Веб страницата на ФИТР цел на хакерски напад

Веб страницата „fitr.mk" на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) беше цел на хакерски напад во неделата вечер, на 28 јуни, и во претпладневните часови во понеделникот, на 29 јуни.

Нападот, како што соопшти ФИТР, е согледан при интервенција од техничка екипа за санирање на последиците и враќање на функционалноста на веб страницата. Притоа, веднаш е пријавен до Одделот за компјутерски криминал при МВР. Во текот на денов се очекува и увид од страна на службени лица, како и натамошно постапување.

-Со хакерскиот напад се оневозможени повеќе функции достапни за граѓаните и компаниите, вклучително и аплицирање за тековни јавни повици. Нападот се случува на помаку од 24 часа пред затворање на рокот за доставување апликации во рамки на Јавниот повик за технолошки развој за брзо прилагодување од КОВИД-19. Јавниот повик е една од мерките од третиот сет владина поддршка за заздравување на македонската економија. Во изминатите 30 дена колку што траеше јавниот повик, над 2.100 микро, мали и средни компании подигнале апликациски пакети, што е рекордно висок одзив од сите досегашни јавни повици, наведува ФИТР.

Поради настанатите тешкотии во аплицирањето, како и исклучително високиот интерес кај домашните компании, Фондот донесе одлука да се пролонгира рокот за доставување на апликациите до 03.07 (петок), до 14.00 часот.

-Фондот остро го осудува обидот за нарушување на редовното функционирање на процесите, особено во услови кога на домашните микро, мали и средни компании им е потребна државна поддршка за надминување на последиците од здравствената криза. Остануваме посветен на својата мисија и поддршката за домашните компании, а транспарентноста, отчетноста и двонасочната комуникација и понаму ни се основен императив во функционирањето и дејствувањето, стои во соопштението од ФИТР.

Предвреме ќе се исплатат септемвриските пензии

Владата на денешната седница донесе одлука во понеделник, на 28 септември 2020 година да се врши исплата на пензии со висина до 11.000 денари.

Во вторник, на 29 септември 2020 година да се исплаќаат на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари,

Во среда, на 30 септември 2020 година да се врши исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари и во четврток, на 1 октомври 2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

– Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за септември 2020 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25 септември 2020 година за да се обезбеди пензионерите со септемвриските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 28 септември2020 година во четири групи, информираа од владината прес-служба.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита, за септември 2020 година, според која податоците за корисниците на парични права од социјална заштита до деловните банки најдоцна до 2 октомври 2020, по што деловните банки треба да обезбедат достапност на средствата за паричните права од социјална заштита за месец септември преку банкомати и во трговските мрежи од 5 октомври 2020 година.

Владата даде зелено светло за изградба на пруга до Албанија

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за изградба на железничката пруга Кичево – граница со Р. Албанија во две фази.

Владата го задолжи Министерството за финансии да достави Барање за изразување интерес до меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори за обезбедување на финансиски средства во износ од 426 милиони евра за финансирање на првата фаза од проектот делница Кичево – Струга, како и грант средства за техничка помош на овој проект.

Владата ја усвои и Информацијата со која ја одобри апликацијата за тековни проекти на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници за финансирање преку грантови за техничка помош на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), сопшти владината прес-служба.

Студентските и средношколските домови ќе се отворат со намален капацитет,одбиените ќе добијат надомест

На 5-тата владина седница, што се одржа денеска, е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови.

Тие треба да бидат отворени со почитување на Протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

Во таа насока, на предлог на Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави Предлог – закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог – закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.

– Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата , информираа од владината прес-служба.

Соопштија дека студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.

Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

притисни ентер