Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за годинава е 814 милиони денари - Канал 5

Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за годинава е 814 милиони денари

Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за годинава е 814 милиони денари, 18 установи ќе добијат делегиран буџет.

Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за годинава е 814 милиони денари

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска информираше дека вкупниот буџет на Министерството за 2025 година, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува 814 милиони денари. Љутков појасни дека од оваа година воведуваат промени во начинот на финансирање на програмските активности за 18 национални установи, кои ќе добијат делегиран буџет, а тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на нивните веб-страници.

Буџетот е поголем за 74 милиони денари во однос на буџетот од минатата година, а во овие средства, предвиден е и посебен буџет за креативните индустрии, за кои ќе објават посебен конкурс во периодот што следува.

Како што посочи Љутков на прес-конференција, видно зголемување на буџетските програми има во дејностите драмска за 40 проценти, библиотечна, меѓународна и заштита на аудиовизуелните добра за 30 проценти, а во визуелни уметности, архитектура и дизајн, како и издавачка дејност за 25 проценти.

-Овие промени имаат цел да создадат услови за поефикасно планирање и реализација на програмските содржини од страна на директорите, поголема автономија, но и поголема одговорност, а на овој начин ќе се истакне и нивната менаџерска способност. Целта на Министерството е целосно зајакнување на капацитетите на националните установи, а тоа ќе доведе до поголема независност и креативност во планирањето и спроведувањето на културните активности, додаде Љутков.

Во однос на распределбата на средствата, тој информираше дека оваа година е ставен акцент на финансиските потреби на националните установи, односно за нивно збогатување со квалитетни програмски содржини.

Во однос на Годишните конкурси, Љутков посочи дека преку системот за електронско аплицирање пристигнале вкупно 2 888 пријави, а поддршка добиле 1365 проекти.

-Она што е особено значајно е фактот што, во согласност со видовите на проектите, во пријавите за 2025 година прецизно беше утврдено кој вид проект со колку средства максимално може да биде поддржан. Оваа јасна структура беше основа за транспарентна распределба на средствата. Исто така, со посебен акт беа утврдени и критериумите за именување членови на комисиите, чии имиња јавно ги соопштивме, за да ја потврдиме нашата посветеност кон транспарентноста и довербата на јавноста. Членовите на комисиите, кои се присутни на денешнава прес-конференција и на кои во оваа пригода уште еднаш лично користам можност да им се заблагодарам, во изминатиот период стручно и посветено извршија евалуација на проектите во согласност со исполнувањето на општите услови, рече министерот.

Тој најави дека со програмата за инвестиции, оваа година интензивно ќе продолжат да работат на изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, НУ Турски театар во Скопје и „Стар театар“ во Струмица, а ќе продолжат и со реконструкција на објектот на театарот при НУ Центар за култура во Куманово.

Годинава ќе започнат и со реконструкција на објектот на НУ Музеј на Македонија и со реконструкција – санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар – Битола.

Љутков најави дека во годишната програма, исто така, се предвидува и санирање на проодните тераси на објектот на Македонскиот народен театар во Скопје, санација на делови од објектот на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, како и санација на покривот на стариот дел од објектот на НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а ќе бидат целосно завршени санацијата и градежните активности на просторот наменет за НУ Џез-оркестар – Скопје.

Тој додаде дека во тек е реализацијата на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје, кој е во постапка на промена на инвеститор, а по претходно одобрение од Владата, а тоа е, исто така, предвидено со оваа програма. Во тек е објавениот тендер за градежно-конструктивни елементи, односно за испитување на челичната конструкција.

-Во следниве неколку години ќе работиме на Скопското Кале и Курбиново, кои годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани. Продолжуваме со забрзана динамика и на Плаошник. Целосна конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во с. Разловци 2025 – 2026 година, целосно завршување на активностите во Лешочкиот манастир, препокривање на црквата во Матејче. Завршување на капитален повеќегодишен проект – конзервација и реставрација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица, како и на капитален проект манастирот „Трескавец“, поточно црквата „Св. Успение на Пресвета Богородица“, при што, со повеќегодишен план е планирано да се реализира целосна заштита. Продолжуваме со забрзана динамика и на реставрација на Аквадуктот. За реализација на овој проект имаме и дополнителна финансиска помош од Амбасадорскиот фонд на Американската амбасада во Скопје, со износ од 205 000 долари. Во план е целосна реализација на основниот проект за архитектурата на куќата на Лазар Личеновски. Предвиден е и повеќегодишен план и финансиска динамика за театарот во Стоби и завршување на проектот Центар за посетители, рече Љутков.

Во рамките на програмата, Љутков напомена дека се поддржани повеќе јубилејни проекти на индивидуални музички и танцови уметници, при што ги истакна јубилеите, и тоа 100-годишнините на Кирил Македонски и Властимир Николовски и 120-годишнината на Стефан Гајдов.

-Очекувано, годината ќе ја одбележи настапот на ексклузивниот Пласидо Доминго, кој првпат ќе настапи во Скопје, и тоа во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет. Очекуваме содржински и интензивни репертоари во нашите најреномирани национални установи НУ Македонска опера и балет и Македонска филхармонија, како и богата програмска понуда на „Охридско лето“, кои ќе бидат објавени во следниот период, рече Љутков.

Како што напомена, во програмските содржини на фолклорната и сценско-уметничката дејност, покрај зголемената поддршка кон двете најзначајни национални установи „Танец“ и Албански ансамбл за народни ора и песни, во фокусот беа и културно-уметничките друштва, фолклорните ансамбли и фолклорните здруженија кои бележат значајни јубилеи и годишнини. Исто така, додаде дека со соодветна финансиска поддршка се застапени и многубројни традиционални фестивали и манифестации.

Љутков рече дека во областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, програмата е конципирана со квалитетни, комплексни и разновидни проекти кои ќе донесат забележлив квалитет и избалансирана уметничка програма.

-Централните изложбени активности ќе се реализираат во Музејот на современата уметност и во Националната галерија на Македонија, кои содржински се разнообразни и вклучуваат ретроспективно-монографски изложби, одбележување на јубилеи на значајни автори, тематски и проблемски изложби, изложби на рецентни автори, како и проекти од меѓународен карактер, а би ги издвоиле: 90 години од раѓањето на реномираниот македонски автор Стефан Маневски и 100 години од раѓањето на Јордан Грабулоски. Во остварувањето на оваа дејност, покрај националните установи и локалните установи, значајна поддршка за остварување на своите активности добија и многубројни корисници од невладиниот сектор и физички лица. Во рамките на програмата за визуeлни уметности, посебно место имаат и проектите наменети за најмладата популација, кои се во функција на на препознавање вистински уметнички вредности, градење млада публика и афирмација на ликовната уметност кај најмладите, додаде Љутков.

Како што најави, резултатите од конкурсите ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам по прес-конференцијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Италија подобра од светскиот вицешампион Франција во дербито од Лигата на нации

Италијанските фудбалери ја победија, силната Франција на дербито во Милано со резултат 3:1, во натпреварот од 5. коло на дивизијата А во Лигата на нации. Италијанските фудбалери ја победија, силната Франција на дербито во Милано со резултат 3:1, во

Италија подобра од светскиот вицешампион Франција во дербито од Лигата на нации

Франција подобро го отвори дербито и поведе уште во воведниот дел од средбата со 0-1. Олисе ја казни големата грешка на капитенот на домаќините голманот Џанлуиџи Донарума, кој практично му ја подари топката на противникот, Олисе ја искористи можноста и со прецизен удар ја погоди малата мрежаза водство од 1-0.

Сепак избраниците на Манчини брзо се вратија во натпреварот.

Пио Еспозито се најде на вистинското место по добрата акција на Николо Камбијаги и ја затресе мрежата за 1:1.Тоа беше и резулатот на првите 45 минути.

Италија набрзо доби шанса да го сврти резултатот од пенал. Мало Густо го собори Камбијаџи во шеснаесетникот, но Себастијано Еспозито лошо го изведе ударот и ја испрати топката високо над голот.

Ова промашување не ги поколеба домаќините. Италијанците продолжија со нападите, а влегувањето во игра на Федерико Димарко се покажа како полн погодок. Неговиот центаршут го пронајде Давиде Фратези, кој погоди за 2:1 и им донесе водство на „Аѕурите“.

Пио Еспозито им го зададе конечниот удар на Французите. Дајо Упамекано направи пенал врз Антонио Вергара, а младиот италијански напаѓач беше сигурен од белата точка и го постави конечниот резултат од 3:1.

На тој начин, Италија освои важни бодови и го презеде врвот во групата А1, со што се доближи до пласман на завршниот турнир во Лигата на нации. Франција, пак, пропушти можност да ја задржи контролата врз сопствената судбина во борбата за натамошен пласман.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

НБРМ: Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник ќе работи и експозитурата во Прилеп.

НБРМ: Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“

Во насока на проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола, Народната банка информира дека од понеделник, 16 ноември, ќе започне со работа и експозитурата на Банката во Прилеп. Во неа, на клиентите кои имаат платежна сметка, а не располагаат со платежна картичка, ќе им биде овозможено подигнување готовина до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит.

Продолжуваат со работа и филијалите на „АЛТА банка“ АД Битола во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Во овие експозитури клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за намирување на комуналните услуги, отплата на кредити и други потреби.

Потсетуваме дека во рамките на активностите за олеснување на пристапот до средствата и овозможување непречено извршување на секојдневните финансиски обврски, од 10 ноември клиентите на Банката можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство. Притоа, важат утврдените лимити: до 15.000 денари неделно за клиентите што поседуваат платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за клиентите што не поседуваат платежни картички.

Лимитите се применуваат збирно за сите сметки на клиентот во Банката и ги опфаќаат сите канали на плаќање и повлекување средства: плаќања со картички во трговијата и преку интернет, повлекување готовина од банкомати и на шалтерите во експозитурите, како и плаќања преку електронското и мобилното банкарство.

Исто така, физичките лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Тоа значи дека граѓаните можат да ги користат средствата коишто дополнително ќе им бидат уплатени врз оваа основа без ограничување на износот.

Во однос на олеснувањата за компаниите, се овозможи исплата на платите, заедно со уплатата на соодветните даноци и придонеси, за компаниите коишто во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во Банката.

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Претставници на победничката Студентска листа го посетија Косово

Од Студентската листа порачаа дека за нив Косово и Метохија, зачувувањето на Српската православна црква, културниот и национален идентитет, како и заштита на правата на Србите на оваа територија се прашања од најголемо значење.

Претставници на победничката Студентска листа го посетија Косово

Претставници на победничката Студентска листа во Србија, ја посетија територијата на Косово и Метохија. Од Студентската листа порачаа дека за нив Косово и Метохија, зачувувањето на Српската православна црква, културниот и национален идентитет, како и заштита на правата на Србите на оваа територија се прашања од најголемо значење.

Иако во меморандумот кој летово го објавија студентите, се наведува дека Студентската листа го смета Косово за неотуѓив и составен дел на Србија, факт кој не подлежи на преговори сепак, неодамна, косовскиот премиер Албин Курти, ги повика претставниците на студентите да ја признаат независноста на Косово како главен показател за нивната демократската ориентација. Без признавање на Косово нема напредок на европскиот пат, им порача Курти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер