Влада: „Отворен Балкан“ ги отворa границите за работниците од Македонија, Србија и Албанија

Договорите од иницијативата „Отворен Балкан“ беа потпишани на 21 декември 2021 година во Тирана од страна на претставниците на трите земји, Република Македонија, Србија и Албанија.

Владата на Република Македонија го поздравува усвојувањето на Законот за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и на Законот за ратификација на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан на вчерашната собраниска седница.

-Со ратификувањето на овие договори, поврзани со иницијативата „Отворен Балкан“, конечно станува реалност граѓаните на Македонија, Србија и Албанија да можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци, велат од Владата.

Дополнително, додаваат, олеснување ќе се обезбеди и со договорите за признавање на дипломи и професионални квалификации.

-Огромните придобивки од овие договори е што се отстрануваат бариерите за вработување, а државјаните ќе може да работат во сите држави со единствен број за идентификација, без какви било дополнителни процедури. Граѓаните ќе можат да добијат „Отворен Балкан“ број за идентификација на нивниот национален портал за е- Влада или на нивниот национален портал за електронска идентификација. Единствениот број за идентификација е електронска идентификација со којашто се добива пристап до електронските услуги во државата каде што лицето го добило бројот, појаснуваат од Владата.

Со добивањето на потврда за „Отворен Балкан“ број за идентификација се добива слободен пристап до пазарот на труд. „Отворен Балкан“ број за идентификација станува и основ за добивање единствен матичен број за странец, со што нема веќе процедури за дозволи за престој.

Според Владата, со ратификувањето на договорите се засилува конкурентноста во регионот, бидејќи компаниите ќе може да сметаат на работната сила на трите држави непречено, што ќе влијае и на конкурентноста на пазарот на трудот и растот на платите.

-Со тоа излегуваме во пресрет и на компаниите и стопанските комори од трите држави, кои очекуваа брзо спроведување на оваа мерка со која се либерализира регионалниот пазар на трудот.

Станува збор за огромна помош и олеснување за фирмите кои имаат свои претставништва во Македонија, Србија и Албанија со цел полесно отворање на нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа.

Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите, се вењли во денешното соопштение од Владата.

Договорите од иницијативата „Отворен Балкан“ беа потпишани на 21 декември 2021 година во Тирана од страна на претставниците на трите земји, Република Македонија, Србија и Албанија.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. 

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ ќе дефилираат низ скопските улици со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. Организаторите најавуваат учесници и од останатите градови од државата и гости од Косово. Меѓу нив има доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentlmens Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. /МИА

Пронајдени телата на четворица мигранти, спасени 52 лица во близина на брегот на Тунис

Телата на четворица мигранти се пронајдени во близина на брегот на Тунис, а крајбрежната стража во посебна операција спасила 52 лица, соопшти Националната гарда.

Се додава дека гардата уапсила девет шверцери и ги запленила чамците.

Најмалку 23 туниски мигранти исчезнале откако со чамец се упатиле кон Италија, соопшти претходно Националната гарда.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток во потрага по побезбеден живот во Европа. /МИА

Одбележување на Светскиот ден на семејниот лекар - 19 Мај

Под мотото „Здрава планета, здрави луѓе“ денеска се одбележува 19 Мај - Светскиот ден на семејниот лекар.

Здружението на лекари по општа медицина - семејна медицина (ЗЛОМ СМ), информира дека за таа цел во Градскиот парк во Скопје денеска од 11 до 14 часот граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок, гликемија и пикфлоуметрија. Специјалистите по семејна медицина ќе даваат совети за здрави животни навики.

Предвидена е и прес-конференција за медиумите.

притисни ентер