Вечерва СДСМ одлучува за најавената оставка на Заев

Една недела по средбата Заев-Гаши, раководства на СДСМ и Алтернатива вечерва ќе одлучуваат -  каква ќе биде судбината на владејачкото мнозинство.

Се очекува социјалдемократите на Извршен и Централен одбор да ја констатираат оставката на лидерот на партијата Заев и да ја почнат процедурата за избор на неговиот наследник кој би ја презел и функцијата мандатар за состав на нова Влада... Најспоменуван функционер е заменик-министерот Димитар Ковачевски, но, партиски извори за Канал 5 брифираат дека во трката се очекува да влезат тројца или повеќе кандидати...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски денеска не сакаше да коментира за внатрепартиските одлуки на СДСМ, но кажа дека не очекува драстични промени по заминувањето на Заев од функцијата.

Состанок вечерва одржува и Алтернатива- откако Гаши ги отвори картите на средбата со Заев, сега раководството треба да каже дали се за влез во Владата или пак ќе останат на опозициската страна. За распределба на ресори Гаши во петокот тврдеше дека воопшто не разговарал со премиерот, туку за државните интереси и како да се задржи европскиот курс на земјата. За српска “Политика” лидерот на Алтернатива вели дека од СДСМ најпрво бараат еднаков третман како и за другите партии во Владата.

-Ако СДСМ и ДУИ сакаат само четири пратенички гласови, а притоа не сакаат нашата програмска определба да биде опфатена во владината програма и ако не се подготвени за воспоставување рамнотежа помеѓу политичките актери во власта, немаме некој посебен интерес да се приклучиме во таа Влада. Затоа не можам да го прејудицирам исходот. – Африм Гаши – претседател на Алтернатива.

По неуспешното гласање за уривање на Владата месецов, силите во Собранието останаа изедначени, 60-60. Првиот тест за пребројување и функционалноста на Парламентот ќе биде Буџетот, кој се очекува да се гласа на 9ти декември на закажаната пленарна седница.

„Гардијан“: Додека Белград го пречекува Си, остатокот од Европа е под кинески шпионски напад

Додека Белград го пречекува Си со највисоки почести, остатокот од Европа е под кинески шпионски напад, апсења низ целиот континент.

Кинескиот претседател Си Џинпинг е во посета на Србија на втората етапа од својата европска турнеја, а властите ширум Европа се борат со бран шпионски напади, за кои има сомневање дека ги спроведува Кина, пишува „Гардијан“.

Британскиот премиер Риши Сунак вчера откри дека „злонамерен актер“ ја компромитирал евиденцијата за платите на британската војска, а извештаите сугерираат дека зад тоа стои Кина, наведува весникот

Во еден случај, тројца германски државјани беа уапсени под сомнение дека организирале пренос на информации за чувствителна технологија во Кина. Во друг случај, еден човек по име Џијан Г, кој работел за германски европратеник од екстремната десница, бил уапсен под сомнение за шпионажа. Максимилијан Кра, европратеник на Алтернатива за Германија, за кого работеше Џијан Г, негираше каква било вмешаност.

Во Белгија, властите во јануари отворија кривична истрага против екстремно десничарскиот политичар Франк Крејелман , откако истрага на „Фајненшел Тајмс“, „Шпигел“ и „Монд“ покажа дека тој бил користен неколку години како средство на кинеската разузнавачка служба.

Експертите велат дека неодамнешното зголемување на апсењата и истрагите го одразува променливото расположение во Европа кон кинеските закани.

Во Берлин нападната сенаторка, трет напад врз владин политичар за само неколку дена

 Во Берлин физички е нападната сенаторката за економија и поранешна градоначалничка Франциска Гифи од Социјалдемократската партија на Германија, (СПД).

Ова е трет последователен напад врз владини политичари за само неколку дена.

Гифи вчера попладне била нападната од непознат маж во библиотека во Берлин со удар со торба во главата, по што и била укажана прва помош.

По нападот напаѓачот успеал да побегне.

- По првичниот шок, сега сум добро. Благодарна сум за добрите желби и се враќам на работа, изјави Гифи денеска.

Минатиот викенд во Саксонија беше претепан и тешко повреден кандидатот на СПД за изборите за Европскиот парламент, Матијас Еке, додека лепел изборни плакати.

Непосредно пред тоа беа нападнати и политички активисти на партијата Зелени.

Кремљ одби да го коментира украинското тврдење за планиран заговор за убиство на Зеленски

 Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека малку е веројатно дека тоа се точни информации, пренесуваат британските медиуми.

Кремљ не ги коментираше украинските тврдења за приведени руски агенти во Украина кои планирале да го убијат шефот на украинската држава, Володимир Зеленски, но портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека малку е веројатно дека тоа се точни информации, пренесуваат британските медиуми.

Украинската служба за безбедност вчера соопшти дека фатила двајца агенти, кои работеле за Русија, за планирање убиство на Зеленски и други високи политичари како „подарок“ на рускиот претседател Владимир Путин за неговата инаугурација.

Песков, истовремено, одби да даде коментар и за тоа дали руската војска користи ракети произведени во Северна Кореја, како и за украинските тврдења дека ги испитува остатоците од таквите проектили. Тој изјави дека работата е воена, па затоа не може да зборува за тоа, пренесуваат руските медиуми.

На прашањето дали Русија пренесува преработена нафта во Северна Кореја со што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Песков кажа дека Кремљ го цени својот однос со Пјонгјанг.

-Имаме намера да ги развиеме во сите можни области, рече тој, додавајќи дека Северна Кореја „е наш добар и многу перспективен партнер“.

Британските медиуми вчера цитираа неименуван извор од американската Влада дека руските пратки на преработена нафта го донеле севернокорејскиот увоз „над границата на Советот за безбедност од 500.000 барели годишно“.

притисни ентер