Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов - Канал 5

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Музичката програма на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со украинската вечер во чии рамки ќе одржи солиситички концерт на пијанистот, маестро Алексеј Ботвинов. 

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист повеќе од 300 пати ги има изведено „Голдберг варијациите“ на Бах.

Ботвинов има концертирано на сцени во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.

Во ноември 2015 година Ботвинов беше прогласен за Народен уметник на Украина - највисоко национално уметничко признание, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање па до денес, фестивалот има сензационален успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина и еден од водечките фестивали во Европа.

Во 2020 година Алексеј Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ што му ја доделува Швајцарската влада.

Во 2021 година Ботвинов започнува соработка со виолинистот Даниел Хоуп со кој има снимено це-де за продукциската куќа „Дојче Грамофон“ со музика на Алфред Шнитке. По успехот на ова издание, овие двајца уметници повторно соработуваат во 2022 година снимајќи це-де во добротворни цели со наслов „Музика за Украина“, а подоцна истата година снимаат и издание посветено на музиката на украинскиот композитор Валентин Силвестров. Последното снимено издание на Ботвинов што ги содржи третиот концерт на Филип Глас и Двојниот концерт на композиторот Тан Дун треба да биде промовирани ова лето.

За настапот на маестро Ботвинов е резервирана сцената на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се Бах, Шопен, Брамс, Скорик, Силвестров, Караманов и Рахмањинов. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Иднината на Кристијано Роналдо во националниот тим сè уште е неизвесна

По тешката победа над Хрватска, легендата на светскиот фудбал, Кристијано Роналдо се осврна на својата иднина во португалската репрезентација. 

Иднината на Кристијано Роналдо во националниот тим сè уште е неизвесна

Пред натпреварот, неговата сестра Катја Авеиро изјави дека ова Светско првенство е неговиот „последен танц“.

Нејзините зборови одекнаа само неколку часа пред клучното осминафинале во Торонто, но по натпреварот, Роналдо понуди поумерена перспектива за ситуацијата.

По победата од 2-1 што го обезбеди пласманот на Португалија во четвртфиналето и ја испрати Хрватска дома, Роналдо брзо ги отфрли коментарите на неговата сестра.

„Мојата иднина не е важна во моментов. Ќе разговарам... Има време; без разлика дали ќе победиме или ќе изгубиме, ќе разговарам со моето семејство, а потоа ќе ја донесам најдобрата одлука. Повеќе не донесувам одлуки во моментот; сега сè правам мирно. Она што е важно сега е уживање во сегашноста“, рече тој.

Според податоците на Transfermarkt, Роналдо одиграл 232 натпревари за Португалија, постигнувајќи 146 гола и 46 асистенции.

ФИФА го прогласи Роналдо за играч на натпреварот, но спротивно на стандардната практика, тој не зборуваше во мешаната зона, давајќи интервјуа исклучиво за телевизиските куќи кои ги имаат правата.

„Моравме да знаеме како да страдаме денес. Да се ​​победи во натпревар од ваков размер, тоа е неизбежно. Беше многу забавен натпревар за гледачите. Ја контролиравме играта доста добро во првото полувреме, додека второто беше похаотично. Тие постигнаа гол, а ние бевме малку потресени, но пресвртот дојде кога го реализиравме пеналот. Натпреварот стана полесен после тоа. Сè уште имаше тешкотии, но така е на ваков турнир и мора да продолжиме напред“, рече тој, анализирајќи го натпреварот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Вицегувернерот Величковски: Монетарната политика и платните системи се двата столба на современото централно банкарство

Ефикасноста на монетарната политика е тесно поврзана со развиеноста на финансиските пазари, поради што реформите коишто континуирано ги спроведува Народната банка претставуваат важна основа за зачувување на стабилноста .

Вицегувернерот Величковски: Монетарната политика и платните системи се двата столба на современото централно банкарство

„Ефикасноста на монетарната политика е тесно поврзана со развиеноста на финансиските пазари, поради што реформите коишто континуирано ги спроведува Народната банка претставуваат важна основа за зачувување на стабилноста и поттикнување одржлив развој на финансискиот систем“, пишува вицегувернерот Игор Величковски во своето обраќање во билтенот на Македонската банкарска асоцијација (МБА), во коешто се осврнува на клучните активности што ги презеде Народната банка во изминатиот период со цел зајакнување на преносните механизми на монетарната политика, како и на новините во платниот систем, кој претставува клучен сегмент од современата финансиска инфраструктура.

„Со измените во оперативната монетарна рамка, усвоени кон крајот на минатата година се забележлува подобрување на функционирањето на меѓубанкарскиот пазар на пари, каде што пократката рочност на основниот монетарен инструмент придонесе за подинамично управување со ликвидноста и формирање на пазарните каматни стапки блиску до нивото на референтната стапка на Народната банка. Ова дополнително ја зајакнува ефикасноста на монетарната политика, особено во услови на зголемена неизвесност“, истакнува Величковски.

Тој во своето обраќање нагласува дека изминатите неколку години претставуваат период на суштински реформи во областа на платежните услуги и платните системи. Народната банка спроведе реформи што ја зголемија конкуренцијата, ја подобрија заштитата на корисниците и ја зајакнаа безбедноста на плаќањата. Со усогласувањето со европските стандарди и пристапувањето кон СЕПА, се овозможија побрзи и поевтини плаќања во евра, а во моментов Народната банка е насочена кон воспоставување на новиот систем за инстант плаќања заснован врз клонот на ТИПС, кој се развива во рамките на иницијативата на Европската централна банка за земјите од Западен Балкан.

„Овој систем ќе овозможи извршување на плаќањата во денари во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, поставувајќи нови стандарди за брзина, достапност и корисничко искуство. Истовремено, тој ќе создаде основа за регионално поврзување на платните системи и постепена интеграција со европската платежна инфраструктура, овозможувајќи така побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра со земјите од Западен Балкан и Европската Унија“, нагласува вицегувернерот Величковски, посочувајќи дека новата инфраструктура ќе поттикне и развој на иновативни решенија за поедноставно иницирање на плаќањата преку мобилни апликации, што ќе овозможи поекономично прифаќање на плаќањата на продажните места, како и побрзо располагање со средствата од страна на трговците.

Вицегувернерот Величковски потенцира дека постигнатите резултати се засноваат врз заедничките напори на Народната банка и Министерството за финансии како регулатори, на банките, останатите даватели на платежни услуги и другите релевантни институции, како и на континуираната координација меѓу сите засегнати страни. Партнерскиот пристап претставува силна основа врз која се надградуваат тековните реформи и развојните проекти, коишто и во наредниот период ќе бидат насочени кон понатамошна модернизација, европска интеграција и унапредување на платежните услуги во интерес на граѓаните и компаниите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Претставата „Кокошка“ со специјална награда на престижниот фестивал „Kolyada Plays“ во Русија

Претставата „Кокошка“, во продукција на независниот театар Вортекс и копродукција со НУ Театар Комедија, ја освои Специјалната награда од Kolyada Theatre од стручното жири составено од истакнати театарски уметници на XIX Меѓународен фестивал.

Претставата „Кокошка“ со специјална награда на престижниот фестивал „Kolyada Plays“ во Русија

Претставата „Кокошка“, во продукција на независниот театар Вортекс и копродукција со НУ Театар Комедија, ја освои Специјалната награда од Kolyada Theatre од стручното жири составено од истакнати театарски уметници на XIX Меѓународен фестивал на современа драматургија „Kolyada Plays 2026“, што се одржа во Екатеринбург, Русија.

Со ова признание, претставата ја доби препознатливата фестивалска награда „Метална комета“, во конкуренција на 28 театарски продукции.

Специјалната награда на фестивалот се доделува во форма на метална ѕвезда со опашка – симболично наречена „Метална комета“, заедно со голем клинец, според идејата дека „кометата треба да се заковa за ѕидот за да не одлета“. Автор на овој препознатлив фестивалски симбол е сценографот Владимир Кравцев.

Фестивалот „Kolyada Plays“ е еден од најзначајните и највлијателни театарски фестивали во Русија и пошироко во Источна Европа, основан во 2008 година од рускиот драмски автор, режисер и педагог Николај Кољада — една од клучните фигури на современата руска драматургија. Неговите текстови се поставувани на сцени низ Европа, а фестивалот со години претставува важна платформа за нова драматургија, авторски театар и меѓународна размена на современи сценски практики.

„Кокошка“ е работена по текст на драмскиот автор Николај Кољада, а режијата ја потпишува Теодора Силјаноска. Во претставата настапуваат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимограф е Марија Пупучевска, соработник за сценско движење Дарко Велиќ, изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска, а дизајнот на плакатот го изработи Михаил Велески.

Претставата го истражува копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сè постуден и поапатичен. Низ апсурд, импровизација и секојдневни ситуации, ликовите создаваат жив театарски чин како обид да се соочат со внатрешниот хаос и нарушените општествени вредности.

„Кокошка“ е приказна за младоста – немирна, искрена и гладна за промени, која се судира со стравот, рамнодушноста и затворените системи. Како џез-импровизатори, ликовите играат против непредвидливото, барајќи простор за надеж, слобода и човечност.

Независниот театар Вортекс е колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и општествено ангажираниот театар. Неговите членови развиваат авторски продукции, работилници и меѓународни соработки, истражувајќи физички театар, поетска драматургија и експериментален сценски јазик.

Ова не е прво значајно признание за „Кокошка“. Претставата претходно триумфираше и на 10. издание на PITF „Burbuqe Berisha“, каде што ја освои Наградата за најдобра претстава, додека Биљана Драгиќевиќ-Пројковска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот.

Од следната сезона претставата може да се погледне на малата сцена на Театар Комедија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер