Јавното обвинителство се согласува бизнисменот Асмир Јахоски, осомничен во случајот „Мазут“, да биде пуштен од притвор, но само ако претходно освен гаранција во имот, уплати и 72 милиони денари, односно 1 милион и 170 илјади евра на сметка на Судот, сума што одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него.
Доколку овој услов биде прифатен, јавниот обвинител исто така побарал од Судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост – соопштија од Обвинителството од каде додаваат дека за ваквото мислење обвинителот имал предвид дека Обвинителството во меѓувреме ги обезбедило поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци.
Јахоски е осомничен за сторено кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“, а првоосминичен во случајот е бизнисменот Ратко Капушевски, кој исто така е во притвор.