Велигденско послание на г.г. Стефан: Трагедијата во Кочани не сплоти во тага и во молитви - Канал 5

Велигденско послание на г.г. Стефан: Трагедијата во Кочани не сплоти во тага и во молитви

Трагедијата во Кочани не сплоти во тага и во молитви за настраданите, да се потсетиме и на оние кои се жртвуваа за да спасат други животи.

Велигденско послание на г.г. Стефан: Трагедијата во Кочани не сплоти во тага и во молитви

† СТЕФАН,

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,

ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО

И ДО СИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ –

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

Јас сум воскресението и животот.

Оној што верува во Мене, и да умре, ќе живее[1].

Возљубени празникољупци,

Собрани со торжествена радост, соединети со вера во воскреснатиот Господ, денес го славиме најголемиот настан во историјата – Христовата победа над смртта! На овој Празник над празниците, во овој Ден на незаодната светлина, кога исчезнуваат сите граници меѓу земното и небесното, откако поклонички и смирено го изодивме патот на благословениот Велигденски пост, еве, радосно ја празнуваме победата на животот! Исправени во стамена послушност на Божјите заповеди и внурнати во несогледливите и неискажливи длабочини на Божјите тајни, денес повторно го осознаваме искупителниот дар на неизмерната Божја љубов, на вистинскиот и неминлив живот во кој Бог нè приведе од небитие, благоизволувајќи довека да сопостоиме со Него.

Светата Црква учи дека Христовото искупително дело за спасението на човечкиот род, потполно и конечно се оствари преку Неговото тридневно воскресение. Сè што беше пророкувано и очекувано во Стариот Завет, кога се исполни времето[2], се оствари во Неговата личност и во Неговото дело: Господ се воплоти, доброволно се распна, се предаде на страдања и смрт, и воскресна во слава и величие.

Затоа, со кој јазик да го искажеме и со кои зборови да го опишеме нашето благодарно ликување?! Со какви стихови долично да ја испееме највеличествената химна за Христовото воскресение?! Исправени во созерцание пред адскиот мрак кој се заканува да нè погуби, а восхитени од Христовото славно воскресение, го слушаме одекнувањето во нас на божествениот глас кој повикува: Врви по Мене![3] Оттаму на овој празник обилно се излева неискажлива радост, та на почетокот од воскресната богослужба, среде ноќта, пееме: „Пријдете, примете светлина од незаодливата Светлина, и прославете Го Христа Кој воскресна од мртвите!“[4]

Возљубени чеда во Господа,

Чудесната вест, објавена од ангелот во тишината на празниот гроб, дека Христос воскреснал, до денешен ден допира до сето создание и постојано донесува нова радост и нови надежи. А Бог, како бесконечен и совршен, немаше потреба од Воплотувањето. Победата над смртта со смрт, Тој не ја извојувал заради Себе, туку за да им дарува живот на оние во гробовите и да ги ослободи заробените од смртта. Па, Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас да нè украси со венецот на победата и на животот!

Бог го создаде светот добар, и за добро, и тој не почива во зло самиот по себе! Оддалеченоста на човекот од Бога е она што чини да се раѓа злото во светот. Затоа, историјата на човештвото изобилува со војни и зла, со освојувања и прогонства, со страдања, неправди и несреќи. Но, најважните војни и битки се оние коишто човекот ги води со себеси, преку личното покајание и враќање кон Бога. Оттаму, ако човекот успее да извојува победа врз самиот себеси, врз својата падната природа, тоа ќе значи дека ја добил и најважната битка во животот!

Спасителот, Господ Исус Христос, го победил злото на Крстот, а оние коишто веруваат ја наследуваат таа победа, сораспнувајќи се со Него. Подвижничкото чување на Божјите заповеди значи човекот да се уподоби на Бога, за, како што вели светиот апостол Павле, да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, сообразувајќи се со Неговата смрт, та некако да го достигнам воскресението на мртвите[5].

Возљубени во Христа воскреснатиот,

Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝ претходеле горчливи солзи. Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност.

И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели[6].

Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,

Оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, одржан во Скопје, во 1945 година, на кој тогашните свештенослужители и народни претставници од слободна Македонија донеле Одлука со која го најавиле воскреснувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Воедно, годинава нашата помесна Црква учествува и во сеправославното прославување на големиот јубилеј – 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кој Црквата ја победи ереста на аријанизмот, успевајќи да го запази учењето за Словото Божјо и, следствено, за вистинитоста на Неговото воплотување. Токму таа божествена вистина, пак, ни ја дава можноста за наше благодатно учество во Неговата природа[7] и за наше совоскреснување со Него!

Затоа, честитајќи ви го Празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со „Христос воскресна“ – „Навистина воскресна“, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ[8]. Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“! Амин!

Честит Велигден!

Христос воскресе!

† СТЕФАН,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

заедно со членовите на Светиот архијерејски синод

на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР,

Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски

† НАУМ,

Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ,

Митрополит Повардарски

† ЈОВАН,

Митрополит Крушевско-демирхисарски

† МЕТОДИЈ,

Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН,

Митрополит Европски

† ИЛАРИОН,

Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ,

Митрополит Тетовско-гостиварски

† ГРИГОРИЈ,

Митрополит Кумановско-осоговски

† ЈОАКИМ,

Епископ Дељадровско-илинденски

† МАРКО,

Епископ Делчевско-каменички

Велигден, 2025.

[1] Јн 11, 25.

[2] Гал 4, 4.

[3] Сп. Мт 4, 19; 10, 38; 16, 24 и Лк 14, 27.

[4] Од Пасхалната богослужба.

[5] Фил 3, 10 и 11.

[6] Јн 15, 12 и 13.

[7] Сп. 2 Птр 1, 4.

[8] Сп. 1 Кор 6, 14.

[1] Ис 9, 6.

[2] Сп. Јн 3, 16.

[3] Сп. Мт 2, 3.

[4] 1 Кор 12, 4–7.

[5] 1 Птр 4, 10.

[6] Сп. 1 Кор 12, 12–31.

[7] Св. Иринеј Лионски, Против ересите, 4. 20.

[8] Рим 12, 10.

[9] Рим 14, 17.

[10] Ефес 4, 3.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Германската војска ги забрани кинеските возила поради страв од шпионажа

Германските вооружени сили се во состојба на висока готовност бидејќи, по забраната за употреба на беспилотни летала од кинеско потекло, политичкото и военото раководство сега го ограничуваат пристапот до објектите и на кинеските возила.

Германската војска ги забрани кинеските возила поради страв од шпионажа

Настаните во Германија се забрзуваат откако Германската воена контраразузнавачка служба откри дека постојат сериозни стравувања дека податоците од камерите и сензорите на новите автомобили се пренесуваат до кинеските државни разузнавачки служби, како што покажуваат доверливите документи, објави Carandmotor.gr.

За да се реши овој проблем со можна шпионажа, раководството на Министерството за одбрана одлучи да им забрани на кинеските автомобили да влегуваат во чувствителни воени објекти поради ризикот од снимање податоци од нивните камери и сензори.

Поточно, воениот персонал што управува со вакви возила мора да ги паркира надвор од објектите и да влегува во нив пеш, и покрај фактот дека до денес нема јавно документирани докази дека некој од овие автомобили испратил податоци до кинеските разузнавачки служби.

Германското министерство за одбрана појаснува дека ограничувањето се однесува генерално на „поврзани“ возила и не е насочено кон специфичен список на брендови или земји, иако пред неколку дена, угледни германски медиуми објавија дека во рамките на војската циркулираат списоци на специфични кинески модели на кои им е забранет влез во областите означени како безбедносни зони.

Сепак, портпаролот на надлежното министерство на прес-конференција изјави дека командантите на локалните единици ќе бидат одговорни за утврдување на правилата за пристап, што укажува дека не постои единствен, објавен список на забранети модели.

Секако, вреди да се напомене дека Германија не е единствената земја што презема вакви чекори, бидејќи во февруари и октомври 2026 година, Полска и Турција, соодветно, воведоа ограничувања за возила произведени во Кина во воените објекти, наведувајќи ги безбедносните ризици поради протекување на податоци поврзани со истите категории сензори.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Холандскиот премиер се обидува да го спречи распаѓањето на владата поради спорниот данок на богатство

Холандскиот премиер Роб Јетен се обидува да ја спаси својата малцинска влада во понеделник откако коалицискиот партнер VVD гласаше против даночниот план на неговата сопствена влада.

Холандскиот премиер се обидува да го спречи распаѓањето на владата поради спорниот данок на богатство

Холандскиот премиер Роб Јетен се обидува да ја спаси својата малцинска влада откако коалицискиот партнер VVD гласаше против даночниот план на неговата сопствена влада, а спорот околу зголемувањето на данокот на богатство ја доведе коалицијата на работ на колапс, објави Ројтерс.

Јетен ќе разговара со лидерите на VVD и Христијанско-демократската партија. По гласањето, тој рече дека ќе направи сè што може за да ја спаси коалицијата и најави дека ќе се обиде да постигне „нов почеток“.

Кризата избувна поради договорот со левичарската опозиција за поддршка на даночниот план за 2027 година во замена за мало зголемување на даноците на богатство. Коалицијата од три партии, формирана пред помалку од девет месеци, е поделена околу предлогот.

Десничарската, бизнис-ориентирана Народна партија за слобода и демократија (VVD) остро се спротивстави на амандманот, додека центристичката партија D66 на Јетен и Христијанско-демократската партија го поддржаа предлогот. Сепак, планот беше усвоен со тесно мнозинство, благодарение на гласовите на опозициските партии.

Лидерот на VVD, Рубен Брекелманс, го опиша гласањето како „разочарувачко“ и рече дека неговата партија сериозно ќе го преиспита својот став. Излегувањето на VVD од коалицијата веројатно би значело крај на малцинската влада на Јетен.

Кризата би можела да доведе до нови избори, четврти во Холандија за пет години. Сепак, гласањето не е единствената опција: партиите би можеле да се обидат да формираат нова влада врз основа на постојната распределба на места во Долниот дом на парламентот.

Таквиот договор веројатно би довел повторно до малцинска влада, нешто што главната левичарска опозициска партија Про веќе го отфрли.

Јетен стана најмладиот премиер во холандската историја во февруари. Неговата партија Д66 неочекувано ги доби изборите пред една година, со кампања која ветуваше раскинување со претходната влада, во која доминираше националистот Герт Вилдерс.

Новата влада се соочи со тешкотии од самиот почеток, бидејќи нема мнозинство во ниту еден дом на парламентот и мора да ја обезбеди поддршката од опозицијата за да ги усвои своите предлози. Холандија традиционално е управувана од коалициски влади со парламентарно мнозинство, но нивното формирање е сè потешко поради политичката фрагментација и промените во поддршката на гласачите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во Србија итно се повлечени неколку модели на Шкода- имало опасност за возачите

Патничките возила Škoda Octavia, Superb, Kodiaq и Karoq се повлекуваат од српскиот пазар поради ризик од повреди, беше објавено во системот за брза размена на информации NEPRO за опасни производи.

Во Србија итно се повлечени неколку модели на Шкода- имало опасност за возачите

Повлекувањето се однесува на моделот или моделите Octavia, Superb, Kodiaq и Karoq на Шкода, а видот на ризикот е: Ризик од повреди, објави Телеграф.

Овој случај е регистриран под број на повлекување 134/2026, од 13.11.2026 година. Категоријата на случајот е повлекување на потрошувачки производи.

На засегнатите возила, навлегување на влага може да предизвика корозија на завртката за монтирање на управувачот. Доколку оваа корозија напредува, монтирањето на управувачот може да биде компромитирано. Ова може да доведе до губење на контролата врз возилото (губење на способноста за управување) и да го зголеми ризикот од повреди на учесниците во сообраќајот.

На потрошувачите кои го поседуваат овој производ им се препорачува да проверат дали нивниот модел е засегнат од повлекувањето и да ги следат упатствата на производителот, дистрибутерот или надлежните институции.

Кај возилата опфатени со повлекувањето на моделот „48LS“, завртката за монтирање на механизмот за управување ќе биде заменета со нова, поотпорна на корозија. На веб-страницата www.skoda-auto.rs/ е можно да се провери, со користење на VIN бројот (број на шасија на возилото), дали возилото е опфатено со повлекувањето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер