Влада: Се формира комисија за спроведување на мерката за клима инвертери

Владата го усвои извештајот до УНЕСКО за степенот на реализација на активности за зачувување на природното и културното наследство во Охридскиот регион , а решено е оваа година да започне изградбата на поликлиника во општина Бутел.

На денешната седница Владата донесе решение за формирање на Централна Комисија за следење на спроведувањето и имплементирањето на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за потребите на домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и на Градот Скопје, а кои користат енергетски неефикасни уреди за греење во нивните домаќинства кои влијаат на зголемување на концентрација на РМ10 и РМ2.5.

Владата ги задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање, Канцеларијата на Заменик претседателката задолжена за економски прашања, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација, кои се во функција на исполнување на оваа мерка, да именуваат по еден член и негов заменик и истото го препорача и до АД Електрани на Северна Македонија.

Во комисијата рамноправни членови се и по еден претставник од граѓанските организации Движење за околината Молика – ДОМ Битола, Еколошко здружение – Движење Еко Герила Тетово, и од Македонската платформа против сиромаштија – МППС, и сите тие се задолжени за постојана контрола и мониторинг на целиот процес на имплементација на оваа мерка.

На оваа седница Владата го усвои Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО - Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Во извештајот до УНЕСКО се констатира дека Македонија останува цврсто посветена на зачувување на статусот на Светско наследство за Природното и културно наследство во Охридскиот регион, и се истакнуваат заложбите со кои значително се интензивираа активности за спроведување на Одлуката на Комитетот за светско наследство, за исполнување на препораките на Реактивната мониторинг мисија, како и продлабочувањето на билатералната соработка со Република Албанија во насока на заедничко управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

Во текот на извештајниот период е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Земјата исто така изработи инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и Оценка на влијание на културното наследство (ХИА).

Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за што се обезбедени преку 4 милиони евра средства од државниот буџет за изведување на работите, и продолжен е проектот за пренасочување на течението на Реката Сатеска.

Од седницата на Владата денес произлезе и заклучокот со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга, и да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење, и да достави за сето тоа информација до Владата до наредната седница.

Владата ја разгледа и усвои информацијата и ја одобри тендерската документација за првата фаза од постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Македонија.

Во врска со оваа постапка за дистрибутивниот систем за гас, Владата го прифати текстот на Договорот помеѓу Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување на консултантски услуги во врска со Договорот за концесија за дистрибуција на природен гас и го овласти Министерот за економија, Крешник Бектеши да го потпише договорот со ЕБОР.

Владата го разгледа и прифати текстот на Програмата на економски реформи 2020-2022 година, и ја задолжи Министерката за финансии да ја достави Програмата на економски реформи до Европската комисија до 31-ви јануари 2020 година.

Програмата е во согласност со Стратегијата на ЕУ за брз, одржлив и сеопфатен економски развој „Европа 2020", како и Стратегијата за Југоисточна Европа - ЈИЕ 2020 на Советот за регионална соработка наречена „Работни места и просперитет во европската перспектива" која одблиску ја следи визијата на Стратегијата „Европа 2020".

На денешната седница Владата го разгледа и прифати барањето за итна изградба на поликлиника во Општина Бутел, врз основа на позитивното мислење на Министерството за здравство со оглед дека во планираната фискална 2020 година за оваа намена се предвидени средства во Буџетот.

Како дел од оваа точка Владата донесе заклучок да ѝ препорача на Општина Бутел да го донесе деталниот урбанистички план, а потоа врз основа на издаден Извод од план за градежна парцела на која се планира изградбата на Поликлиниката Бутел да се утврдат и дефинираат програмските барања за изработка на Основен проект за изградба на Поликлиниката Бутел.

Владата денеска даде согласност на Програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2020 година.

Годишната програма за инвестиции во културата за 2020 година, содржи 12 проектни активности кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и Националните установи од областа на културата кои се носители на активностите. Со Програмата се предвидуваат активности за продолжување со изведување на градежни работи за изградба на објект за театарот во Струмица, изградба на театар и библиотека во Тетово, и завршување на работите во театарот во Велес. Се предвидува почеток со реконструкција на објекти на национални установи за кои претходно беше обезбедена проектна документација како прва фаза од реконструкција во објектите на НУ ЦК „АСНОМ" во Гостивар, НУ ЦК „Трајко Прокопиев" во Куманово – зграда театар. Со програмата ќе се започне и со активности за обезбедување на проектна документација за реконструкција на објектите НУ „Музеј на Македонија", Национална галерија објект „Мала станица", НУ ЦК „Антон Панов" Струмица, НУ ЦК „Марко Цепенков" за потребите на театарот и адаптација на простор во галерија во објектот на НУ ЦК „Кочо Рацин" Кичево. Исто така со програмата се предвидува и реконструкција на кровот на објектот на спомен домот на разловечкото востание во с. Разловци, Делчево.

Финансиските средства потребни за реализација на активностите од Годишната програма за инвестиции во културата се предвидени во Буџетот на Министерството за култура за 2020 година во износ од 209.500.000,00 денари.

На денешната седница Владата даде согласност на предлогот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) нејзините членки да учествуваат во отпишување на долгот на Сомалија, откако оваа земја ја надмина долготрајната граѓанска војна и политичката криза и прави напори повторно да ја изгради економијата и покрај тешките околности со кои се соочуваат.

Со согласноста да учествува во овој процес, Владата, заедно со донаторската заедница и меѓународните институции, ги отстапува своите средства во покривањето на долгот на Сомалија во висина од 138.000 долари за да испрати позитивен сигнал кон меѓународната заедница дека нашата земја има волја и е способна да се справи со меѓународните обврски, како и со обврските кои се наметнуваат со членството во меѓународните финансиски институции.

Владата даде согласност за преземање на обврски во програмите опфатени во развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во 2020 година и наредната 2021 година на Агенцијата за млади и спорт за изградбата на 10 баскет игралишта во општините Карпош, Кисела Вода, Аеродром, Куманово, Крива Паланка, Штип, Прилеп, Охрид, Чаир и Дебар, во вкупна вредност од 32.000.000,00 денари.

На денешната седница Владата го утврди текстот на Предлог - законот за заштита на личните податоци во кој, освен што се врши усогласување со регулативата на ЕУ за ова прашање, се воведуваат нови решенија во однос на обработката на личните податоци од кои позначајни се начелото на отчетност и одговорност и тоа како на ниво на контролор/обработувач така и на ниво на држава, потоа дополнителни обврски за контролорите, односно обработувачите, за воспоставување на институтите приватност при дизајнирање на информациски системи кои обработуваат лични податоци и проценка на влијанието на предвидените процеси на обработка во однос на заштитата на личните податоци.

Во новиот предлог-закон се воведува контролен механизам на органите за заштита на личните податоци за нивно консултирање во однос на предлози за било какви законски или подзаконски акти кои вклучуваат обработка на личните податоци, како и обврска за обезбедување дека органите за заштита на личните податоци ќе ги имаат сите неопходни ресурси за ефективно извршување на нивните функции и да ги извршуваат нивните овластувања, како и нагласување на нивното самостојно, независно и непристрасно функционирање, се наведува во соопштението од Владата.

„Највалканиот човек на светот“ 60 години не користел вода и сапун (ВИДЕО)

Во октомври 2022 година, медиумите ја објавија смртта на Аму Хаџи, кој беше познат како „највалканиот човек на светот“, во Иран.

Оваа „титула“ ја заслужил затоа што не се капел шест децении, а за последен пат ги затворил очите на 96 години.

Аму секогаш бил покриен со прашина и пепел, живеел во колиба направена од чакал, но бил виден и како спие во дупки што ги ископал самиот.

Еден новинар опишува дека „изгледал како карпа“ и дека се вклопувал во околината поради тоа колку бил валкан и сив, пренесува LadBible.

Непосредно пред неговата смрт, мештаните успеале да го убедат конечно да се избања. Се разбира, двата настани не се причинско-последично поврзани, бидејќи Аму починал од старост.

Се поставуваат прашања зошто 60 години избегнувал вода и сапун. Се верува дека страдал од аблутофобија, односно „постојан неоправдан страв од капење или миење“.

Наводно се плашел дека ќе се разболи ако се исчисти, односно дека водата и сапунот предизвикуваат болести.

Зборувајќи за фобијата која е поизразена кај децата, па кај жените, па дури потоа кај мажите, д-р Сива Лечор од клиниката „Толедо“ рече:

„Аблутофобијата е исклучително ретка. Во моментов почесто го гледаме кај постарите лица. Обично кај луѓе кои имале трауматски искуства во минатото“, објасни д-р Лечор.

Локалните новинари со години се обидувале да добијат информации за неговото минато и што го навело Аму да води ваков начин на живот. Вистината никогаш не била откриена.

Мајка си го фрлила болниот шестгодишен син во река полна со крокодили, таткото барал да го убие

Мајка го фрлила својот болен шестгодишен син во река полна со крокодили кои го растргнале, откако сопругот и татко на момчето ѝ рекле да се ослободи од него бидејќи малото момче било родено со физички маани.

Овој страшен настан се случил во Индија.

Како што пренесува „Дејлимејл“, Савитри Кумар (26) се скарала со сопругот Рави Кумар (27) кој ѝ наредил да се ослободи од малото дете кое тешко зборувало.

Таа го земала својот син додека спиел и го фрлила во блискиот канал полн со крокодили. Случајот, како што пренесува „The New Indian Express“, се случил во Утара Канад, област на западната индиска држава Карнатака.

Полицијата навела дека сопругот ѝ се пожалил на сопругата зошто таа родила дете со неизлечива мана. Сведоците кои ја виделе мајката како го фрла синот во каналот веднаш повикале полиција која почнала да трага по момчето. Потрагата набрзо била завршена поради темнината, а неговото осакатено тело било пронајдено во реката во неделата наутро.

Малото момче се здобило со страшни повреди и му била одгризана едната рака. Полицијата верува дека телото го растргнале неколку крокодили. Наредена е обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.

Полицијата за локалните медиуми потврдила дека е покрената истрага за убиството и дека двајцата родители се уапсени.

Расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Бразил, спасените гладуваат (ВИДЕО)

Спасувачите се обиделе да ги евакуираат луѓето затрупани од разорните поплави низ јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, при што 90 лица се мртви, а очајните преживеани се обидуваат да дојдат до храна и основни потреби.

На периферијата на градот Елдорадо до Сул, 17 километри од главниот град на државата Порто Алегре, многу луѓе кои ги напуштиле своите домови спиеле покрај патот и изјавиле за Ројтерс дека се гладни. Цели семејства заминале пеш, носејќи работи во ранци и колички за пазарење.

„Немавме храна три дена и само што го добивме ова ќебе. Јас сум со луѓе кои воопшто не ги познавам, не знам каде е моето семејство“, рече млад човек кој се претставил како Рикардо Јуниор.

Поплавите ги отежнале спасувачките напори, при што десетици луѓе се уште чекаат да бидат евакуирани со чамец или хеликоптер од погодените домови. Мали чамци ги преполнија поплавените улици во потрага по преживеани.

Агенцијата за цивилна заштита на земјата соопшти дека бројот на загинати се искачил на 90, додека уште четири смртни случаи се истражуваат, а 131 лице се водат како исчезнати, додека 155.000 луѓе останале без покрив над главата.

Обилните дождови кои почнаа минатата недела предизвикаа излевање на реките, потопувајќи цели градови и уништени се патишта и мостови.

Во Порто Алегре, град со 1,3 милиони жители на реката Гуаиба, улиците во центарот на градот се под вода.

Жителите на Порто Алегре се соочија со празни полици во супермаркетите и затворени бензински пумпи, додека продавниците ја ограничија продажбата на минерална вода. Градот користел камиони за доставување вода до болниците и засолништата.

Поплавите ги погодија и службите за водоснабдување и електрична енергија, со повеќе од 1,4 милиони погодени луѓе, според Цивилната заштита на Бразил.

Речиси половина милион луѓе останале без струја во Порто Алегре и околните градови бидејќи компаниите за електрична енергија го прекинале снабдувањето со поплавените населби од безбедносни причини. Националниот оператор ОНС соопшти дека поради обилните дождови се исклучени пет хидроцентрали и далноводи.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека степенот на штетата ќе се знае само кога водите ќе се повлечат. Тој вети федерална помош за државата за она што се смета за најлоша климатска катастрофа.

Економистите на JPMorgan предвидоа дека влијанието на поплавите врз бразилската економија ќе биде удар за растот на БДП и маргинален пораст на инфлацијата, главно поради повисоките цени на оризот, кој главно се произведува во Рио Гранде до Сул.

Покрај уништувањето на критичната инфраструктура, обилните дождови и поплавите ги потопија житните полиња и загина добиток, прекинувајќи ја жетвата на соја и стопирани се работите во неколку погони за месо.

Пристаништето Рио Гранде работи нормално. Главното пристаниште за извоз на жито не е погодено од порастот на нивото на Лагуна дос Патос, во која се влева надојдената река Гуаиба.

Сепак, главните пристапни патишта не се проодни, што ја отежнува испораката на жито до пристаништето бидејќи камионите мораа да направат голем заобиколување, велат извозниците.

притисни ентер