Муту, кој сега има 46 години, се пресели од Парма во Челзи во 2003 година за 16 милиони фунти и беше редовен во својата прва сезона, постигнувајќи 10 гола под водство на Клаудио Раниери. Меѓутоа, со доаѓањето на Жозе Мурињо, неговиот статус се промени, а ситуацијата кулминираше во октомври 2004 година, кога тој беше позитивен на тестот за кокаин и доби седуммесечна суспензија.
- Земањето кокаин за време на мојот период во Челзи беше најлошата одлука во мојата кариера. Бев сам и тажен, но ниту депресијата ниту ништо друго не ги оправдува моите постапки. Требаше да побарам помош, но не побарав. Сепак, учиш од се во животот, таа лекција ме направи подобра личност, многу позрела и свесна за моите постапки – изјави Романецот.
По скандалот, Муту никогаш повеќе не заигра за Челзи, но кариерата ја продолжи во Италија, каде блесна во дресот на Фиорентина со 69 гола во пет сезони - додека еден помина и во Јувентус. Сепак, тој е убеден дека можел да постигне многу повеќе.
- Многу пати сум размислувал за тоа. Верувам дека повеќе од една сезона бев меѓу најдобрите фудбалери во светот, па лесно можев да ја освојам Златната топка. Но, лошите одлуки ми го ускратија тоа. Сепак, се трудам да не се обвинувам премногу.
По завршувањето на кариерата во 2016 година, Муту се сврте кон тренерската работа. Раководеше шест клуба и беше селектор на романската репрезентација до 21 година, а последен ангажман му беше во Петролул од кој си замина по само четири месеци.