Видео: Експлозија во најголемата романска нафтена рафинерија Петромидија, нема повредени

Експлозија се случи утринава во најголемата романска рафинерија и една од најголемите во источна Европа - Петромидија, лоцирана во Наводари, округот Констанца, на брегот на Црното Море, јавија локалните медиуми.

Властите велат дека нема жртви. Во моментов се вршат мерења за утврдување на степенот на загаденост на воздухот.

Густи облаци од црн чад се издигнуваат во областа и се видливи од градот Констанца и од одморалиштето Мамаја.

Активиран е таканаречениот „план за црвена интервенција“. На местото на настанот се испратени шест противпожарни возила, две со високи скалила и три возила на брза помош. Дополнителна помош се очекува да пристигне од Слобозија и Фетешт.

На почетокот на јули 2021 година, експлозија во Петромидија резултираше со смрт на тројца работници. Во јуни 2023 година, пожарникар беше повреден по пожар во фабриката за дестилација на дизел гориво во Петромидија.

Одбележување на Европската недела на имунизација во Градски парк во Скопје

 Под мотото „Заштитуваме генерации“, со детските ликови „Биби и Боби“ и детска балетска претстава, денеска во  Градскиот парк во Скопје, на отворената сцена „Школка“, ќе биде одбележана Европската недела на имунизација.

На настанот организиран од Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, СЗО и УНИЦЕФ, поддржани од УСАИД и ЕУ, обраќања ќе имаат евроамбасадорот Дејвид Гир, специјалната претставничка на СЗО д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ д-р Патриција ди Џовани и претставник од Министерство за здравство.

- Заедно да ја подигнеме свесноста за важноста на имунизацијата, како значаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија, истакнуваат од Министерство за здравство.

Кикбоксерот Бобан Илиоски светски првак во ВАКО ПРО

 Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски е нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1, до 88,6 кг, откако синоќа во борба за титулата го совлада Берк Дузенли од Турција.

Бодрен во СЦ „Јане Сандански“ од домашната публика и навивачката група „Комити“, Илиоски го совлада актуелниот аматерски светски првак со судиска одлука од 2-1.

Илиоски во ноември лани го освои златниот медал на Светското ВАКО првенство во категоријата лоу кик до 86 килограми и ја обедини светската и европската титула.

За своите успеси на меѓународната сцена Илиоски беше избран за спортист на Македонија во 2023 година.

Свечена промоција на нови полициски службеници во Центарот за обука на МВР во Идризово

Свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, ќе се одржи денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, со почеток во 11:00 часот.

На промоцијата обраќања ќе имаат премиерот на техничката Влада Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и Сузе Трајковска, раководител на Центарот за обука на МВР.

Настанот ќе биде пренесуван и во живо на официјалната страница на Министерството за внатрешни работи.

притисни ентер