Власта најави план за решавање на проблемот со аерозагадувањето, ефектите за 3 до 4 години

Власта најави план за решавање на проблемот со аерозагадувањето, ефектите за три до четири години, Скопје продолжува да е меѓу најзагадените градови во Европа.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата има план за решавање на аерозагадувањето, но ефектите ќе се почувствуваат за три до четири години. Во Министерството за животна средина, пак, била формирана интерна работна група за чист воздух од „претставници на сите релеватни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата, акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности, чија цел е да забрза процесот на постигнување видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот“. Од опозициската СДСМ со контраобвинување дека кога бил во опозиција, Мицкоски ветувал над една милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и намалување на загадувањето до 50 отсто.

-Владата веќе работи да се изградат когеративни централи за затоплување на неколку локации, со цел да се намали аерозагадувањето во Скопје, но и во другите градови во земјава, изјави вчера премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање во врска со обвинувањата од опозицијата дека Владата ништо не презема за справување со аерозагадувањето.

Мицкоски истакна дека оваа порака шокира од страна на опозицијата, бидејќи како што рече „седум години буквално камен на камен не ставија, ако се зафатеја да работат нешто можеби до ова и немаше да дојде, односно можеби ќе беше поинаку“.

Забележа дека на намалувањето на аерозагадувањето работат интензивно, а најголемиот фактор за загадувањето е токму затоплувањето на домовите со дрва, масло, стари плакари и друго, а токму ова е 60 отсто од причините за загадувањето на воздухот. Посочи дека како Влада се во потрага по партнери за изградбата на корегативни централи.

-Ние сме сега во потрага по партнери, коишто на основа на пазарни услови, а не на привилегирани, како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем за затоплување на нашите домови, а кој што ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно корегативни централи, кои ќе произведуваат и електрична енергија и гас. Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека барем за 60 проценти ќе биде намалено загадувањето и почнуваме тоа да го развиваме, изјави Мицкоски.

Посочи дека со овие инвестиции ефектите ќе се почувствуваат за три до четири години.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вчера информираа дека ги интензивираат активностите за чист воздух во државава. Потенцираа дека активностите се во тек и континуирано се следи состојбата со квалитетот на воздухот.

-Со почетокот на грејната сезона и промента на временските услови се создаваат услови за зголемување на загадувачките честички на воздухот, што влијаат врз здравјето на луѓето. Министерството работи во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, но, оваа година проектираше низа дополнителни конкретни активности и ги насочи сите расположиви ресурси во навремено преземање конкретни мерки, со што ќе се постигне поголем ефект во намалување на аерозагаденоста, се наведува во соопштението.

Во Министерството била формирана интерна работна група за чист воздух од „претставници на сите релеватни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата, акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности, чија цел е да забрза процесот на постигнување видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот“.

Направен бил и план за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола.

Апелираат до граѓаните и институциите, компаниите и до сите општествени чинители за совесно однесување во однос на начините на затоплување, чистење на оџаците, фрлање на отпадот, палење на депониите, користењето на возила, градежните работи на отворено, палењето на стрништа и слично, со цел сите да дадат придонес кон обезбедување почиста и поздрава животна средина и подобрување на квалитетот на животот.

-Скопје неколку дена по ред е меѓу најзагадените градови во светот. И во други наши градови граѓаните дишат загаден воздух. Последиците се на директна штета на најважното, здравјето на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ кога ја бараше довербата од граѓаните ветуваше активна борба со аерозагадувањето. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа 1198, стои, дека, цитирам, приоритетни програмски определби на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во областа на заштитата на животната средина ќе бидат: План за обезбедување на чист воздух за сите!, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Скопје веќе неколку дена е меѓу најзагадените градови во Европа според светските платформи, кои покажуваат дека ПМ честичките се три пати повеќе од дозволеното.

Граѓаните на социјалните мрежи се жалат на загадениот воздух во неколку градови низ државата. Според здравствени работници со кои МИА разговараше, заштитните маски не можат многу да помогнат кога е во прашање загадениот воздух.

Доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на приватни лекари, во изјава за МИА подвлече дека секоја година е исто, а луѓето мора да одат на работа, да се движат. Според неа, воздухот е загаден и поради зголемениот број возила и густо населените места. Индустриските објекти, забележа таа, треба да бидат подалеку од населените места.

- Системски е проблемот. Значи, државата мора прво да ги растерети големите градови. Мора да има децентрализација на главни институции, амбасади, не може сѐ да е во Скопје. Сите бараат добри плати, се селат во Скопје, но, едноставно, Скопје се гуши, појасни Чолакова Дервишова.

Незадоволните граѓани покрај загадениот воздух, се жалат и на непочитување на мерките во некои ресторани и кафеани, каде е дозволено да се пуши во затворено, па велат дека нивното здравје дополнително се влошува.

Хорор во Германија: Доктор се сомничи за смрт на десетици пациенти, имал желба да убива

Доктор од палијативната клиника во Берлин, Јоханес М. (40) од август е во притвор поради сомнение дека убил неколку пациенти.

Обвинителството во моментов го товари за осум убиства, а како мотив ја наведува чистата желба за убиство, објави Билд.

Поради овој случај, формирана е посебна група за испитување на здравствените картони на пациентите. Во меѓувреме, групата идентификувала најмалку 40 лица за кои се сомнева дека биле убиени од Јоханис.

„Останува уште да ја разгледаме евиденцијата на пациентите, процесот не е завршен. Не можеме да ја исклучиме можноста да има уште случаи за кои ќе претпоставуваме дека е сторено кривично дело“, изјави портпаролот на обвинителството, Себастијан Бихер.

Овој случај ги потсети сите на серискиот убиец Нилс Хогел, кој ги убиваше пациентите со инјектирање дрога. Тој е осуден на доживотен затвор за убиство на 85 пациенти.

Јоханис до неодамна работел како лекар во центарот за палијативна нега во Берлин, но по потекло е од Франкфурт.

Се сомнева дека лекарот им давал смртоносен коктел од лекови на палијативни пациенти. Се сомнева дека потоа ги запалувал становите на жртвите за да го прикрие делото.

Во 2012 година, тој напиша труд на тема „Престапи за убиства во Франкфурт од 1945 до 2008 година“. Во овој труд, 117 страници биле со дискусии за убиство и убиство од небрежност.

Двете жртви, за кои се сомнева дека ги убил Јоханис, биле ексхумирани, а целиот процес бил многу емотивен за роднините.

Потрошил 500.000 евра за онлајн симпатија, останал без пари– само сакал да му шепне еден збор

Човек од Кина, чие презиме е Хонг, се најде во центарот на вниманието на локалните медиуми, бидејќи потрошил четири милиони јуани (над 500.000 евра) за симпатија на интернет.

Тој следел неименувана стримерка на мрежите, на која ѝ праќал пари, поточно семејните заштеди, за да заврши во сериозна неволја.

Кога семејството од провинцијата Жеџијанг сфатило што се случува, на младиот човек му бил прекинат пристапот до пари. Сепак, тој не застанал, бидејќи со текот на времето развил опсесија за девојката, која никогаш не ја запознал лично, пренесува South China Morning Post.

Во тоа време, тој работел во продавница за железарија каде што почнал да краде бакар и да го препродава на локалните ѓубришта. На крајот било откриено дека од магацинот недостасуваат големи количини материјал, па била алармирана полицијата.

По истрагата, Хонг завршил во притвор. Најпрво признал две кражби, но притиснат од докази - снимени финансиски трансакции, необјаснети приходи, трошоци на платформа за стриминг, морал сѐ да објасни.

Полицијата го сомничи за 40 кражби (од мај до октомври), а сите пари што ги обезбедил ги потрошил на неименуваната стримерка. На прашањето зошто го направил тоа, тој кратко одговорил:

„Не сакав да ја запознаам. Само сакав да ја слушнам како ме вика „брат““.

Властите слушнале дека со текот на времето дошол на работ на гладување и дека бил принуден да јаде обични лепчиња за да се прехрани.

На германскиот брег за три дена биле исфрлени 150 килограми кокаин: Им пропаднала продажбата

Одвреме-навреме брановите исфрлаат пакети со дрога на германските плажи, а овој пат се работи за 150 килограми кокаин.

Се претпоставува дека пропаднало планираното предавање на шверцерите на море, пишува ДВ.

Онаму каде што Северното Море вообичаено исфрла отпад од дрво и пластичен отпад, деновиве може да се најде нешто друго. Имено, на плажите на германските острови Фер, Зилт и Амрум бранови во последните три дена исфрлиле неколку пакувања со кокаин. Досега се откриени вкупно 150 килограми дрога, која се прави од листови кока од Јужна Америка.

Надлежната Царинска управа во Хамбург соопшти дека тоа што толку големо количество нелегална стока се појавило на брегот на германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, можеби е поврзано со морските струи. Потрагата продолжува, особено на Зилт. Германските служби контактирале и со своите колеги во Данска, северниот сосед на Германија. Но, во моментов на тамошните плажи не е пронајдена дрога.

Царината на Хамбург соопшти дека во тек се истраги за потеклото на пакетот и транспортните средства, како и за потенцијалните шверцери. Можеби имало неуспешно предавање на море, изјави портпаролот на Царинската управа. Но, додаде тој, исто така е можно кокаинот да бил прикачен на надворешната страна на чамецот од страна на дилерите и случајно да се изгубил во силните струи и бранови.

Инспекторите најавија натамошна потрага по плажите во наредните денови. Дополнително, тие бараат од посетителите на плажите да се држат настрана од пакетите што може да ги исфрлат на брегот од морето или сомнителните предмети и веднаш да ја известат царината или полицијата.

Одвреме-навреме се случува шверцерите да губат дрога на море. На источнофризискиот брег на Северното Море во последниве години веќе се исфрлени вреќи со дрога. Минатиот април, турист откри нешто спектакуларно на островот Боркум во Германија: неколку сомнителни торби закачени на појас за спасување биле исфрлени на плажата од брановите. Државното обвинителство подоцна потврдило дека во нив имало речиси еден тон кокаин.

Окружниот суд во Олденбург на крајот на ноември осуди двајца мажи на затворски казни. Тие биле уапсени додека трагале по изгубениот кокаин во близина на источнофризискиот остров Спикеруг.

Според сознанијата на судот, непознати лица го фрлиле тој товар од бродот во морето, но очигледно не во договореното време, поради што пропаднало преземањето на дрогата на отворено море. Пресудата се уште не е правосилна. Не се знае каде завршил кокаинот.

Неодамна пакувања со кокаин биле откриени и на брегот на Балтичкото Море, на плажата во германскиот град Хајлигенхафен. Царинската управа до средината на ноември немала конкретни податоци за потеклото на кокаинот.

Шверцот на кокаин во Европа значително се зголеми во последните години. Надлежните служби во пристаништата често пресретнуваат пратки со дрога со тежина од неколку тони. Во септември, истражителите во Хамбург пронашле околу 2,1 тони дрога во контејнер за ладење со банани од Јужна Америка. Во ноември, речиси 600 килограми кокаин во кутии со банани биле откриени во складиште за овошје во Саксонија.

притисни ентер