Во април повисоки трошоците за зеленчук и овошје, пониски за горивата, облеката...

Трошоците на животот во април годинава, во однос на претходниот месец бележат раст од 0,1 отсто, а во однос на април лани намалување од 0,1 отсто. 

Кај цените на мало забележано е намалување од 0,5 отсто во однос на март годинава, а во однос на април лани пад од 1,3 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците на животот во април 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 9,1 отсто, свежото и разладеното овошје за 9 отсто, рибата и морските плодови за 1,2 отсто, сувото овошје и јаткастите производи за 0,9 отсто, јајцата, прехранбените производи неспоменати на друго место, виното за 0,8 отсто, пивото за 0,6 отсто, сирењето и урдата, маслото и маснотиите за 0,5 отсто, лебот и житата за 0,4 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, жестоките пијалаци за 0,3 отсто и јогуртот за 0,2 отсто.

Во април 2020 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај телефонската и телефакс-опремата за 2,6 отсто, обувките за 1,8 отсто, резервните делови и приборот за сопствени превозни средства за 1,1отсто, малите електрични апарати за домаќинствата, другите медицински производи за 0,4 отсто и снабдувањето со вода за 0,3 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во април 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај газираните пијалаци за 0,3 отсто и помалку масното млеко за 0,2 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 20,3 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17 отсто, гасот за домаќинствата за 7 отсто, информатичката опрема за обработка на податоци за 3,3 отсто, моторните возила за 1,4 отсто, игрите, играчките и хобијата за 1,2 отсто, облеката, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,5 отсто, фармацевтските производи, електричните апарати за лична хигиена за 0,4 отсто.

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

притисни ентер