Во Командата за обука и доктрини свечена заклетва дадоа нови 296 професионални војници - Канал 5

Во Командата за обука и доктрини свечена заклетва дадоа нови 296 професионални војници

Свечено дадената заклетва на младите професионални војници им ја честита и командантот на Центарот за индивидуална обука, мајор Џунат Веџиоски.

Во Командата за обука и доктрини свечена заклетва дадоа нови 296 професионални војници

Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес каде е сместена Командата за обука и доктрини (КОД) денеска свечена заклетва дадоа 296 професионални војници од генерацијата 1- 2025, меѓу кои се и 26 девојки, кои се обучуваат три месеци во Центарот за индивидуална обука (ЦИО) што е дел од КОД.

На денешната свеченост присуствуваше началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски и неговиот заменик и останатите генерали, меѓу кои и домаќинот - команданот на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини, министерот за одбрана Владо Мисајловски, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и други високи претставници на Министерството за одбрана и на Армијата, како и родители, роднини и пријатели на професионалните војници.

Министерот Мисајловски во своето обраќање потенцира дека често зборуваат за инвестирање во одбраната, за модернизација и опремување, за реконструкција на објектите за инфраструктира во Армијата, но денеска во касарната во Велес гледајќи ги новите професионални војници, новата енергија го гледа најважниот ресурс - пулсот на нашата одбрана.

-Денеска ја изговоривте заклетвата, ги изговоривте зборовите со кои исто како и илинденците и партизаните се заколнавте на една света обврска, дека ќе ја чувате и заштитите Македонија и сите наши сограѓани. Со давањето на свечената заклетва вие направивте суштинска исчекор во вашите животи. Тоа не се само зборови, туку ветување кое ве поврзува со народот и со татковината, дека токму вие ќе бидете штитот на државата, им порача министерот Мисајловски.

Toj потенцира дека верува дека со целосна доверба влегуваат во институција која исто така верува во нив, но и очекува многу од нив.

-Очекувам вашите вредности и професионализам да ги надвладеат предизвиците на денешницата, очекувам ваш брз одговор кога треба да се помогне за време на природни непогоди или кога треба гордо да застанете рамо до рамо со нашите сојузници. Затоа држете се цврсто до вашата професионалност. Кога притисокот е голем – потпрете се на вашата обука. Кога ќе се соочите со предизвици – потпрете се на вашиот интегритет, потенцира Мисајловски.

Воедно им вети дека заедно со Генералштабот продолжуваат да работат на подобрување на правата и условите за работа, со една цел, мотивирана и професионална Армија.

Началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски поздравувајќи ги младите професионални војници и честитајќи им ја свечено дадената обврска потенцира дека преку овој свечен чин тие денес пристапуваат кон Армијата, институција со најголема доверба меѓу граѓаните и членките на НАТО Алијансата.

-Да се биде дел од Армијата е привилегија, но и огромна одговорност. Како НАТО војници вие станувате дел од безбедносниот систем кој гарантира стабилност во светот. Пред вас се отвораат можности за постојано усовршување, учење од најдобрите, споделување на искуства и учество во меѓународни мисии каде ќе можете да ги демонстрирате вашите вештини и професнализам, како и да ја презентирате подготвеноста и посветеноста на македонските војници, потенцира генерал-мајорот Лафчиски.

Тој им порача времето поминато на полигоните за обука и стрелиштата покрај за учење и усовршување да го искористат за градење на другарства и цврсти пријателства, бидејќи токму заедништвото, меѓусебната доверба и тимскиот дух се основата на силна и успешна Армија.

Свечено дадената заклетва на младите професионални војници им ја честита и командантот на Центарот за индивидуална обука, мајор Џунат Веџиоски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Линдзи Вон откри што ѝ извадиле од ногата

Светската скијачка ѕвезда, Линдзи Вон откри што ѝ извадиле од ногата, по девет операции, луѓето се шокирани од она низ што поминува таа.

Линдзи Вон откри што ѝ извадиле од ногата

Една од најдобрите светски скијачки во историјата, Линдзи Вон имаше деветта операција, при што од ногата ѝ беа извадени плочки и шрафови. Неа ја очекува тешко закрепнување по повредата што ја заработи на Зимските олимписки игри.

42 годишната американска скијачка Линдзи Вон доживеа тешка повреда на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина д'Ампецо, од која сè уште се опоравува.

Оттогаш, Вон имала дури девет операции, а при последната од нив, лекарите ги извадиле сите плочки и шрафови од нејзината нога. А ги имало навистина многу.

Како што истакна Линдзи, операцијата поминала добро и закрепнувањето се одвива во вистинска насока, но таа девет месеци трпела неподносливи болки поради одлуката повторно да се натпреварува на Олимписките игри во својата петта деценија од животот – таа едноставно „горела“ од желба да освои уште еден медал.

За жал, таа претрпе сериозна повреда при судир со порта, при што дојде до оштетување на предните вкрстени лигаменти. Веднаш била примена во болница во Италија, а потоа закрепнувањето го продолжила во САД, каде што сега ѝ беше извршена операцијата.

Лекарите конечно ги извадиле сите плочки и шрафови, а таа објави кратко видео кое ги шокираше нејзините следбеници:

„Сето ова го извадија од мојата нога“, напиша Американката, чија десна нога е во завои.

Деветтата операција не значи дека закрепнувањето е завршено; најверојатно ја очекуваат уште неколку месеци во кои ќе се обиде да ја врати флексибилноста на ногата. Сепак, останува прашањето дали таа некогаш ќе биде истата како порано – како и дали повторно ќе се натпреварува во скијање.

„Мојата лева нога всушност закрепнува многу добро. Сè уште немам преден вкрстен лигамент, па ќе биде неопходно да се извади металот од ногата и таа да се санира. Проблемот е во мојот десен скочен зглоб. Тој е сè уште скршен, но веќе не боли толку многу“, изјави таа за „Спортс Центар“ пред неколку недели, признавајќи дека минува низ многу тежок период во својот живот – можеби најтешкиот во нејзината кариера, која е една од најголемите во историјата на овој спорт.

„Во овој период научив многу за трпението. Мислев дека веќе знам нешто за тоа, но навистина поминав низ многу искушенија. Чувствував дека напредокот е многу бавен, иако работев напорно. Коските не заздравуваат на ист начин како лигаментите, а јас не бев навикната на тоа.“

Инаку, Линдзи Вон се повреди на Светскиот куп пред Зимските олимписки игри, но сепак одлучи да настапи. Таа имаше завој на коленото и претрпе тешка повреда, од која и денес ги чувствува последиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Филипче: СДСМ поднесува кривични пријави за Алта банка, бандата ќе одговара

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на социјалната мрежа Х, најави дека СДСМ денеска поднесува кривични пријави за случајот со Алта банка,за влезот на пералницата на пари на Вучиќ, за притисокот, за сметките и трансферите, за парите на граѓани

Филипче: СДСМ поднесува кривични пријави за Алта банка, бандата ќе одговара

Филипче порача дека СДСМ нема да дозволи власта на Мицкоски да го заташка скандалот и да избега од одговорноста.

„СДСМ поднесува кривични пријави за Алта банка. Организираната криминална група на Христијан Мицкоски сака да го заташка скандалот со Алта банка и да избега од одговорност. Да сокрие сметки, трансакции, потекло на капитал, врските со криминалниот клан на Вучиќ... Да не се дознае кој потпишал и за чии интереси.

Мицкоски и Славески поднесоа пријави против опозицијата затоа што се во паника.

Сега е ред на СДСМ, на вистината и правдата. СДСМ поднесува кривични пријави за влезот на пералницата на пари на Вучиќ, за притисокот, за сметките и трансферите, за парите на граѓаните и јавните претпријатија. Мицкоски, го копираш Вучиќ. Вучиќ падна. Истрагите се отвораат. Истото те чека и тебе. Вистината излегува. Бандата ќе одговара“, посочи Филипче.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Канал 5 се извинува за споменувањето на Исламскиот младински форум во прилогот за египетската листа

Канал 5 се извинува за информациите објавени во вчерашниот прилог во вестите, во кој беше споменато името на Исламскиот младински форум, базирајќи се на информации објавени во дел од медиумите.

Канал 5 се извинува за споменувањето на Исламскиот младински форум во прилогот за египетската листа

Канал 5 се извинува за информациите објавени во вчерашниот прилог во вестите, во кој беше споменато името на Исламскиот младински форум, базирајќи се на информации објавени во дел од медиумите за ставањето на 35 светски организации на листата на терористички организации од страна на Египетскиот кривичен суд.

Без никаква намера да се нарушат угледот и репутацијата на здружението, а поради пермутација на зборовите во називот на арапски јазик, Канал 5 ненамерно го употреби името на Исламскиот младински форум Скопје, поради што искрено жали. Канал 5 синоќа го објави демантот на организацијата, а и во денешното издание на вестите пренесува дел од него.

„Категорично ги отфрламе сите обвинувања и неосновани наводни поврзувања со нашата организација. Нагласуваме дека споменувањето во документи на странски институции не претставува правен доказ дека станува збор за организацијата на која се однесува една таква неоснована одлука. Таквата идентификација бара официјална документација и прецизна проверка на правниот идентитет на организацијата. Ги повикуваме сите медиуми и други субјекти да покажат професионална одговорност, да ги проверуваат изворите и да избегнуваат непотврдени поврзувања што можат неправедно да го нарушат угледот на организацијата“, се вели во демантот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер