Владата на Србија ги поништи сите документи за рудникот на литиум

Владата на Србија ја укина уредбата за просторниот план на просторот за експлоатација и преработка на литиумска руда, како и сите дозволи и уредби поврзани со компанијата „Рио Тинто“, изјави премиерката Ана Брнабиќ.

„Поништени се сите управни акти поврзани со „Рио Тинто“, односно „Рио Сава“, сите дозволи, решенија и се` останато. Никогаш не сме имале договори, како што кажавме многу пати“, изјави Брнабиќ по вонредната седница на Владата.

„Готово е, се` е готово со Рио Тинто“, рече таа.

Движењето „Еколошко востание“, кое обединува организации, здруженија и групи граѓани, со месеци протестира со блокади на патиштата, инсистирајќи да се прекине проектот за истражување и ископ на литиум во Србија и да се укинат сите дозволи и да се раскинат сите договори.

Владата добила ултиматум сите овие документи да бидат јавно објавени.

Брнабиќ рече дека денеска е „ставен крај“ на случајот „Рио Тинто“ и ја обвини опозицијата, еколошките активисти и странските организации кои ги финансираат дека сакаат да и` нанесат штета на Србија, на нејзиниот претседател Александар Вучиќ и на владејачката Српска напредна партија.

Црвенковски: Договорот со Бугарија со формулацијата за „заедничка историја“ беше голема грешка

Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски. 

Бугарското вето за Македонија најверојатно ќе се повтори и на претстојниот јунски самит, Договорот за добрососедство беше грешка со која се отвори Пандорината кутија и сега односите меѓу двете земји се полоши од претходно- оценува поранешниот Претседател на државата Бранко Црвенковски. На дебата посветена на предизвиците од надворешната политика, тој кажа дека не верува во решение за евроинтеграциите набрзо, особено поради преземените обврски со потпишаниот договор во 2017та- формираната историска комисија и пратфатената теза дека Македонија има заедничка историја со Бугарија. За Црвенковски се апсурдни тврдењата дека македонскиот идентитет е зачуван, додека на маса се токму историските настани и личности.

-Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам. Да се потсетиме само на изјавата на Претседателот Радев дадена за време на неговата посета на Берлин: „нема да дозволиме македонизмот да влезе во ЕУ.“ Епа ние од „македонизмот“ ниту можеме ниту смееме да се откажеме. – Бранко Црвенковски – поранешен Претседател на Р. Македонија.

Поранешниот шеф на државата решение во спорот гледа само доколку двете страни се согласат на сопствено толкување на сите прашања. Тој упати порака до актуелните политичари да стават крај на праксата за подигање на надежите и очекувањата на македонската јавност. Според него треба јасно да се каже дека блокадата од Бугарија може да потрае подолг временски период и тоа не треба да биде национална трагедија, туку мотив за реформи на целокупниот систем дома. Во меѓувреме, за Црвенковски е прифатлива идејата на Макрон за создавање на Европска политичка заедница како подготовка за преговори на земјите-кандидати.

-Да бидеме реални. Како ќе изгледа ЕУ после 10-15 години и како ќе се одрази тоа на процесот на проширување нема да се одлучува во Скопје, Белград, Тирана и Подгорица туку во Брисел и пред се во Париз и Берлин. Оттука сметам дека е неопходно, не напуштајќи ја определбата од највисок приоритет за што е можно побрзо отпочнување на преговрите за придружување со крајна цел- полноправно членство во Унијата, да изготвиме национална стратегија за дејствување и при други можни сценарија со кои би можеле да се соочиме и без наша волја и спротивно на нашите желби.– Бранко Црвенковски – поранешен Претседател на Р. Македонија.

Црвенковски додава дека Македонија треба да посвети повеќе внимание и на стратешкиот дијалог за продлабочување на партнерството со САД во јуни. Смета дека тајмингот не е случан, туку јасна порака од Вашингтон дека во критични моменти, како и во 2008ма година по ветото од Грција, тие и сега стојат зад стабилноста, безбедноста и евроатлантските аспирации на Македонија.

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај се реализира според сите стандарди.

Градот Скопје апелира да не се манипулира јавноста со фотографии од претходната состојба на патеката и проектот кој опфаќа реконструкција на целиот мост, кој е во интерес на сите граѓани и да не се злоупотребува за дневно политички цели.

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај се реализира според сите стандарди и согласно проектна документација изработена од стручни лица.

По негативните реакции од јавноста во врска со изградбата на рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај, Град Скопје ја информира и уверува јавноста дека изградбата на патеката се реализира според сите стандарди за ваков вид патеки и согласно проектна документација изработена од стручни лица.

Со изградбата на оваа рампа на овој фреквентен потег ќе се овозможи полесен пристап до мостот во Сарај за сите граѓани, за лицата со потешкотии во движењето, за родителите со мали деца, велосипедистите и за рекреативците.

За да нема дополнителни заблуди во јавноста, Во прилог Ви испраќаме фотографии и видео анимација од проектот.

Вонреден коалициски совет вечерва во Софија, тема е Македонија

Четири коалициски партнери, две непотполно усогласени позиции.

Ќе го утврди ли Кабинетот на Петков финалниот став во однос на Македонија пред јунскиот самит, ќе се знае вечерва по вонредениот Коалициски совет свикан по барање на бугарскиот премиер. Засега со став се огласи само лидерот на умерената „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, кој повикува на прагматичност. Смета дека крајот на јуни како тајминг за кревање на ветото е тешко дофатлив, но не и невозможен, а клучното очекување на Софија е заштитата на човековите права во Македонија.

-Рокот е исклучително краток и од тој аспект не сум оптимист дека тоа може да се случи, но да видиме што француското претседателство може да предложи. Ние очекуваме гаранции дека Македонија ќе го промени Уставот и дека тие гаранции ќе станат дел од преговарачката рамка меѓу ЕК, ЕУ и Македонија. Треба внимателно и без многу хистерија да разговараме за можностите., вели Христо Иванов, претседател на Демократска Бугарија.

Дека во Кабинетот на Петков нема единствена позиција во однос на Македонија смета и бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, според кого, бугарските социјалисти на Нинова и „Има таков народ“ на Трифонов веќе се изјасниле дека во моментов не се за промена на актуелната владина позиција.

-Премиерот Петков и неговата партија се за започнување на преговори на Македонија, а другите два коалициски партнери, партијата на Слави Трифонов и БСП се повеќе против. Така што, тоа биде основната тема на разговор оваа вечер. , вели за Канал 5, Владимир Владимиров, политички аналитичар.

Петков пред неколку дена посочи дека за кревање на ветото евентуалното решение треба да мине низ три фази и да биде потврдено во бугарското собрание. Дел од бугарската опозиција тврди дека владата попуштила пред меѓународниот притисок, пред се од страна на Вашингтон.

-Имаме информација дека бугарската влада подготвила решение со кое ќе ја пушти Македонија да го почне преговарачкиот процес. Нашата информација вели дека тоа ќе биде објавено многу брзо, со оглед дека како што знаеме минатата недела во посета ни беше висок американски дипломат, чија цел очигледно беше тоа. , изјави Костадин Костадинов, лидер на партијата „Преродба“.

Петков минатата недела го повика Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата со Македонија, но бугарскиот претседател му врати дека прво би сакал да ги чуе неговите позиции за прашањето.

притисни ентер