Велешките Гемиџии – Посебноста на еден град - Канал 5

Велешките Гемиџии – Посебноста на еден град

Седумнаесеттата Вардарска регата што изминатиот викенд низводно од Велес доплови до Гевгелија по четири дена пловење и изминати 120 километри, одново ги разбуди сеќавањата за велешките Гемиџии. Едните, трговци кои по Вардар ја пренесувале својата стока до Солун, а другите, велешките Гемиџии, млади интелектуалци, младинци на возраст од 18 до 22 години, познати и како Солунските атентатори, кои со серијата бомбашки напади во Солун во периодот од 28 до 1 мај 1903 година го предизвикаа вниманието на светската јавност за македонското прашање и судбината на Македонија и и’ покажаа на Европа каков терор трпи христијанскиот народ под османлиско ропство. И едните и другите се автентичен дел од историјата на Велес.

Велешките Гемиџии – Посебноста на еден град

По 12 илјади гемии низ Вардар

Со гемија, по Вардар до Солун, се пловело уште од 1835 година. Поточно, трговијата со Солун по реката Вардар, со помош на гемии започнала во периодот од 1853-1856 година, за време на Кримската војна.

Гемија не е сплав, ами особен вид на брод, кораб, или чамец со носивост од 500 до 600 килограми, со кој велешките трговци ја носеле својата стока до Солун, а оттаму таа со бродови стигнувала до Европа. Гемијата имала шестоаголен облик и ја управувале двајца кормилари. Била долга 8, а широка 3 метри. Се изработувала од топола или бел бор.

Практично, со гемија се носело се’. На пример, сахтијан, фино преработена кожа од коза или овца, која била барана низ Европа. Неа ја користеле дамите за јавање. Или, преку целата година до Солун се транспортирало жито, ориз, афион, тутун, катран, памук, сончоглед... Производи кои биле носени во Велес од цела Македонија, како и од другите балкански земји. Со текот на времето, со гемија се превезувале и побогатите велешки чорбаџии.

Записите за градот од средината на 19 век сведочат дека Велес бил развиен занаетчиски центар со грнчари, калајџии, ковачи, ќурќии, јорганџии, дограмаџии, касапи, цревари... Се тргувало со Солун, Цариград, Виена, Будимпешта, Берлин.

Отпрвин, како и во сите тогашни градови, занаетчиите производите ги носеле или ги разнесувале со каравани од коњи, мазги, магариња, запрежни коли, па и камили. Но, откако зачестиле нападите врз нив и пљачкосувањата на караваните од страна на вооружени банди, велешани се свртеле кон бујниот Вардар што минува низ градот и без пречки води право кон Егејот. Пловноста на реката ги заменила караваните. Веќе немало потреба да се ангажираат луѓе караваните безбедно да стасаат до Солун што ги поевтинило трошоците. Транспортот со гемија имал и уште една предност- патувала три до пет дена по Вардар до Солун. Така, по должината на левиот речен брег на Вардар започнале да никнуваат пристаништа кои воедно биле и градилишта за гемии и сплавови.

Забележано е дека во еден период на Вардар во Велес имало дури 31 скеле, или пристаниште каде се товарела разновидната стока, а дека по реката се пуштале и по 12 илјади гемии годишно, со кои се остварувале значителни трговски приходи.

Гемиите и сплавовите биле за една употреба. Имено, кога ќе допловеле до Солун, гемијата и сплавот кои биле направени од дрво, најчесто топола или бел бор, се растоварал и се растурал, а штиците се продавале како градежен материјал.

Во Велес првите гемии се изработувале на местото викано Врежот, до Мало мовче, на левата страна на Вардар. Таму и се товареле. Всушност, Вардар таму бил доста широк и бил направен мал залив, во кој биле поставени колци и балвани, кои биле наредени надолжно под извесен агол. Гемијата на Велес му има донесено голем просперитет во времето на националната преродба и го направила голем трговски, културен, образовен и духовен центар на Македонија. Се до доаѓањето на железницата во 1873 година и пуштањето на железничката пруга Солун - Велес во 1873 година кога железницата станува побрз и поефикасен начин за транспорт на стока поради што и гемиџиството полека замира.
Се арчиме за Македонија

Колку гемиџиството како воден траспорт замира, толку во Велес се зајакнува непокорот. Се појавуваат едни нови Гемиџии – Солунските атентатори кои во предвечерието на Илинденското востание ги извршија познатите бомбашки напади во Солун. Велешкиот споменик на кејот на левиот брег на реката Вардар, дело на академскиот скулптор Станко Павлевски, со импозантна височина од 6,5 метри и сплет од 12 зраци, ги симболизира дванаесеттемина Гемиџии, речиси сите велешани. Крај споменикот е поставена плоча со нивните имиња: Јордан Поп Јорданов – Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов, и нивната историска порака - Се арчиме за Македонија.

Заедничка нишка што ги сплотува овие млади интелектуалци, идеалисти е што се определиле да загинат за татковината, за слободата и за човековите права. Што наумиле со своите животи да постигнат големи резултати и притоа да нема други жртви од нивните дела, освен тие самите.
Гемиџиите алијас Солунските атентатори, всушност биле посебна автономна група или таен македонски кружок формиран под влијание на Македонскиот таен револуционерен комитет. За тоа зошто се нарекле Гемиџии, постојат повеќе верзии. Една од нив е дека гемиџиите го добиле ова име затоа што сакале на симболичен начин да кажат дека тие биле луѓе што веќе се простиле од животот и го пуштиле својот чун - гемија во бурното море со што или ќе успеат да го извадат на брегот или ќе го разбијат од карпите, односно нема да успеат во намерите. Друга претпоставка е алегоријата „гемии на суво” со што тие сакале да ја искажат положбата на својата земја Македонија. Сметале дека резултатите можат да се постигнат преку загрозување на интересите и капиталот на големите сили во Отоманската Империја, а преку нападите и човечките жртви самата империја да се држи во неизвесност.

Во нивната агенда имало планови за напади и атентати низ повеќе градови во европскиот дел на Отоманската Империја. Кон крајот на 1899 година требале да извршат атентат на турскиот султан Абдул Хамид втори за време на неговата молитва во Цариград, но тие се откажале од намерата сметајќи дека е планот тешко остварлив.

Се чинело дека Солун е поподатен за нивната акција. И навистина. Целта на Солунските атентати од 1903 година била да се нападне најзначајниот европски град во Османлиската Империја за да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање.

Нападите започнале со експлозијата на францускиот брод Гвадалкивир. Експлозивот бил поставен од Павел Шатев. Истата вечер Арсов, Мечев и Трчков поставиле експлозив на возот кој се обраќал на релација Цариград – Солун. Оштетувањата биле мали. Константин Кирков на 29 април поставил мелинит под мостот каде минувале цевки од гасовод кој бил за осветлување и градот се нашол во темнина. Потоа Јордан Поп Јорданов го запалил фитилот со што ја разнел Отоманската банка. Трчков и Мечев се обиделе да го кренат во воздух главниот резервоар во фабриката за осветлување, но биле спречени од чуварот. По неуспехот тие се разделиле, при што Трчков активирал една бомба во поштата, а Мечев фрлил две бомби во кафеаната Египет. По нападите тие двајца се забарикадирале во своето живеалиште и речиси цела ноќ жестоко се бореле со жандармеријата и војската, пред да се самоубијат. Милан Арсов фрлил бомба во кафеаната Алхамбра, Кирков фрлил бомба кај Гранд Хотел, Пингов се обидел да го потпали Бошњак ан по што бил убиен, а Богданов фрлил една бомба пред кафаната Ноњо. Ноќта спроти 30 април одекнале неколку експлозии, а тогаш загинале Трчков, Мечев и Пингов. На 1 мај 1903 Цветко Трајков направил обид за убиство на солунскиот валија Хасан Фехми – паша но не успеал по што извадил една бомба ја активирал, седнал на неа и се разнел пред очите на валијата. Последната акција била изведена од страна на Кирков кога се обидел да активира бомба во телеграфската станица, но бил прободен од стражарот.

Со саможртвата што ја дале Гемиџиите, целта била постигната. За Македонија и македонското прашање уште како се слушнало.

/ Кети Мицковска за МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хуманоидните роботи се подготвени за масовен влез во фабриките- до 2035. би се произведувале 1,5 милион годишно

Хуманоидните роботи наскоро би можеле да станат вообичаена глетка во фабриките и магацините, а нивното производство во Соединетите Американски Држави би можело да достигне дури 1,5 милиони единици годишно до 2035 година. 

Хуманоидните роботи се подготвени за масовен влез во фабриките- до 2035. би се произведувале 1,5 милион годишно

Ова го предвидува инвестициската банка JPMorgan, која очекува индустријата за хуманоидна роботика брзо да се развива во текот на следната деценија.

Според анализа објавена од Ројтерс, американското производство на хуманоидни роботи би можело да достигне помеѓу 300.000 и 400.000 единици годишно до 2030 година. Пет години подоцна, тој број би можел да биде речиси четири пати поголем.

Најголема побарувачка се очекува во производството, логистиката и магацините, каде што роботите би можеле да преземат повторувачки рачни задачи. Недостатокот на работна сила и сè поповолните оперативни трошоци дополнително го стимулираат интересот на компаниите за оваа технологија.

JPMorgan проценува дека трошоците за ангажирање хуманоидни роботи веќе се приближуваат до трошоците за човечки труд. Според нивните пресметки, користењето роботи во повеќе смени би можело да им заштеди на некои компании околу 100.000 долари годишно.

Сепак, масовното производство е сè уште далеку од едноставно. Аналитичарите предупредуваат дека роботските раце, актуаторите, системите за вештачка интелигенција и производствениот капацитет претставуваат најголеми пречки за понатамошен развој. Роботите мора сигурно да манипулираат со предмети, да се движат низ сложени средини и да извршуваат задачи без постојана човечка помош.

Повеќето американски производители, со исклучок на Тесла, моментално планираат да произведуваат помеѓу 10.000 и 30.000 хуманоидни роботи годишно. Меѓу компаниите што JPMorgan ги издвојува се Тесла со својот робот Оптимус, Бостон Дајнамикс со својот Атлас, Фигура АИ, Агилити Роботикс и Аптроник.

Се очекува силен раст и на пазарот на компоненти. JPMorgan проценува дека пазарот за клучни делови за хуманоидни роботи, вклучувајќи мотори, актуатори и системи за машински вид, би можел да достигне речиси 30 милијарди долари до 2035 година.

Доколку предвидувањата се остварат, хуманоидните роботи би можеле да станат важен дел од индустриското производство во следната деценија. Сепак, колку брзо ќе преминат од демонстративни видеа до секојдневна работа ќе зависи од нивната сигурност, цена и способноста на производителите да ги произведуваат во големи количини.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Германската влада потрошила 5,8 милиони евра за мебел и декорирање- на граѓаните им препорачуваат да штедат

Граѓаните се соочуваат со растечки трошоци и намалувања на јавните услуги, додека федералната влада троши милиони евра за мебел, осветлување и декорација, тврди Германското здружение на даночни обврзници.

Германската влада потрошила 5,8 милиони евра за мебел и декорирање- на граѓаните им препорачуваат да штедат

Од почетокот на тековниот мандат на Бундестагот во мај 2025 година, федералната влада потрошила околу 5,8 милиони евра за нов мебел, опрема за простории и декорација. Бројките беа објавени во одговорот на владата на пратеничко прашање од пратеничката група на Алтернатива за Германија (AfD) во Бундестагот.

Бројките предизвикаа остри критики од Германското здружение на даночни обврзници.

Претседателот на здружението, Рајнер Холцнагел, особено го критикуваше она што го опиша како несовпаѓање помеѓу повиците до граѓаните да штедат и трошењето во рамките на државниот апарат.

„Наводно нема простор за намалување на финансискиот товар врз граѓаните, но кога станува збор за самиот државен апарат, ременот е доста лабав - кога станува збор за декорација и такви работи“, изјави Холцнагел за германскиот весник „Ноје Оснабрикер Цајтунг“.

Министерствата за надворешни работи, одбрана и финансии се меѓу најголемите трошачи

Шеснаесет федерални министерства потрошиле вкупно околу 5,8 милиони евра од мај 2025 година. Оваа сума вклучува не само класичен мебел, туку и ламби, теписи, завеси, слики, скулптури и украсни растенија.

Министерството за надворешни работи издвоило пари специјално за мебел и декорација. Од почетокот на тековниот мандат, потрошило вкупно 840.062 евра за мебел, ламби, теписи и декорација. Само во 2026 година, околу 256.000 евра биле издвоени за ламби, теписи и завеси.

Министерството за одбрана е на второ место со околу 813.000 евра. Федералното министерство за финансии, исто така, евидентирало значителни трошоци. Одделот предводен од министерот за финансии Ларс Клингбеил (SPD) инвестирал повеќе од половина милион евра во мебел, опрема и декорација од мај 2025 година.

Министерството за финансии е на врвот на листата по трошоци за декорација

Податоците за трошоците за декорација се особено интересни. На прво место е Министерството за финансии, кое од мај 2025 година издвои вкупно 45.077 евра за оваа намена. Ова значи дека овој оддел учествува со повеќе од една четвртина од вкупните трошоци за декорација на федералната влада.

Министерството за финансии, исто така, евидентираше значителни трошоци за опремување на канцеларии на највисоко ниво на управување. Само во 2026 година, досега се потрошени 47.737 евра за реновирање и повторно опремување на овие канцеларии.

За Здружението на германски даночни обврзници, овие бројки се причина да се преиспита политиката на трошење на федералната влада. Холцнагел смета дека оние кои бараат заштеди од граѓаните мора да ги применуваат истите стандарди и во своите институции и министерства.

Според него, Комитетот за буџет на Бундестагот има посебна одговорност, што сега може да покаже колку сериозно политичарите ги сфаќаат најавените мерки за штедење.

Оваа контроверзност повторно го отвора поширокото прашање за одговорноста на федералната влада во ракувањето со парите на даночните обврзници. Особено во време кога јавните финансии се под притисок, граѓаните внимателно ќе следат на што политичарите ги трошат своите пари.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Најпопуларниот Јутјубер на светот одигра тајбрејк со Серена, доби предност од 6:0 (ВИДЕО)

Серена Вилијамс се врати на теренот по пензионирањето. 

Најпопуларниот Јутјубер на светот одигра тајбрејк со Серена, доби предност од 6:0 (ВИДЕО)

Една од најголемите, а според многумина и најголемата тенисерка на сите времиња, одигра еден натпревар на Вимблдон, го загуби, а сега се врати на теренот во интересен судир.

Американската тенисерка го прифати предизвикот и ги вкрсти рекетите со најпопуларниот стример и јутјубер во светот, „Спид“. Американскиот јутјубер имаше и голема предност во тајбрејкот што го одиграа. Тој доби предност од 6:0, па му требаше само еден поен за победа.

Дуелот започна, „Спид“ го имаше првиот сервис, меѓутоа, Серена освои осум последователни поени со прилично бавно темпо и славеше. Беше многу јасно дека дури и со 10% од нејзината сила во играта (можеби и помалку) Серена немаше проблем да го добие овој необичен натпревар. „Спид“ беше нервозен, фрлајќи го својот рекет, ништо не помогна. Легендата е легенда на крајот на краиштата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер