Вејд: Сакав да го напуштам Мајами во 2010 година, но тогаш ми се јави Леброн

Двејн Вејд можеше да ги напушти Мајами хит во 2010 година. Според легендарниот кошаркар на Мајами, тој сериозно размислувал за опцијата да се пресели во Чикаго како слободен играч.

- Морам да кажам дека во тој момент сакав да го напуштам Мајами. Не верував дека некој што ќе го добиеме ќе ни помогне да го достигнеме нивото што ни треба. Не дека беа лоши играчи...а сепак не беа доволно добри. Во тоа време сакав да бидам дел од тим кој може да победува. Мислев дека тимот од мојот роден град (Чикаго) е способен да победи. Се враќам дома... Тоа беше моето размислување кога влегов на пазарот за слободни агенти. Но, тогаш ми се јави Леброн...“, изјави Вејд.

Во 2010 година, Хит ги здружи Вејд, Леброн Џејмс и Крис Бош, а тимот двапати ја освои шампионската титула во НБА-лигата./МИА

Голем пожар во рускиот град Казан предизвикан од украински дронови

Голем пожар беше предизвикан денеска од напад на украинско беспилотно летало врз енергетски објект во Казан, Русија, соопштија локалните власти.

Во предградието на Казан, главниот град на руската република Татарстан, „се запали резервоар за гас по напад со дрон“, соопшти локалната власт на каналот Телеграм.

Во соопштението се наведува дека нема повредени и дека претседателот на Татарстан Рустам Миниханов дошол да го посети местото на пожарот.

Локалните медиуми објавија снимка од голем пожар во магацин за течен гас во близина на хемиска фабрика.

Покрај тоа, индустриска зграда е оштетена во напад со дрон врз градот Енгелс, во областа Саратов, што се наоѓа на околу 700 километри југоисточно од Москва и на околу 500 километри од украинската граница, напиша на Телеграм регионалниот гувернер Роман Бусаргин.

Тој соопшти дека наставата во училиштата во Саратов и Енгелс денеска ќе се одржува од далечина поради нападите со беспилотни летала.

На 8 јануари, Енгелс исто така беше цел на голем напад со беспилотни летала што предизвика пожар во нафтениот комплекс.

Според властите, во тој пожар загинаа двајца пожарникари, а стихијата била ставена под контрола дури пет дена по неговото избувнување.

Украина редовно напаѓа воени цели и енергетски локации во Русија како одговор на нападите на Москва на нејзина територија од 2022 година.

Германскиот министер за одбрана пристигна во ненајавена посета на Киев

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пристигна во Киев на разговори со украинската Влада, во посета која претходно не беше најавена од безбедносни причини, јави ДПА.

По пристигнувањето, Писториус за ДПА изјави дека за време на посетата сака да разговара за дополнителната помош и да добие идеја за воената ситуација.

Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, потсетува германската агенција.

Самит на НАТО сојузниците од Балтикот во Хелсинки

Финскиот претседател Александар Стуб и естонскиот премиер Кристен Михал денеска ќе бидат домаќини на Самит на земјите членки на НАТО од регионот на Балтичкото Море што ќе се одржи во Хелсинки. 

Според најавите, на Самитот ќе учествуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, претседателите на Летонија и на Литванија, Едгарс Ринкевичс и Гитанас Науседа, германскиот канцелар Олаф Шолц, данската премиерка Мете Фредериксен и премиерите на Полска и на Шведска, Доналд Туск и Улф Кристершон.

Тема на Самитот, што ќе се одржи во Претседателската палата во Хелсинки, ќе биде безбедноста во регионот на Балтичкото Море, особено мерките потребни за обезбедување на критичната подводна инфраструктура.

Како што соопшти Кабинетот на Стуб, дискусијата на средбата ќе биде фокусирана и на зајакнување на присуството на НАТО во Балтичкото Море и на одговор на заканата од т.н. „руската флота во сенка“.

Терминот „флота во сенка“ се користи за бродови кои се користат за „тактики за прикривање на шверц на стоки под санкции“ со цел да се заобиколат меѓународни или еднострани рестриктивни мерки за увоз или извоз на овие производи, кои може да вклучуваат енергенси, железо, луксузни производи, оружје, воени технологии итн. Во конкретниот случај станува збор за користење на трговски бродови за заобиколување на западните санкции кон Русија воведени поради нејзината агресија врз Украина.

притисни ентер