Видео: „Кралот“ Леброн Џејмс претставен како нов кошаркар на Филаделфија - Канал 5

Видео: „Кралот“ Леброн Џејмс претставен како нов кошаркар на Филаделфија

Еден од најдобрите свтески кошаркари во историјата, популарниот „крал“ Леброн Џејмс е претставен како нов играч на Филаделфија 76ерс.

Видео: „Кралот“ Леброн Џејмс претставен како нов кошаркар на Филаделфија

Најголемата ѕвезда во моментов во НБА јасно стави до знаење дека не дошол во Филаделфија за уште една сезона без борба за титулата.

На почетокот на своето обраќање пред медиумите, Џејмс ја фрли својата идентификациска картичка на подот во својот препознатлив стил и праша: „Знаете кој сум, нели?“ Најпознатиот кошаркар во светот и најдобриот стрелец во историјата на НБА ја започнува 24-тата сезона во својата кариера, овојпат во дресот на „Сиксерс“.

Во тимот ќе игра заедно со Џоел Ембид, Тајрис Макси, Ви-Џеј Еџкомб и Џејлен Браун, кој пристигна од Бостон ова лето.

„Не го напуштив семејството за да загубам во второто коло“, рече Џејмс, очигледно алудирајќи на фактот дека „Сиксерс“ беа елиминирани во полуфиналето на Источната конференција минатата сезона.

Филаделфија ја заврши минатата сезона со 45 победи и 37 порази, а потоа доживеа елиминација со „чиста“ серија (без ниту една победа) од идниот шампион, Њујорк Никс. Сега ситуацијата е сосема поинаква.

Џејмс потпиша двегодишен договор вреден околу осум милиони долари откако Браун му се приклучи на тимот, па така „Сиксерс“ ја дочекуваат новата сезона со големи шампионски амбиции.

Џејмс истакна дека не очекува проблеми при вклопувањето со новите соиграчи. „Предноста на мојата игра е што можам да правам сè. Буквално сè“, изјави 41-годишниот Леброн Џејмс.

Бројките ги потврдуваат неговите зборови – минатата сезона во дресот на Лејкерс, тој имаше просек од 20,9 поени, 6,1 скок и 7,2 асистенции по натпревар. Во текот на кариерата, тој бележи просек од 26,8 поени, 7,5 скока и 7,4 асистенции, со повеќе од 1.600 одиграни натпревари.

„Одлично е што тој е тука“, рече Макси, кој во изминатите две сезони прерасна во лидер на тимот. Токму Макси одигра посебна улога во доаѓањето на Џејмс – тој дури и го вклучи во групниот разговор наменет за играчите на тимот.

Џејмс размислуваше да ја заврши кариерата во текот на летото, особено затоа што сакаше да остане блиску до своето семејство во Лос Анџелес.

Сепак, по одморот и тренинзите, тој одлучи да продолжи. Кога го прашаа уште колку долго планира да игра, тој не сакаше да даде одговор.

„Не сакам да зборувам за иднината во овој момент. Би било нефер кон мене ако сакам да живеам во сегашноста, особено знаејќи во која фаза од кариерата се наоѓам“, рече Џејмс. Сега е тој момент – Филаделфија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Украина ѝ нуди примирје на Русија на Црното море за може да извезува земјоделски производи

Украина достави до Русија, преку меѓународни партнери, предлог за прекин на огнот во Црното Море, со цел враќање на слободната пловидба и непречениот извоз на земјоделски производи.

Украина ѝ нуди примирје на Русија на Црното море за може да извезува земјоделски производи

Украина достави до Русија, преку меѓународни партнери, предлог за прекин на огнот во Црното Море, со цел враќање на слободната пловидба и непречениот извоз на земјоделски производи, и сега чека одговор од Москва, изјави синоќа украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.

Зборувајќи на Петтата меѓународна конференција на високо ниво за безбедност на храната „Храна од Украина“, Сибиха нагласи дека Киев е подготвен да придонесе кон глобалната безбедност на храната и затоа предложи воспоставување прекин на огнот во регионот на Црното Море.

„Подготвени сме за прекин на огнот. Благодарни сме на Индија, Турција и Египет, кои играат активна и важна улога во смирувањето на тензиите во Црното Море, како и во напорите за медијација. Сега чекаме одговор од Русија. Сите наши предлози се доставени“, рече Сибиха, според украинскиот јавен сервис „Суспилне“.

Тој изјави дека секој пат кога Киев презентира предлози за прекин на огнот во Црното Море преку меѓународни партнери, Москва поставува, според него, „нереални барања“.

Според него, Русија сега предлага да се вклучи прашањето за нафтата во условите на прекинот на огнот, имено прекин на украинските напади врз рускиот нафтен сектор.

Сибиха нагласи дека нафтата може да биде дел од поширок договор за енергетски прекин на огнот, на кој е подготвена и Украина, но дека таков договор би морал да ги вклучи сите енергетски компоненти.

„Кога станува збор за Црното Море, ние сме фокусирани на земјоделските производи. Понудивме конкретни и ефикасни предлози“, нагласи украинскиот министер.

Тој, исто така, укажа на важноста на меѓународниот притисок врз Русија за враќање на безбедноста на морскиот сообраќај во Црното Море.

Украина тврди дека извозот на жито од нејзините главни пристаништа на Црното Море околу Одеса е речиси целосно запрен од крајот на јули, откако Русија значително ги интензивираше нападите врз терминалите за жито и трговските бродови.

Од друга страна, Москва тврди дека не напаѓа цивилни цели.

Пред ескалацијата на конфликтот, трите пристаништа во регионот Одеса беа клучни за надворешната трговија на Украина, бидејќи околу 90 проценти од нејзиниот земјоделски и металуршки извоз минуваше низ нив.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, што се одржа во Офицерскиот дом во Битола.

Сиљановска-Давкова на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, што се одржа во Офицерскиот дом во Битола, како завршна активност на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер-плеј“, организиран од Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.

Младите споделија видувања за еднаквите можности во образованието и спортот, за малолетничките бракови и насилството, а потем поставија низа прашања.

Според претседателката, спортот придонесува за физичкото и духовното здравје, ја поттикнува самодовербата и ги учи младите на фер-плеј, дисциплина и почитување на различностите.

Говорејќи за младите кои го прекинале школувањето, таа укажа дека можат да го продолжат преку програмите за основно образование за возрасни, при што посебно ги нагласи менторството, врсничката поддршка и улогата на граѓанските организации во овој процес.

Сиљановска-Давкова се наврати на своите училишни години, кога спортот бил составен дел од училишниот живот, а успесите на нејзината генерација, како што рече, им давале чувство дека „во светот значиме нешто“.

Претседателката истакна дека девојчињата и момчињата имаат право на детство, а спречувањето на малолетничките бракови треба да започне навреме, со едукација и информирање на младите за љубовта, сексуалноста и заштитата, како и со стручна работа со семејствата.

За неа, воспитувањето во духот на ненасилството треба да започне уште од најрана возраст, особено затоа што навредите, понижувањето и вербалната агресија често претходат на други облици на насилство.

Таа нагласи дека толеранцијата се манифестира во односот кон оние што размислуваат поинаку, а на младите им упати совет да поставуваат прашања, да не се плашат од различни ставови и да трагаат по нови знаења, оти човекот учи во текот на целиот живот.

На панел-дискусијата учествуваа и м-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на Здружението „Сумнал“, градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, професорот м-р Михајло Силјан, психологот Наташа Бекирова и претставникот од општинската Комисија за спорт и млади, Мартин Ивановски, соопштуваат од Кабинетот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Семејство од Хрватска си ја урива новоизградената куќа, вредна 250.000 евра- не е дивоградба

Четиричлено семејство од Меѓумурје во Хрватска било принудено да ја сруши својата новоизградена куќа поради низа сериозни грешки од страна на изведувачот. 

Семејство од Хрватска си ја урива новоизградената куќа, вредна 250.000 евра- не е дивоградба

Тие инвестирале 250.000 евра во изградбата, а сега мора да платат за рушењето. Семејството не сакало да дава изјави, но се знае дека ја имале целата потребна документација за изградбата и дека правилно ја платиле работата, пренесе Индекс.

Проблемите станале видливи откако куќата била ставена под покрив, кога почнале да се појавуваат пукнатини на темелите и ѕидовите. Градежниот инспекторат забранил продолжување на работите и им наложил на сопствениците што е можно поскоро да ја срушат куќата поради оштетена статика, јавува ХРТ.

Полицијата пронашла голем број неправилности

Со случајот се занимавала и Полициската управа на Меѓумурје, која спроведе кривична истрага. Во полициското соопштение се наведува дека изведувачот постапил неправилно и без потребните измени во проектот и градежната дозвола.

„За време на изградбата на куќата во 2022 година, изведувачот постапил неправилно бидејќи произволно го променил начинот на темелење на куќата, без соодветни измени во проектот и градежната дозвола. Притоа, не биле спроведени потребните контроли на почвата, а не биле почитувани пропишаните количини и видови на арматура, како и квалитетот на бетонот“, се вели во соопштението на полицијата.

Ризик од уривање

Во полицискиот извештај, исто така, се наведува дека дефектите довеле до пукање на куќата и оштетување на носечките делови, што сериозно ја поткопало стабилноста на целата зграда. Утврдено е дека секое понатамошно оптоварување, како што е продолжување на работите или зафаќање, би претставувало директен ризик од уривање и би ги загрозило човечките животи.

Рушење и правна битка

Рушењето на новоизградена куќа е исто така емоционално тешко за работниците кои ја извршуваат работата. „Многу е тешко кога нечија куќа е урната. Вклучени се емоции, но ние сме компанија што го прави тоа и е платена за тоа“, рече Иван, вработен во компанија за рушење.

Од друга страна, директорот на компанијата од Домашинац што ги изврши работите не се јави на повиците. Сопствениците се надеваат дека во судскиот спор што ќе следи ќе можат да ги вратат 250-те илјади евра инвестирани во изградбата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер