Во Брисел одржан прием по повод Денот на македонската независност - Канал 5

Во Брисел одржан прием по повод Денот на македонската независност

- Ова беше кулминација на вековниот стремеж за самоопределување и достоинствен живот во нашата земја. Во текот на изминатите 34 години, нашата земја помина низ длабока трансформација и целосен процес на демократска транзиција, рече Муцунски. 

Во Брисел одржан прием по повод Денот на македонската независност

На 8 септември 1991 година нашите граѓани на референдум ја потврдија својата посветеност на независноста, отворајќи го патот кон изградба на модерна, суверена и демократска држава, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во видео обраќање на приемот што синоќа се одржа во зградата на Градскиот совет на Брисел по повод Денот на македонската независност – 8 Септември.

- Ова беше кулминација на вековниот стремеж за самоопределување и достоинствен живот во нашата земја. Во текот на изминатите 34 години, нашата земја помина низ длабока трансформација и целосен процес на демократска транзиција, рече Муцунски.

Тој потенцира дека и покрај предизвиците, нашиот народ го зачувува својот идентитет, јазик и традиција, прифаќајќи ги слободата и демократијата, за што, како што рече, искрено сме им благодарни на Европската Унија и на нејзините членки.

- Денес, нашата држава е релевантен актер на меѓународната сцена како членка на Обединетите нации, горд НАТО сојузник, целосно усогласена со заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потписничка на безбедносното партнерство, со што активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност, додаде Муцунски.

Шефот на дипломатијата нагласи дека членството во ЕУ останува политички приоритет број еден на земјата, не само со зборови, туку и со реални реформи и дела.

- Тоа е иднината што нашите граѓани ја избраа пред 34 години – силна, суверена и независна земја, дел од европското семејство. Во духот на сопствената одговорност да продолжиме да ја градиме и зајакнуваме нашата земја, бидејќи независноста не е настан од минатото, туку процес што продолжува секојдневно. Цврсто верувам дека еден ден сонцето ќе свети покрај ѕвездите на Европската Унија, додаде Муцунски во видео обраќањето.

Во свое име и во името на останатите организатори на приемот, в.д. постојан претставник на земјава во НАТО, Исмаил Ебипи, вршителката на работите во Македонската амбасада во Белгија, Сузана Мехмеди и воениот претставник на државата во НАТО и ЕУ, полковник Ивица Ампов, пред присутните гости на приемот се обрати шефот на македонската мисијата во ЕУ, Зулфи Исмаили.

Амбасадорот Исмаили посочи дека од Денот на независноста во 1991 година, земјата мина пат на трансформација, од предизвикувачките почетоци кога и беше потребна поддршка од меѓународна заедница, до приклучување кон повеќето меѓународни организации и станување сигурен и вреден член на меѓународната заедница.

- Уште од самиот почеток нашиот Парламент едногласно одлучи дека двете главни стратешки цели ќе бидат членството во НАТО и ЕУ, порача Исмаили во обраќањето пред претставниците на Алијансата, меѓу кои и заменик генералната секретарка на Пактот, Радмила Шекеринска, на институциите на Унијата и на белгиските власти, присутните членови на дипломатскиот кор во Брисел и припадници на македонската дијаспора во Белгија.

Исмаили потенцира дека и покрај многуте предизвици со кои се соочивме во текот на годините на нашиот европски пар, никогаш не се откажавме од членството во ЕУ, за што доказ е и постојаната и силна поддршка од нашите граѓани на пристапувањето на земјата кон Унијата,

- Оваа посветеност ја потврди и неодамнешниот Евробарометар, покажувајќи дека околу 70 отсто од нашите граѓани имаат позитивен став и силна доверба во нашите аспирации за членство во ЕУ. Постепената интеграција или како што сакаме да ја наречеме забрзана интеграција, како што се Планот за раст, делумната интеграција во единствениот пазар и потпишувањето на нашето партнерство во безбедност и одбрана како прва земја во регионот, се значајни чекори што носат придобивки уште пред нашето членство, додаде Исамили.

Тој потсети дека годинава ја одбележуваме и петтата годишнина од нашето членство во НАТО, каде покажуваме дека земјата е вреден член на семејството на Алијансата, обезбедувајќи стабилност, особено во нашиот регион во услови кога се соочуваме со предизвици кои се поголеми од кога било досега.

На приемот настапи и македонската пејачка Елена Петреска, која изведе неколку народни и популарни песни, а присутните можеа да уживаат и во традиционалната храна подготвена од членовите во двете наши мисии и Амбасадата во Брисел и членови на нивните семејства.

Гостите на приемот може да уживаат во пити, домашна погача, ѓомлезе, ајвар, тавче гравче, сарма, повеќе видови сирења и голем број други македонски традиционални специјалитети, како и сето тоа да го залијат со македонски вина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

О. Карпош: Младите Марин и Ена Ивановски со значајни скијачки успеси

Младите скијачи од Карпош, Марин и Ена Ивановски, зад себе имаат успешна сезона исполнета со значајни резултати на домашни и меѓународни натпревари. 

О. Карпош: Младите Марин и Ена Ивановски со значајни скијачки успеси

Марин Ивановски, ученик во осмо одделение во ООУ „Димо Хаџи Димов“, во сезоната 2025/2026 година е прогласен за државен првак во дисциплините слалом и велеслалом, како и за првопласиран во генералниот пласман на Алпскиот куп при Скијачката федерација на Македонија (СФМ) во категоријата до 14 години.

На меѓународните натпревари, Марин го освои второто место на ФИС-трка за деца до 14 години во дисциплината велеслалом, додека во слалом, на натпреварот во Арџена, Косово, се пласираше на третото место. Успешна сезона има и Ена Ивановска, поранешна ученичка во ООУ „Димо Хаџи Димов“, која е првопласирана во генералниот пласман на Алпскиот куп при СФМ во дисциплините слалом и велеслалом. Марин и Ена се долгогодишни членови на Ски-клубот „Меденица“ – Скопје, кој е прогласен за најдобар клуб во алпско скијање во земјава.

Општина Карпош им упатува честитки на Марин и Ена Ивановски за постигнатите резултати и им посакува нови успеси во идните натпреварувања.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Герасимовски: Финишираме со „Ленинова“, се реконструираат последните 250 метри од сообраќајницата

Општина Центар ja реконструира  последната фаза од улицата „Ленинова“, на потегот од крстосницата со улицата „Илинденска“ до објектот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Герасимовски: Финишираме со „Ленинова“, се реконструираат последните 250 метри од сообраќајницата

Во тек се градежни активности на последната делница во должина од 250 метри. Со реконструкцијата се предвидува уредување на коловозот и на пешачките површини, поставување нови рабници, подигнување и нивелирање на сливниците и уличните шахти, како и реконструкција на мрежата за јавно осветлување. Предвидено е и поставување ново урбано зеленило.

Со оваа фаза се комплетира целосната реконструкција на „Ленинова“, со вкупна должина од над 600 метри, со што улицата добива уреден, функционален и современ изглед, приспособен на потребите на жителите, пешаците, велосипедистите и возачите.

„Ленинова е важна сообраќајна артерија што го поврзува централното градско подрачје. Во програмата ветив обнова на патната инфраструктура во Центар и тоа ветување се остварува. Со оваа реконструција создаваме поквалитетен, пофункционален и побезбеден јавен простор за сите граѓани“, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Првиот дел од улицата „Ленинова“ беше саниран во 2023 година, на потегот од бул. „Партизански одреди“ до бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“, a со тековниот зафат целосно се комплетира проектот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Братот, Спенсер открива што му рекол Принцот Чарлс по смртта на Дијана: „Му ја спуштив слушалката“

Британската принцеза Дијана почива на семејниот имот Алторп во Нортхемптоншир, на остров среде езеро. Нејзиниот гроб, скриен меѓу високи дрвја, е место на тага, но и на мир за нејзиниот брат Чарлс Спенсер.

Братот, Спенсер открива што му рекол Принцот Чарлс по смртта на Дијана: „Му ја спуштив слушалката“

„Кога сум на островот, се разбира, чувствувам тага, но и мир. Гробот на Дијана е многу мирно и убаво место. Тоа е место каде што можам да размислувам за загубата, но и да уживам во природната убавина што ме опкружува. Таа е дома“, изјави Чарлс Спенсер во интервју за списанието „Пипл“ (People).

Спенсер, кој беше многу близок со својата сестра, ги објави мемоарите насловени „Лебедова песна: Дијана, мојата сестра“ (Swan Song: Diana, My Sister), во кои се осврнува на нејзиното детство, животот во кралското семејство и настаните по нејзината смрт во 1997 година.

Еден од најконтроверзните делови од книгата се однесува на разговорот што Спенсер го водел со тогашниот принц Чарлс, кратко по смртта на Дијана.

Во тоа време, Спенсер живеел во Јужна Африка со четири мали деца и се обидувал да организира враќање во Британија. Тогаш му се јавил Чарлс.

„Веќе неколку часа знаев дека Дијана починала. А потоа тој се јави и – за жал, морам да кажам – звучеше едноставно воодушевено.

Беше неверојатно чудно“, рече Спенсер.

Тој додаде дека може само да претпоставува што се крие зад таквата реакција.

„Можеби чувствуваше дека сега конечно ќе може да се ожени со жената што ја сакаше, Камила Паркер Боулс, но тоа е само моја претпоставка“.

Бакингемската палата објави ретко соопштение во врска со наводите во книгата, наведувајќи дека болката од загубата на член на семејството може да влијае врз расудувањето и сеќавањата дури и со години подоцна.

Спенсер се присети и на разговорот со Чарлс околу организацијата на погребот на Дијана.

Особено го погодила одлуката принцовите Вилијам и Хари да чекорат зад ковчегот на нивната мајка.

„Кога ми кажаа дека Вилијам и Хари ќе чекорат зад ковчегот на мајка им, веднаш реков: 'Не, нема'. Тоа е ужасна идеја. Едноставно нема никаква смисла.“

Спенсер сметал дека Дијана не би го сакала тоа и се сеќава дека неговата сестра го одредила за старател на нејзините синови, иако тоа старателство немало правна важност.

Набрзо потоа, самиот Чарлс му се јавил по телефон. „Тој рече: 'Слушам дека имаш проблем со погребот'. Ме праша дали сакам Вилијам и Хари да чекорат зад ковчегот.

Одговорив: 'Се разбира дека не. Дијана не би го сакала тоа'“, се присети Спенсер.

Чарлс тогаш потсети дека и тој чекорел зад ковчегот на својот вујко, лорд Маунтбатен. „Му реков: 'Да, но ти имаше 30 години, а тој не ти беше мајка'.“ Според Спенсер, Чарлс тогаш бурно реагирал.

„Тогаш тој рече: 'Наскоро ќе заборавиме на неа'. Тоа навистина ме шокираше и згрози.

Му реков: 'Не можам да верувам дека го кажа тоа' и ја прекинав врската“, открива Спенсер.

Кога сега го прашуваат каков е неговиот однос со кралот Чарлс, Спенсер одговара: „Го гледам како поранешен зет на моето семејство. Сега навистина немам никаков контакт со него. Го гледам на семејни свадби и слични настани, но тој едноставно не е дел од мојот живот, ниту пак јас сум дел од неговиот. На крајот на краиштата, семејството си е семејство и во секое семејство постојат различни тензии, радости и проблеми“, истакнува тој.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер