Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за обврските од реформската агенда - Канал 5

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за обврските од реформската агенда

Ќе успее ли Македонија да ги испорача обврските од реформската агенда до крајот на јуни?

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за обврските од реформската агенда

На два месеца до истекот на рокот, власта и опозицијата со различни очекувања и меѓусебни обвинувања. Според СДСМ, премиерот Мицкоски подготвува терен за неуспех со префрлање на вината кон нив, а алиби велат дека ќе му биде Изборниот законик за кој нема консензус. За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ се служи со манипулации и лаги, кои постојано биле демантирани од европските институции.

„ Мицкоски пред граѓаните помпезно ветуваше дека „наскоро од Брисел ќе стигне вест дека сме рамо до рамо со Црна Гора“. Уште пред да дојде јуни, од вчера веќе подготвува алиби зошто тоа нема да се случи. Затоа што нема да ги исполни обврските. Нема да ги внесе малцинствата во Уставот, нема да ги затвори осумте клучни реформски точки и нема да ги реши проблемите што самиот ги продлабочи. “-Наташа Поповиќ – член на Извршен одбор на СДСМ.

„ СДС се претставуваат како проевропска опција, а се што ќе кажат постојано е демантирано од европски институции или од европратеници. Проевропска опција е етикета која СДС и Венко Филипче сами си ја налепуваат само за да даваат лажни оправдувања за сите национални предавства кои ги направија додека беа на власт. Да не ја заборавиме и паниката, хаосот и хистеријата која ја ширеа за средствата од ИПАРД програмата, беше исто така демантирана во известување од страна на Европската Комисија. “-Валентин Манасиевски – член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценува дека времето е кратко за да се стигне до договор за големи прашања како Изборниот законик. Смета дека воопшто нема ниту политичка волја од парламентарните партии.

„ Мислам дека е многу мала веројатноста Изборниот законик да биде завршен и усогласен во рокот на реформската агенда. Не само поради политичката тензија и антагонизам, па и најавите на СДСМ дека ќе ја напушти работата бна работната група за ИЗ, туку затоа што и технички работи досега не се решени, мала е веројатноста дека ќе се решат. Една изборна единица, изборен праг, дал ќе бидат отворени или затворени листи, така што и технички би било тешко да се постигне согласност дури и кога би имало политичка волја, а чувствувам недостаток на политичка волја, односно антагонизам. “Петар Арсовски – политички аналитичар.

Премиерот Мицкоски вчера изјави дека земјава не уназадува туку бележи напредок во исполнување на обврските, а оценката на владата е дека од 10 задачи нема да бидат исполнети само две- една од нив е токму Изборниот законик за кој СДСМ одлучи да го бојкотира преку работната група во Министерството за правда во знак на револт од укинувањето на техничката влада. Мицкоски рече дека консензусот е услов за изгласување на Изборниот законик и затоа без СДСМ не може да биде донесен. Дали воопшто работната група ќе продолжи со состаноци, најверојатно ќе биде познато на 11 мај за кога министерот Филков закажа нова седница.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мечки влегуваат во дворови во Русија: 16 лица загинаа за еден месец

Според анализата на „CNN“ на извештаите од руските медиуми, само во септември најмалку 16 лица загинале во напади од мечки низ Русија.

Мечки влегуваат во дворови во Русија: 16 лица загинаа за еден месец

Најтешко погоден е огромниот регион Краснојарск во централен Сибир, каде што оваа година седум лица ги загубиле животите во напади од мечки.

Руското Министерство за природни ресурси и животна средина наведува дека во земјата годишно вообичаено се регистрираат меѓу 20 и 30 напади од мечки врз луѓе. Оваа година, мечките навлегле во населени места во повеќе од 40 руски региони.

Жена нападната веднаш откако излегла од својот дом

Минатата недела во регионот Краснојарск, мечка убила 51-годишна жена откако таа излегла од својата куќа. Два дена претходно, еден чувар загинал во напад на паркинг за камиони во шумска област.

Претходно во септември, биле пронајдени и телата на две постари жени кои одделно отишле да берат печурки, нивните повреди укажувале на напад од мечка.

Смртоносни напади се случиле и на други места во Сибир. Во Тува, таткото на рускиот НХЛ-играч Андреј Кузменко загинал во напад од мечка додека рибарел кон крајот на септември. Во август, во регионот Алтај, мечка искинала шатор, одвлечкала 29-годишна жена во шумата и ја убила.

Зошто се приближуваат до луѓето?

Експертите со кои разговараше „CNN“ наведуваат неколку можни причини за порастот на опасните средби во одредени делови на Сибир.

Зоолозите како клучен фактор го посочуваат исклучително слабиот род на борови јатки и шумски плодови, што им го отежнува наоѓањето храна на мечките пред зимскиот сон. Големите шумски пожари исто така уништиле делови од нивното природно живеалиште.

Во есенскиот период, мечките интензивно бараат храна за да натрупаат доволно масни резерви за зимскиот сон. Доколку нема доволно храна во дивината, тие сè почесто се приближуваат до населби, депонии за отпад и други локации каде што храната е лесно достапна. Експертите исто така предупредуваат дека ширењето на индустриските активности во претходно оддалечени природни предели ја зголемува веројатноста за средби меѓу луѓето и мечките.

Полициски часови и затворање на паркови

Во текот на изминатите два месеца, властите во најмалку десет региони низ Сибир и рускиот Далечен Исток ги предупредија жителите за зголемена активност на мечките.

Во делови од регионите Алтај и Бајкал се воведени ноќни ограничувања на движењето, додека властите во Краснојарск го затворија Националниот парк „Краснојарски столбови“ и популарната планинарска патека на гребенот Торгашински.

Регионалните власти исто така формираа мобилни ловни тимови и нудат парични награди за убивање мечки. Во регионот Краснојарск се нуди награда од над 35.000 рубљи – приближно 420 долари – за нивно отстрелување.

По смртта на еден турист во регионот Алтај, убиени се повеќе од 50 мечки, а издадени се дозволи за отстрел на уште 157. Властите во регионот Краснојарск најавија отстранување на повеќе од 180 животни кои се сметаат за потенцијално проблематични.

Експерти: Масовниот отстрел нема да го реши проблемот

Зоологот Сергеј Колчин смета дека, иако отстрелот на агресивна мечка што навлегува во населено место понекогаш е неопходна итна мерка, сепак предупредува дека масовното убивање животни нема да го намали бројот на инциденти на долг рок.

Според него, суштинскиот проблем е лесно достапниот отпад што ги привлекува мечките кон населбите. Ако се убие една мечка во близина на депонија, друга може едноставно да го заземе нејзиното место.

Како долгорочни решенија, експертите ги наведуваат подоброто обезбедување на отпадот, едукацијата на жителите за тоа како да се однесуваат во живеалиштата на мечките, како и употребата на електрични огради и други средства за одвраќање.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре сончево и релативно топло

Утрото ќе биде ведро и студено, а преку денот сончево и релативно топло. 

Утре сончево и релативно топло

Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 8, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.

Во Скопје, сончево и релативно топло со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 26 степени.

Во следните денови времето ќе биде релативно топло. До среда утрата ќе бидат ведри и студени, а во текот на денот ќе преовладува сончево време. Од четврток ќе има зголемување на облачноста и услови за локален дожд, a утринските температури ќе бидат во пораст.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Не е само „Volkswagen“: И моделите на овој бренд исто така може да имаат сериозен технички проблем

Германската управа за моторни возила (KBA) во петокот предупреди дека, покрај милиони возила на „Volkswagen“ и „Audi“ ширум светот, и околу 1,7 милиони возила на Шкода може да имаат потенцијално опасен дефект.

Не е само „Volkswagen“: И моделите на овој бренд исто така може да имаат сериозен технички проблем

Предупредувањето се однесува на потенцијално слаб шраф во механизмот за управување, кој е подложен на корозија. Во најлош случај, шрафот би можел да пукне, соопшти „KBA“.

Минатата недела, агенцијата објави дека сопствениците на 2,16 милиони возила на „Volkswagen“ – конкретно моделите „Tiguan“, „Touran“, „Golf Variant“, „Caddy“ и „Golf“ произведени помеѓу 24 септември 2013 и 1 јули 2024 година – треба да контактираат со сервисен центар за да се изврши проверка и евентуална замена на проблематичниот дел, пренесува „DPA“.

Истото важи и за моделот „Audi Q3“ произведен помеѓу 31 октомври 2017 и 23 мај 2024 година.

Истиот ден, групацијата „Volkswagen“ упати повик до сопствениците на овие возила да ги донесат на технички преглед.

Се чини дека и возилата на Шкода – кои исто така се дел од групацијата „Volkswagen“ – се погодени од истиот проблем со дефектниот шраф.

Истото важи и за засега неутврден број возила од шпанскиот бренд „SEAT“.

Меѓу моделите на Шкода, под лупа се „Kodiaq“, „Karoq“, „Octavia“ и „Superb“, соопшти „KBA“, без да прецизира датуми на производство.

Ова опфаќа околу 1,7 милиони возила ширум светот, вклучително и околу 370.000 во Германија.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер