Италијанската полиција открила широка паневропска мрежа на фалсификатори, кои се осомничени дека правеле и продавале лажни уметнички дела што им се припишуваат на некои од најголемите имиња во модерната и современата уметност, вклучувајќи ги Бенкси, Пабло Пикасо и Енди Ворхол, соопшти денеска обвинителството во Пиза.
Отворена е истрага за 38 лица во Италија, Шпанија, Франција и Белгија, под сомнение за ракување со украдена стока, како и за фалсификување и нелегална продажба на уметнички дела, соопштија од Одделот за уметност на карабинерите и обвинителството во Пиза во заедничко соопштение, објавио Гардијан.
Главната обвинителка на Пиза, Тереза Анџело Камелио, изјави дека експертите од архивата на Бенкси, кои помагале во истрагата, денешната операција ја оцениле како „најголем чин на заштита на делото на Бенкси“.
Откриената мрежа на фалсификатори фалсификувала и познати сликари од 19 и 20 век, како што се Клод Моне, Винсент Ван Гог, Салвадор Дали, Хенри Мур, Марк Шагал, Френсис Бејкон и други.
Инспекторите рекоа дека заплениле повеќе од 2.100 лажни слики, со потенцијална пазарна вредност од околу 200 милиони евра, и откриле шест работилници за фалсификување, од кои две биле во Тоскана, една во Венеција, а останатите на друго место во Европа.
Тие рекоа дека нивната истрага започнала во 2023 година, кога заплениле околу 200 лажни слики од колекцијата на бизнисмен во Пиза, вклучително и копија од цртеж на италијанскиот сликар Модилјани, што ги навеле како фалсификати кои ги продавале аукциските куќи низ Италија, и истрагата, исто така, довела до група за која се верува дека била специјализирана за фалсификати на Бенкси и Ворхол.
За да го зајакнат својот кредибилитет, неименуваните осомничени организирале две наводни изложби на Бенкси со објавен каталог на престижни локации во Местре во близина на Венеција и Кортона во Тоскана, велат истражителите.