Вембањама е четвртиот дебитант во историјата на НБА со трипл-дабл со 10 блокади

Францускиот центар на Сан Антонио, Виктор Вембањама ноќеска постигна 27 поени, 14 скока, 10 блокирани удари и пет асистенции на натпреварот од регуларниот дел од НБА лигата против Торонто (122:99).

- Се чувствував одлично. Одличен ритам, силен почеток на натпреварот. Така функционираат работите во НБА. Имаме подеми и падови во однос на формата и денеска беше дефинитивно добар ден за нас, изјави Вембањама.

Според прес-службата на лигата, тој стана петтиот играч во историјата на НБА кој забележал трипл-дабл со 25+ поени, 10+ скока, 10+ блокирани шутеви, а притоа издвоил 5+ асистенции по натпревар. Претходно тоа го постигнаа Хаким Олајџувон (4 пати), Карим Абдул-Џабар, Ралф Сампсон и Дејвид Робинсон.

Дваесетгодишниот Вембањама стана и четвртиот играч во историјата на лигата кој забележал трипл-дабл со блокади. Пред него ова им успеало само на Дејвид Робинсон (три пати), Ралф Сампсон и Марк Итон.

Одбележани 80 години од ослободувањето на Ѓорче Петров

Со положување цвеќе од страна на бројни делегации на Спомен-плочата на паднатите борци во НОБ, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 Ноември, денот кога Општината беше ослободена во антифашистичка борба.

Како што информира Општина Ѓорче Петров, општинската делегација беше предводена од градоначалникот Александар Стојкоски, кој во обраќање пред присутните рече дека 14 ноември е датум кој ја врежал слободата длабоко во историјата на ова место.

-Овој ден не е само историски настан, туку и сведоштво за неуморната борба, пожртвуваноста и храброста на сите оние кои се изборија за својата земја, за својот дом, за својата иднина. Никогаш не смееме да заборавиме дека слободата и државата тешко се стекнуваат, но вечно се бранат и чуваат со нашите дела кои се темелат на спомените на хероите и поуките кои ни ги дава историјата, како и на секојдневно вложениот труд, изјавил градоначалникот Стојкоски.

Одбележувањето осум децении од ослободувањето на Ѓорче Петров, како што навел Стојкоски, го чествуваме како благодарност кон оние кои ги дале животите за денес ние да живееме во мир, истовремено и како обврска на модерното време кое бара нови херои што ќе одговорат на новите предизвици, кои нудат храбри и одржливи решенија.

-Денес, вистинските вредности се видливи и тие се препознаени од ѓорчепетровци, кои секојдневно се сведоци на нови и нови дела, кои се прават за заедничкото добро на сите. Нека ни е честит и вековит Денот на ослободувањето на општина Ѓорче Петров! Секогаш да се потсетуваме на денешниов ден и да го негуваме духот на слободата и единството што не обединува. Да живее слободно Ѓорче, вечна да е Република Македонија, потенцирал Стојкоски.

Ослободувањето на Ѓорче Петров, ден по ослободувањето на Скопје, како што се наведува, е пример за непокор и за големата жртва која македонските партизани ја дадоа за да го ослободат секое делче од нашата земја.

Чуповска: Безбедносната состојба во земјата стабилна

Безбедносната состојба во земјата стабилна, исплата на обврските кон вработените во МО и Армијата.

Безбедносната ситуација во земјата е стабилна, граѓаните се безбедни, надлежните институции од областа на безбедноста се во секојдневна координација и комуникација согласно ингеренциите, истакна денеска државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска, на дебатата фокусираната на прашањата од областа на внатрешните работи, правдата и одбраната.

Чуповска посочи дека состојбата по прашањето на безбедноста е стабилна и во регионален аспект, со одлична комуникација на сите субјекти од сферата на безбедносниот сектор со стратешките партнери и сојузниците од НАТО.

- Придонесот што Македонија го има во регионалната безбедност е соодветно валоризиран и потврден од НАТО сојузниците. Ние сме повеќегодишен контрибутор во мисијата КФОР на Косово, а значајно придонесуваме во мисијата на ЕУ во БиХ. По однос актуелните безбедносни случувања, активно придонесуваме и во гарантирањето на колективната безбедност, што го докажуваме со нашето активно учество во мултинационалните сили распоредени во Летонија, Бугарија и Романија, рече таа.

Чуповска меѓу другото посочи дека изминатиот период имало пропусти во однос исплатата на обврските кон вработените во Армијата и МО гарантирани со Колективниот договор, што резултирало со голем број тужбени побарувања што најголем дел завршиле на извршител, во вкупна вредност над 17 милиони евра.

- Со соодветна анализа обезбедени се финансиски средства преку ребалансот на буџетот од јули, со релокација на средства. Заклучно со крајот на оваа година ќе бидат исплатени сите обврски кон вработените. Нема да дозволиме во иднина да не се почитуваат правата на вработените, рече таа.

По приведувањето за убиство во 2013 во Тетовско, Обвинителството осомничи две лица

Лицето Ш.Ш на 12 октомври 2013 година, на излезот од селото Пирок, со умисла лишил од живот лице од Тетово поради претходни нерасчистени недоразбирања. 

По приведувањето на 41 годишник од тетовски Порој во вторникот, за убиство во 2013 година, одреден му е притвор, а Обвинителството почна истражна постапка за него, како и за уште еден човек на иста возраст кој му помогнал во извршување на кривичното дело.

Лицето Ш.Ш на 12 октомври 2013 година, на излезот од селото Пирок, со умисла лишил од живот лице од Тетово поради претходни нерасчистени недоразбирања. Второосомничениот го ставил на располагање својот автомобил и двајцата заеднички набавиле автоматска пушка која на граѓаните им е забранета.

-Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца сега 41-годишни жители на селото Порој, од кои првиот е директно осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик сторено во 2013 година, додека другиот му помогнал во извршување на убиството и бил соучесник во – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик, информираше денеска Јавното Обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата. Согласно донесеното решение, за првоосомничениот притворот е ефективен веднаш, а за второосомничениот, кој е во бегство, притворската мерка ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Во вторникот 12 ноември во 16.30 часот од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за општ и насилен криминал во содејство со СВР Тетово - Одделение за општ криминал Ш.Ш.(41) од с.Порој беше лишен од слобода.

притисни ентер