Во Кичево отворен божиќниот базар - Канал 5

Во Кичево отворен божиќниот базар

Градскиот плоштад се претвори во празнично собиралиште, украсено со божиќни светилки, елки и симболи кои го најавуваат времето на љубовта, надежта и духовното обновување.

Во Кичево отворен божиќниот базар

Во организација на здружението „Хуманитарен божиќен базар", со свечена атмосфера, топлина и искрена радост, синоќа во Кичево започна Божиќниот базар, настан, кој секоја година носи посебна светлина во пресрет на големиот христијански празник – Рождеството Христово.

Градскиот плоштад се претвори во празнично собиралиште, украсено со божиќни светилки, елки и симболи кои го најавуваат времето на љубовта, надежта и духовното обновување.

-Божиќниот базар претставува повеќе од културно-забавен настан. Тој е простор каде што се спојуваат традицијата и современоста, каде што граѓаните имаат можност да уживаат во рачно изработени подароци, празнични украси, домашни производи и традиционални вкусови, но и да го почувствуваат вистинскиот дух на Божиќ – духот на заедништвото и дарувањето, велат за МИА од здружението „Хуманитарен Божиќен базар".

Додаваат дека посебен белег на базарот е можноста за меѓусебна средба, разговор и споделување искрена радост меѓу сите генерации.

-Овој празничен настан е резултат на заеднички напор и добра соработка, при што посебна благодарност упатуваме до градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, за неговата поддршка, ангажман и посветеност во создавањето на празнична атмосфера која го обединува градот, додаваат од здружението.

Според нив, неговата поддршка придонесе Божиќниот базар да прерасне во место на радост, духовна топлина и надеж за сите граѓани.

-Во време на брз живот и бројни предизвици, Божиќниот базар нè потсетува на вистинските вредности – милосрдието, човечноста и солидарноста, кои се суштината на празникот што доаѓа. Почетокот на овој настан е покана до сите кичевчани и посетители да застанат барем за миг, да ја почувствуваат празничната топлина, да споделат насмевка и топол збор и да се израдуваат на малите нешта кои го исполнуваат срцето, посочува организаторот.

Од здружението, посакуваат овие празнични денови да донесат мир, благослов и радост во секој дом, а светлината на Божиќ да нè води кон повеќе љубов, разбирање и заедништво.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: „Везилка“ претставува почеток на еден процес кој ќе придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми можности за младите

Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на промоција на ВЕЗИЛКА – Националната фабрика за ВИ.

Мицкоски: „Везилка“ претставува почеток на еден процес кој ќе придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми можности за младите

„Почитувани присутни,

Дами и господа,

Постојат проекти чија вредност не се мери само преку инвестицијата што ја носат или инфраструктурата што ја создаваат, туку преку нивната способност да ја променат насоката во која се движи едно општество.

Проектот „Везилка“ е токму таков проект. Тој претставува вложување во иднината, во потенцијалот на македонските научници, истражувачи, студенти и компании, но и јасна определба државата да биде активен учесник во технолошките процеси што го обликуваат современиот свет.

Развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели, отвора нови индустрии и поставува нови стандарди за конкурентност.

Во такви околности, способноста на една држава да создава знаење, да ги поврзува науката и стопанството и да обезбеди услови за иновации станува еден од најважните предуслови за долгорочен развој.

Токму затоа, воспоставувањето на Националниот центар за вештачка интелигенција претставува чекор кој има значење далеку над рамките на еден поединечен проект.

Особена вредност на „Везилка“ е што зад неа стои заедничка визија на Владата, академската заедница и Европската Унија.

Ваквите партнерства создаваат трајни резултати затоа што ги обединуваат знаењето, искуството и ресурсите околу заедничка цел – создавање современа, конкурентна и иновативна Македонија подготвена за предизвиците и можностите на новото време.

Преку овој центар се отвораат нови перспективи за македонските истражувачи и универзитети, за стартап заедницата и за компаниите кои сакаат да развиваат производи и услуги со висока додадена вредност.

Пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни супер компјутерски капацитети ќе овозможи идеи создадени овде да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво.

Тоа претставува силен поттик за економски раст, за отворање нови работни места и за создавање нови можности за генерациите што доаѓаат.

Како универзитетски професор, отсекогаш сум верувал дека најсилниот ресурс на секоја држава се луѓето.

Знаењето што го поседуваат, талентот што го развиваат и идеите што ги создаваат се најсигурната основа врз која може да се гради просперитетна иднина.

Затоа секоја инвестиција во науката и истражувањето е инвестиција која со текот на времето носи најголем поврат за општеството.

Особено значење има и фактот што „Везилка“ ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик.

Во време кога новите технологии сè повеќе стануваат простор во кој се создава и споделува знаење, присуството на сопствениот јазик претставува прашање на културен континуитет, научен развој и национална самодоверба.

На тој начин се создаваат услови македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во современите технолошки процеси и достапен за идните генерации во дигиталната ера.

Упатувам искрени честитки до ФИНКИ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за нивната посветеност, стручност и визија, како и благодарност до Европската Унија за поддршката и довербата што ја укажува кон овој значаен проект.

Благодарност заслужува и Министерството за дигитална трансформација кое препозна можност што може да создаде долгорочна вредност за државата и ја претвори во конкретна иницијатива од национално значење.

„Везилка“ претставува почеток на еден процес кој ќе придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми можности за младите луѓе.

Процес што ќе помогне Македонија да се позиционира онаму каде што знаењето е многу значајно и во исто време да ја поддржува иновативноста и да создава услови иднината да се гради дома, со домашен потенцијал, домашна експертиза и домашна визија.

Ви благодарам.“

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дигитална трансформација на системот за бесплатна правна помош

Со воведувањето на дигитално решение, постапките ќе станат побрзи, поедноставни и потранспарентни. 

Дигитална трансформација на системот за бесплатна правна помош

Министерот за правда Игор Филков и раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов потпишаа договор за поддршка на изработката на нов софтвер за бесплатна правна помош, кој ќе овозможи поефикасно и поквалитетно управување со целиот процес.

Со воведувањето на дигитално решение, постапките ќе станат побрзи, поедноставни и потранспарентни. Софтверот ќе овозможи ефикасно управување со предметите, побрза обработка на барањата и подобра координација помеѓу сите институции и даватели на бесплатна правна помош.

За граѓаните, ова значи полесен пристап до услугите, поголема достапност на информациите и поедноставено остварување на правото на бесплатна правна помош. На овој начин се зајакнува пристапот до правда и се обезбедува подобра заштита на правата на сите граѓани.

Оваа активност, реализирана со поддршка на Советот на Европа, претставува значаен исчекор кон современ, ефикасен и дигитализиран систем на бесплатна правна помош во Република Македонија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Усвоена програмата за „Тиквешки гроздобер 2026“: Жељко Самарџиќ, Де Вито и Џејла Рамовиќ се главни ѕвезди!

Советот на општина Кавадарци, во рамки на својата 11-та седница, денеска официјално ја донесе програмата за претстојната стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер 2026“. 

Усвоена програмата за „Тиквешки гроздобер 2026“: Жељко Самарџиќ, Де Вито и Џејла Рамовиќ се главни ѕвезди!

Овогодинешното издание на фестивалот, кој веќе го носи приматот за најдобар македонски општински фестивал, ќе се одржи од 4 до 6 септември, ветувајќи тридневна „приказна под отворено небо“ исполнета со традиција, вино и богата забавна програма.

Организацијата и реализацијата на културните содржини годинава ѝ се делегирани на компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје.

Главната локација за забавниот дел ќе биде Градскиот плоштад во Кавадарци, каде што се очекуваат масовни настапи на познати регионални и домашни музички имиња:

Петок (4 септември):

Вечерта е резервирана за помладата публика и модерните ритми.

Програмата започнува со македонскиот состав Зи Бомб, по што следува настапот на регионалната трап-ѕвезда Де Вито, а вечерта ќе ја заокружи DJ Галовски.

Сабота (5 септември):

Саботната вечер нуди одлична комбинација на поп и рок музика. Публиката ќе ја забавуваат македонските бендови Дупер и Нокаут, а главна ѕвезда на вечерта е легендарниот Жељко Самарџиќ.

Недела (6 септември):

Големото финале на фестивалот ќе го одбележат настапите на младата и популарна Џејла Рамовиќ и познатиот пејач Пеџа Јовановиќ, по што во 01:00 часот по полноќ ќе следува спектакуларен огномет.

Покрај вечерните концерти, „Тиквешки гроздобер 2026“ нуди разновидни дневни содржини со фокус на негување на лозаро-винарските обичаи:

Како централен настан на традицијата- карневалот, ќе се одржи во сабота (5 септември) .

Во недела е планирано и традиционалното Детско карневалско дефиле придружувано од DJ Bono.

Градскиот плоштад ќе биде уреден со брендирани монтажни елементи и шатори наменети за промоција и дегустација на познатите тиквешки вина, ракија, маџун и традиционална храна.

Исто така, во духот на народното творештво ќе биде уредено и Полициското паркче.

Програмата го вклучува кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“ во спортскиот центар „Јасмин“, мото-рели низ градските улици, изложба на олдтајмери на улицата „Илинденска“ и традиционална таблијада.

Во Паркот на револуцијата во текот на трите дена ќе се емитува староградска музика со подготовка на скара. Фестивaлот има за цел повторно да привлече гости од целата држава и регионот и да го потврди статусот на Кавадарци како винска престолнина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер