Во конклавата за избор на нов папа ќе учествуваат 133 кардинали - Канал 5

Во конклавата за избор на нов папа ќе учествуваат 133 кардинали

Двајца ќе отсуствуваат поради здравствени причини.

Во конклавата за избор на нов папа ќе учествуваат 133 кардинали

Бројот на кардинали кои ќе учествуваат во конклавата за избор на нов папа се намали од 135 на 133, објави италијанската новинска агенција АНСА.

„Двајца кардинали објавија дека нема да можат да присуствуваат“, изјави портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, без да ги наведе нивните имиња.

Во последните денови, италијанските медиуми објавија дека шпанскиот кардинал Антонио Канизарес Ловера и кардиналот Винко Пуљиќ од Босна и Херцеговина ќе отсуствуваат од конклавата поради здравствени причини, иако лекарите подоцна на Пуљиќ му одобриле да учествува во конклавата во Систинската капела, наведува агенцијата.

Конклавата започнува на 7 мај во Систинската капела во Ватикан. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Долготрајни аплаузи за изведбата на „Едмонд“ на Битолскиот театар на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

Синоќа, на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица, „Едмонд“ на Народен театар Битола предизвика одлична реакција кај публиката.

Долготрајни аплаузи за изведбата на „Едмонд“ на Битолскиот театар на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

Претставата беше проследена со големо внимание, силна енергија од сцената, а по завршувањето – долги и искрени аплаузи за актерите и целиот авторски тим.

Уште една успешна средба со публиката и уште еден убав момент за претставата „Едмонд“, работена по делото на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски. Ликот на Едмонд го игра Огнен Дранговски, а покрај него во претставата се и: Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.

„Благодариме на фестивалот „Ристо Шишков“ и на струмичката публика за прекрасниот прием“, истакнуваат од Битолскиот театар.

Следното гостување на НТБ е на 18.септември на ТФД „Силјан Штркот“ во Прилеп со претставата „Пинокио“, а на 25 септември е предвидено гостување со „Кориолан“ на „Magical Nights in Bitrint“ во Саранда, Албанија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МАЕИ: Бугарија го злоупотребува здравјето на Македонците за да ги прогласува за Бугари

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро ги осудува најновите активности на бугарските власти во Пустец, со кои под превезот на медицинска помош повторно се спроведува политичка пропаганда и негирање на македонскиот идентитет.

МАЕИ: Бугарија го злоупотребува здравјето на Македонците за да ги прогласува за Бугари

На 11 и 12 септември, Бугарија испрати медицинска екипа од Софија во Пустец со воен транспортен авион. Во операцијата се вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнаа и бугарски пратеници од различни политички партии.

Токму нивните изјави ја откриваат вистинската политичка димензија на оваа посета. Бугарските пратеници јавно порачаа дека кога станува збор за, како што ги нарекуваат, „Бугарите“ во Албанија, бугарските политички партии се обединети.

Зошто за медицински прегледи во Пустец е потребен воен транспортен авион, бугарски пратеници и државна делегација од Софија?

Ова повеќе не личи на обична медицинска хуманитарна активност. Пустец личи на воена зона, со засилено полициско присуство, бугарски емисари кои демонстративно се движат низ општината и се однесуваат како освојувачи на Пустец и со бугарски знамиња поставени во просториите на медицинскиот центар. Но, Пустец не е Бугарија. Пустец е во Република Албанија, а неговите жители се Македонци.

МАЕИ особено го осудува однесувањето на бугарските претставници кои во јавноста отворено ги негираат Македонците во Пустец и ги прогласуваат за Бугари. Ниту една медицинска услуга не може да биде оправдување за негирање на идентитетот на македонската заедница. Здравјето на луѓето не смее да биде инструмент за асимилација и политичка пропаганда.

Медицинскиот персонал во Пустец првично не сакал да ги прими бугарските претставници, но под притисок од Регионалниот медицински центар во Корча бил принуден да им ги отстапи просториите.

Срамно е и однесувањето на Општина Пустец, која обезбедува логистичка поддршка на претставници на држава чии институции јавно тврдат дека Македонците во Пустец се Бугари. Наместо да застане во заштита на своите граѓани и нивниот идентитет, локалната власт ги пречекува бугарските претставници со девојчиња во народни носии, леб и сол.

Општина Пустец е во Република Албанија.

За секоја потреба на своите жители – од инвестиции и инфраструктура, до здравствени и социјални услуги – локалната власт треба првенствено да се обраќа до Владата на Република Албанија. Ние сме лојални граѓани на Албанија, ги почитуваме нејзините закони и плаќаме даноци во оваа држава. Затоа не прифаќаме Пустец да биде претворен во полигон за реализирање на туѓи национални политики.

Пустец не смее да биде сцена на бугарска пропаганда. Македонците во Пустец не смеат да бидат статисти во туѓа национална политика.

За жал, Македонците во Албанија денес се оставени сами. Недостасува јасна и одлучна реакција од албанските институции, кои дозволуваат ваквите активности да се одвиваат на територијата на Република Албанија.

МАЕИ ја повикува Владата на Република Албанија да не дозволува територијата на државата и нејзините институции да бидат инструментализирани за негирање на идентитетот на македонската заедница.

Истовремено, ја повикуваме Владата на Република Македонија конечно да ја сфати сериозноста на ситуацијата.

Додека Бугарија има јасна државна политика и целосен политички консензус за асимилација на Македонците во Албанија, Македонија нема ниту стратегија, ниту сериозна државна политика за заштита на македонската заедница во Албанија.

Затоа МАЕИ бара од македонските институции итно да изработат државна стратегија за заштита на Македонците во Албанија и да престанат прашањето на македонската заедница во Албанија да го третираат како партиско, наместо како национално прашање.

Македонците во Пустец не се Бугари. Пустец не е бугарски протекторат.

Нашето здравје не е алатка за асимилација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Момче пронајдено во Беринговото Море: Пловело на превртен чамец речиси три дена (ВИДЕО)

15-годишно момче преживеа речиси три дена држејќи се за превртен чамец во Беринговото Море, додека неговиот брат и братучед починале.

Момче пронајдено во Беринговото Море: Пловело на превртен чамец речиси три дена (ВИДЕО)

Тој беше спасен од екипажот на рибарски брод во близина на островот Сент Лоренс, кој припаѓа на Алјаска и се наоѓа во Беринговото Море, недалеку од рускиот брег, пишува АП.

Тројцата млади мажи тргнале со брод во петокот од островот Сент Лоренс и требало да се вратат до недела наутро. Кога не се појавиле, нивното семејство ги пријавило како исчезнати во недела навечер.

Крајбрежната стража на САД започна потрага следниот ден со авиони и хеликоптери. Момчето на крајот беше пронајдено од екипажот на рибарскиот брод „Нортвест Експлорер“, додека сè уште беше на превртениот чамец. Властите не ги објавија имињата на тројцата млади мажи.

Еден од воздушните екипажи го забележа преживеаното момче на трупот на превртениот чамец во понеделник. Тие спуштија сплав за спасување и залихи за него, а потоа контактираа со блискиот рибарски брод, „Нортвест Експлорер“. Видеото од спасувањето го прикажува екипажот како фрла јаже кон момчето и го влече неговиот чамец сè додека не успеале да го подигнат на безбедно место.

„Неверојатно жилаво момче“

„Се држеше за тој чамец речиси три дена. Тој е неверојатно жилаво момче“, изјави капетанот на рибарскиот брод, Адам Вајт, за локалната телевизиска станица KTUU. Според извештајот на крајбрежната стража, момчето покажувало знаци на хипотермија кога пристигнало на бродот, а екипажот го стоплил со ќебиња и шишиња со топла вода.

„Иако трепереше од студ, можеше да каже дека неговиот брат е сè уште под чамецот“, рече Вајт. „Ноќта пред да пристигнеме, неговиот братучед едноставно се лизнал во водата“, додаде Вајт. Откако момчето беше спасено, беа пронајдени телата на неговиот брат и братучед.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер