и ја спроведува стипендиската програма во Македонија. Таа го организира годишниот отворен повик и обезбедува континуирана поддршка за стипендистите.

770 стипендии и инвестиција од 1.925.000 американски долари

Од 2021 година до денес, Фондацијата има обезбедено 770 годишни стипендии во вкупна вредност од 1.925.000 американски долари. Во академската 2026/2027 година таа истовремено поддржува пет генерации стипендисти, со вкупно 151 стипендија во вредност од 377.500 американски долари. Ова е најголемиот број активни стипендии во една година од почетокот на програмата.

Повеќе од финансиска поддршка: долгорочна посветеност кон младите таленти

Програмата „Атанас Близнакоф“ стипендии за студентска извонредност се темели на уверувањето дека образованието е една од најзначајните инвестиции во долгорочниот развој на општеството. Особен приоритет при доделувањето на стипендиите имаат студентите од социјално ранливи семејства, за финансиските ограничувања да не бидат пречка за нивното образование.

Покрај финансиската поддршка, стипендистите добиваат можности за менторство, развој на практични вештини и професионално вмрежување преку активностите на Македонија2025. Тие стануваат дел и од заедницата на сегашни и поранешни стипендисти, која поттикнува меѓусебна поддршка и долгорочна соработка. Така влијанието на програмата продолжува и по завршувањето на студиите.

„Особено сме горди што нашата поддршка продолжува да расте и што оваа година достигнуваме рекорден број активни стипендии. Веруваме дека финансиската состојба не треба да го определува образовниот и професионалниот пат на еден млад човек. Нашата цел е младите да веруваат во сопствениот потенцијал и еден ден и самите да создаваат можности за следните генерации“, истакнуваат од Фондацијата „Атанас Близнакоф“.

Македонија2025 изразува искрена благодарност до Фондацијата „Атанас Близнакоф“ за довербата и континуираната посветеност на младите таленти во Македонија. На сите 52 нови стипендисти им упатуваме искрени честитки и им посакуваме успешни студии.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер