Во Албанија отворена лабораторија за кибер безбедност - Канал 5

Во Албанија отворена лабораторија за кибер безбедност

Националната управа за кибер безбедност на Албанија отвори лабораторија за кибер безбедност - напредна платформа за обработка и симулирање на дигитални закани.

Во Албанија отворена лабораторија за кибер безбедност

Според објавата на социјалните мрежи, таа лабораторија е создадена за да ги зајакне експертите за кибер безбедност, обезбедувајќи интензивна обука за заштита на критичните инфраструктури и справување со глобалните технолошки предизвици.

Шефот на Националната управа за кибер безбедност, Игли Тафа, рече дека главната цел на оваа лабораторија, во рамките на процесот на дигитализација на Албанија, е да привлече нови таленти.

„Албанија конечно има лабораторија за кибер безбедност. Ова е модерна лабораторија, слична на лабораториите во развиените земји ширум светот, како што се оние во САД, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Сингапур итн. Оваа лабораторија ќе служи како алатка за обука на експерти, јавни и приватни оператори од областа на кибер безбедноста“, рече Тафа.

Според него, таа лабораторија ќе биде отворена и за универзитети, стручни училишта, па дури и за средни училишта.

„Главната цел е да се привлечат таленти. Оваа лабораторија е вистинското место каде што ќе се спроведува практична обука со користење на информатички и оперативни технологии, низ овој широк опсег", посочи Тафа./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

МЗ ја проширува достапноста на современата терапија за лицата со дијабетес.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

Министерството за здравство континуирано работи на унапредување на грижата за лицата со дијабетес, преку обезбедување современа терапија, медицински помагала и подобри услови за следење и контролирање на болеста.

Со последната јавна набавка, сензори за следење гликемија се обезбедени за 800 лица со дијабетес тип 1, согласно Програмата за дијабетес и заклучоците на националната комисија за дијабетес. Јавната набавка, склучена во април, годинава, важи до април 2028 година. Со последната јавна набавка е обезбедена современа инсулинска и антидијабетична терапија со зголемени количини.

Во тек на мај и јуни, годинава, е извршена и замена на сите трансмитери согласно протоколот, а на пациентите вклучени во Програмата им се распределени количини на сензори за шестмесечен период, односно до декември 2026 година. Пациентите ги подигнуваат сензорите во инсулинските аптеки, согласно утврдениот режим.

Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремени жени со дијабетес тип 1, слепи лица со дијабетес тип 1, како и лица со дијабетес тип 1 кои имаат најтешки компликации и коморбидитети.

На овој начин, согласно расположливите буџетски средства, приоритетно се опфатени најранливите категории пациенти за да се обезбеди континуирано следење на нивото на гликемија и подобро управување со болеста.

Потсетуваме дека сензорите за континуирано следење на гликемијата првпат беа обезбедени во 2023 година за 650 пациенти, додека со јавната набавка во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800.

Министерството за здравство останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи со напорите за подобрување на грижата за лицата со дијабетес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

Денеска во Собранието, Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска одржа средба со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња и делегацијата.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

На средбата покрај претседателката на Групата, Даниела Николова, присуствуваа и членовите: Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска.

Претседателката на Групата, Николова, им посака добредојде на потпретседателот Холовња и на членовите на полската делегација, изразувајќи задоволство од можноста за средба и размена на мислења. Таа ги истакна добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Полска, нагласувајќи ја потребата од нивно натамошно продлабочување и унапредување.

Потпретседателот на полскиот Сејм, Холовња, се заблагодари за топлото добредојде потврдувајќи ја полската поддршката на патот кон ЕУ. Тој истакна дека земјата има значајно искуство во надминувањето на предизвиците и изнаоѓањето решенија за сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се надминат и отворените прашања со Република Бугарија.

Соговорниците ја истакнаа досегашната соработка помеѓу двете земји во областа на економијата, туризмот и образованието, исто така, беше нагласена и потребата од нејзино проширување и продлабочување во повеќе сектори и тоа не само на ниво на билатерална соработка туку и на ниво на работни тела/комисии бидејќи тие се сржта на парламентаризмот.

Томаш Глоговски, претседателот на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан во полскиот Парламент, ја потврди поддршката за европските интеграции на Република Македонија. Тој истакна дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата во моментот на евроинтегративниот пат, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се најде заемно прифатливо решение.

На крајот на средбата, соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката преку интензивирање на меѓусебните контакти и размена на искуства, со цел зајакнување на билатералните односи и продлабочување на пријателските врски меѓу двете земји.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Креативниот центар „Сончогледи“ продолжува со реализација на циклусот креативни работилници „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“, поддржан од Град Скопје. 

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Второто издание од циклусот ќе биде посветено на Салвадор Дали, еден од највпечатливите претставници на надреализмот, чие творештво ја истражува границата меѓу реалноста, соништата и фантазијата.

Работилницата наменета за деца и млади над 6 години ќе се одржи во четврток, 29 октомври, со почеток во 18 часот, во просториите на креативниот центар „Сончогледи“, во Т.Ц. Олимпико, Тафталиџе.

Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, децата и младите ќе се запознаат со животот и творештвото на Дали, неговиот необичен уметнички израз и светот на надреалистичката имагинација. Дел од неговата лична приказна ќе биде претставен преку глума и пантомима, со што литературата, ликовната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во едно интерактивно креативно искуство.

Практичниот дел од работилницата ќе биде посветен на сликањето со акрилни бои. Инспирирани од надреалистичките визии на Дали, учесниците ќе создаваат сопствени дела, експериментирајќи со формите, боите и неочекуваните комбинации. На тој начин, преку непосредно искуство и слободно творештво, ќе имаат можност да ја развиваат својата визуелна перцепција, креативно размислување и личен уметнички израз.

Циклусот „Приказни што оживуваат“ има за цел да им овозможи на децата и младите да ја доживеат уметноста како простор за истражување, прашања, имагинација и сопствено творештво, поврзувајќи ги литературата, ликовната уметност и пантомимата на пристапен и инспиративен начин.

Работилницата ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.

Учеството на работилницата е бесплатно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер